Лебот со синап е пченична векна со вкусна жолтеникава средина и фина кора. За разлика од обичниот руски леб, овој се прави со додаток на масло од синап. Тоа не значи дека има горчлив вкус кој потсетува на сенф. Напротив, овој леб е помек и повеќе наликува на колач, барем мене така ми се чини.
Овој вид леб бил прилично вообичаен во Советскиот Сојуз. Рецептот потекнува од четириесеттите години на минатиот век. Но современиот државен стандард за печење леб со синап беше воведен во 1988 година. Се правеше во различни форми, со остри и заоблени рабови, колку што се сеќавам. Заоблената векна имаше посебни засеци на површината, за лебот рамномерно да нарасне и да не испука.
Маслото од синап го прави овој леб не само повкусен, туку и поздрав. Поволно делува на крвта и ги неутрализира токсините благодарение на високата содржина на витамини и минерали. Помага и во лекувањето на нервниот систем и ги елиминира негативните ефекти од секојдневниот стрес со исфрлање на штетните метаболички продукти од телото. Исто така, го зајакнува имуниот систем.
Аромата на овој леб ме потсетува на детството. Кога одев во основно училиште во реонот Черкизово во Москва, по завршувањето на часовите одевме во мала пекарница да купиме свеж леб. Искрено, во тоа време секој свеж леб ми беше неверојатно вкусен. Но, мирисот на леб со синап особено ми се врежа во сеќавањето. Неодамна имав среќа да најдам органско, нерафинирано масло од синап и веднаш посакав да направам леб со него.
Користев класичен рецепт од готвачот од 1940-тите „350 варијанти на леб“ од Плотников и Колесников. За печење леб со синап е потребно време. За подготовка на тестото најпрвин треба да направите стартер. Кога ќе биде готов, се меси тесто кое нараснува неколку пати. Потребно е трпение, но резултатот вреди за трудот. Ќе добиете исклучително вкусен домашен леб со специфична арома.
Лебот со синап е највкусен еден ден по печењето. Совршен е за појадок, намачкан со путер и домашен џем.
За стартерот:
Брашно со висок квалитет - 350 g
Вода - 245 ml
Свеж квасец - 7 g
За тестото:
Брашно - 350 g
Сол - 9 g
Вода - 110 ml
За третото мешање на тестото:
Масло од синап - 56 g
Шеќер - 42 g
Растворете го квасецот во топла вода и измешајте го со брашното за стартерот.
Покријте и оставете на топло место 2,5 часа.
По 2,5 часа разматете ја солта во водата и додадете ја на стартерот со остатокот од брашното за леб. Измешајте ги состојките, покријте и оставете 15 минути. Потоа матете со миксер 10 минути.
Тестото треба да биде мазно и еластично, така што кога ќе го стиснете да се врати во првобитната положба. Покријте го и оставете го на топло место да нарасне уште 2 часа.
По 2 часа измешајте ги маслото и шеќерот, додадете ги во тестото и месете 7 минути. Покријте и оставете да нарасне на топло место 1,5 час.
Расукајте го тестото во правоаголник и свиткајте ги рабовите навнатре кон средината на тестото. Преклопете го тестото на половина, залепете ги рабовите со прстите и ставете го тестото така што точката на спојување да биде од долната страна. Полека свиткајте го за да формирате заоблена векна. Рерната загрејте ја на 230℃.
Покријте и оставете да стои на собна температура 30-40 минути. Тестото треба да нарасне за лебот да биде воздушест внатре. Но, исто така е важно да не го оставите да стои премногу долго, бидејќи би можел да спласне.
Со остар нож направете засеци на површината на лебот. Внимателно премачкајте го лебот со вода, користејќи мека четка.
Ставете го во рерна загреана на 230℃. Во метален сад сипете половина чаша врела вода и ставете ја во рерната за да се создаде пареа.
По десет минути извадете го садот со вода од рерната.
Печете додека лебот не почне да мириса убаво. За тоа се потребни околу 30-35 минути.
Оставете го да се лади на решетка.
Исечете го по 40 минути или еден час.
Препорачувам да се јаде барем еден час по печењето или, уште подобро, следниот ден. Уживајте во овој посебен леб со путер и домашен џем!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче