Како италијански готвач направи лава колач со руски бородински леб (РЕЦЕПТ)

Ресторан Christian
Кристијан Лоренцини со руски ‘ржан леб и полномасна павлака направи иновативна современа верзија на овој класичен европски десерт.

Шефот Кристијан Лоренцини од Тоскана речиси 20 години водеше кујни во познатите московски ресторани. Во 2013 година си го оствари сонот и отвори ресторан под свое име: Кристијан. Неговите преубави јадења ја комбинираат тосканската кулинарска традиција со неговите лични иновации и техники.

Шефот понекогаш експериментира и со руски состојки. На пример, Кристијан направи чоколаден лава колач со сув бородински леб за рускиот фестивал на ресторани што се одржа оваа есен. Овој рецепт користи и 'ржано брашно заедно со бело брашно, 'ржан слад, шеќер, меласа и коријандер. Поради својата темна боја, како и слаткиот вкус и зачинетата арома, лебот делумно ја заменува чоколадата во овој колач.

Оваа необична состојка за чоколаден лава колач не ја намалува радоста која на човека му ја носи течната средина, поради што овој десерт е толку сакан ширум светот. Сладоледот од павлака му придодава на овој десерт прекрасна свежина.

Бородински лава колач со сладолед од павлака

Состојки (за еден колач):

Млеко со 3,5% маст – 20 ml

Млеко во прав – 2 g

Павлака со 20% маст - 40 g

Шеќер - 16 g

Глукозен прав - 2 g

Путер - 20 g

Јајца – 3 пар.

Пченкарен скроб - 4 g

Бородински леб - 10 g

Шеќер во прав - 5 g

Јаворов сируп по вкус

Начин на подготовка:

Најпрво подгответе ја основата за сладоледот од павлака: ставете го млекото да зоврие, тргнете го од оган и додајте му млеко во прав, 10 g павлака и глукоза во прав. Добро измешајте ги сите состојки и изладете.

Потоа додајте 10 g павлака и измешајте. Добиената маса треба да отстои во фрижидер пет часа. После тоа, изладената смеса ставете ја во апарат за сладолед и ставете ја во замрзнувач.

За да го подготвите лава колачот, исечете го тенко бородинскиот леб и исушете ги парчињата во рерна 40 минути на 90°C. Потоа, за да ја добиете потребната текстура на тестото, во мелница за кафе сомелете го препечениот леб.

Со миксер со средна брзина измешајте го путерот на собна температура со шеќерот. Додајте ги жолчките и павлаката, измешајте ги состојките со пластична шпатула додека масата не стане мазна.

Потоа низ сито додајте јаворов сируп, скроб и трошки бородински леб и повторно измешајте. Изматете ги белките и полека соединете ги со претходната смеса.

Калапите за еднократна употреба намачкајте ги со путер, ставете ги во замрзнувач пет минути и повторете ја постапката. Потоа во секој калап ставете 80 g тесто и замрзнете.

Пред сервирање, печете го лава колачот 10 минути на 180°C. Потоа извадете го од калапите. Ставете го во центарот на чинијата и посипете го со шеќер во прав.

На крај обликувајте топче сладолед и ставете го до лава колачот. Сладоледот можете да го прелиете со малку јаворов сируп и по желба да го посипете со цветен полен.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња