- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Главниот проблем на традиционалната руска и советска кујна е големата количина на прости јаглехидрати во оброците. Тоа се компирот, лебот, слатките и солени печива, тестенините, благото како џемовите и бонбоните“, вели нутриционистот и диететичар Екатерина Маслова. „Таа количина е разбирлива, таквата храна е најевтина, и многу брзо создава илузија на ситост. Но, за жал, не за долго“.
По простите јаглехидрати, шеќерот во крвта брзо опаѓа, и човек повторно почнува да чувствува глад. Затоа на секои час-два се залажува со некоја храна, или пие чај со бонбони, поради што неговата телесна тежина се зголемува, а нивото на енергија му се намалува.
Доколку не сакате да се здебелите и сакате да се чувствувате добро, треба да се откажете од изобилството на прости јаглехидрати, препорачува нутриционистот. „Идеално би било простите јаглехидрати да ги замените со сложени, оние кои даваат чувство на ситост долго време“.
Сите јаглени хидрати, дури и корисните намирници, не треба да се земаат по 16 часот. Маслова советува навечер да се јадат лесно сварливи протеини и зеленчук без скроб. Ако целта е слабеење, тогаш јаглехидратите треба да се внесуваат само во првата половина од денот. Значи до пладне и само за појадок.
За релативно здрав човек без сериозни здравствени проблеми, идеални се три до четири оброци, обилен појадок и ручек и многу лесни ужина и вечера.
Доколку сакате да прескокнете некој оброк, за организмот физиолошки е најдобро тоа да биде вечерата, додека појадокот, како што истакнува, не смее да се пропушти. Појадокот треба да биде најобилниот оброк во текот на денот, бидејќи на човека му требаат најмногу хранливи материи и енергија токму на почетокот на денот, а не навечер, кога физичката активност е минимална.
Еве како изгледа руско избалансирано дневно мени.
Појадок
Варена хелда
Сложените јаглехидрати кои даваат чувство на ситост и енергија, тоа во никој случај не е скап диететски производ, а има висока хранлива вредност. Освен хелда за појадок, од сложени јаглехидрати можете да користите каша „Херкулес“, но не инстант, туку онаа што се вари долго време, гершла, јачменова каша или просо. А гриз или овесни снегулки кои не се варат треба да избегнувате, тоа се прости јаглехидрати и бескорисна храна.
Путер или сончогледово масло за каша
Мастите го продолжуваат чувството на ситост и така лесно ќе издржите до ручек без чај со бонбони. Количински доволно е десет грама, ако сакате да ослабнете, или дваесет, доколку не сакате.
Јајца
Две варени јајца, а може и кајгана или омлет, зависи што сакате повеќе. Но, едно е сигурно, протеините треба да бидат присутни макар во два оброка дневно.
Салата од зеленчук
Влакната во вид на нескробен зеленчук и зеленило треба да бидат на трпезата за време на секој оброк. Скапите прехранбени производи во никој случај не се неопходни. Тоа може да биде и рендан морков со сечкана зелка или свежо/барено рендано цвекло, многу едноставно и многу корисно.
Леб
Ако сте навикнале на посилен појадок, можете да додадете едно до две парчиња интегрален леб на тост со путер.
Ручек
Посно шчи со грав
Кај чорбите клучното правило е или чорба од месо со зеленчук или чорба со скроб и зеленчук. Комбинацијата на скроб и црвено месо не е дозволена, бидејќи го забавува варењето. Идеална би била богата чорба со мешунки, како што е посно шчи со грав или бистар булјон од месо или пилешко, без компири и моркови.
Интегрален леб
Извор на сложени јаглехидрати за оние кои се навикнати да јадат чорба со леб.
Голубци со ориз и зеленчук, без месо
Доколку ручекот е со јаглехидрати (компир и морков во шчи и леб како додаток), подобро е да подготвите традиционални руски голубци (сармички) во посна варијанта, со ориз и зеленчук, без месо. Ако сте подготвени да ги извадите компирите од чорбата, можете да направите и класични голубци со месо.
Ужина
Можете да каснете свежи или одмрзнати бобинки со рикота, десет ореви, салата од зеленчук со растително масло. Да се закрепите ќе ви помогне и интегрален леб со црвена риба, кавијар или парчиња варено/печено пилешко или мисиркино месо со неколку парчиња краставица и лист салата.
Вечера
Фаширани шницли
Омиленото јадење од детството на многумина, може да се направи од црвено месо, пилешко или риба. За време на подготовката треба да избегнувате да додавате бел леб или презла во меленото месо. Ако за вас не е шницла ако не е похована, тогаш подобро е да одберете нешто поздраво, да речеме, мелени овесни снегулки.
Кисела или динстана зелка со печурки
Свежата или кисела зелка од дамнина е главен извор на витамини во студените денови на руското село. Зелката е одличен додаток на месото, нутритивно многу повредна од компирот или тестенините. И свежата бела зелка и црвената или киселата зелка може да се динстаат. Ако додадете шумски печурки, тоа ќе биде идеален прилог за секое јадење за вечера.