Три занимливости за руската вотка

Russia Beyond (Legion Media; Public Domain)
Претставата за Русија во масовната свест е нераскинливо поврзана со вотката, иако не е познато кој точно го измислил овој пијалак. Целата нејзина историја е обвиткана со превезот на тајната. Додека на прашањето како правилно да се консумира вотка е многу полесно да се одговори.

Вотката не ја губи својата популарност и, благодарение на својата универзалност, веќе долго време се вбројува меѓу најпознатите алкохолни пијалаци во светот. Затоа е особено изненадувачки колку малку историчарите успеале да дознаат за неа.

1. Вотката не е руски пијалак

„Љубители на песната на славејот“ Владимир Маковски, 1872-73

Специфичен прототип на вотката е создаден во Стар Египет, но добиената течност се користела само за медицински цели. Според различни извори, повторно се појавила на Блискиот Исток во Х век, но и таму не била широко распространет пијалак со оглед на тоа што муслиманите не консумираат алкохол.

Во Русија жесток алкохолен пијалак - како вотката - се појавил првпат дури во 1386 година со пристигнувањето на делегација од Република Џенова. Но, на царскиот двор не му се допаднал пијалакот. Имено, во тоа време во Русија биле ценети други пијалаци со помала содржина на алкохол како медовина, квас, вино и пиво, додека она што го донеле Џеновјаните им изгледало пресилно на Русите. Било одлучено да се користи само како лек и тоа во многу разблажена форма. Отприлика во исто време монахот Исидор, затворен во московскиот Чудовски манастир, го измислил „самогонот“. „Самогон“ е речиси исто што и вотка, но додека вотката се добива со мешање на етил-алкохол и вода, „самогон“ се добива во процесот на вриење на жито - пченица, јачмен, овес и други.

Никој од историчарите не успеал да ја утврди годината, па дури ни деценијата кога во Русија се појавило „лебното вино“, како што тогаш се нарекувала вотката. Постои легенда за тоа дека вотката наводно ја создал хемичарот Дмитриј Менделеев, но таа не е точна.

Д. М. Менделеев, 1904.

Менделеев го истражувал меѓусебното влијание на молекулите и се обидувал да сфати зошто кога водата и алкохолот се мешаат во еднакви размери се добива помалку течност отколку пред мешањето. На тоа е посветена неговата дисертација „За мешањето алкохол и вода“. Во текстот не се спомнува вкусот на вотката или нејзиното влијание врз човечкиот организам, па сепак истражувањето на Менделеев послужило како основа за изработка на стандардот за вотка во 1894 година. По објавувањето на научната работа на Менделеев, властите го патентирале неговиот состав на вотка под името „Московска посебна“. Алкохолот врз база на житарки се разредувал со вода до точно четириесет тежински проценти алкохол.

И покрај сето тоа, вотката станала препознатлива како „руски пијалак“. Меѓутоа, тоа се случило дури во ХХ век благодарение на вештото брендирање. Смирнов, главниот производител на вотка во Руската империја, кого го нарекувале „крал на вотката“, емигрирал по револуцијата во 1917 година, а во 1933 година ги продал правата за производство на вотка Smirnoff на американски бизнисмен, кој во 1938 ги препродал на компанијата Hueblein. Руското потекло на брендот си го направило своето. Така, во масовната свест вотката почнала да се препознава како руски пијалак. Овој бренд до ден-денес останува на врвот на најпродаваните вотки во светот.

2. Називот „вотка“ се појавил дури во XX век

Потеклото на зборот „вотка“ не е ништо помалку сложено од историјата на самиот пијалак. Вотка не е ништо друго туку деминутив од зборот вода, но не е познато кога овој збор почнал да се користи како назив за алкохолен пијалaк.

Во Русија вотката е нарекувана „лебно вино“, „полугар“, „самогон“, „горелка“, „пеник“. Називот „вотка“, се разбира, се користел, но само неофицијално, во говорот.

Првиот официјален документ во кој е употребен зборот „вотка“ е указот на Петар I од 1683 година „За оданочување на разни вина и вотки увезени по море“. На етикетите пијалакот тогаш се нарекувал „трпезно вино“, „исчистено вино“ и се наведувала неговата јачина, додека првите етикети со зборот „вотка“ се појавиле дури кон крајот на век.

Во руска крчма, седумдесетти години на XIX век

До воведувањето на монополот на вотката во 1902 година, имало два назива во исто време: вотка и вино (трпезно, лебно, зајакнато и други). Оваа практика завршила со воведувањето на стандардот во 1936 година, со кој прецизно е пропишано дека вотката е „безбојна и проѕирна мешавина на пречистен етил-алкохол со вода“. Покрај тоа, со овој стандард била утврдена технологијата на производство.

3. Нема идеално мезе за неа

Некои сметаат дека вотката е одличен пијалак за чистење на рецепторите за вкус, кој треба да се консумира пред да се послужи наредното јадење. Патем, таква функција има ѓумбирот кај сушито. Но, во руската култура вотката зазема посебно место. Историски гледано, Русија имала малку ресурси за производство на вино, но изобилство житарки од кои се произведува вотката - затоа била наречена и „лебно вино“. Така настанала специфична култура на пиење и специфичните ставови за тоа како правилно се консумира вотката.

Вака зборува за неаа Сергеј Аксеновски, главен сомелиер на угостителскиот холдинг Maison Dellos: „Консумирањето вотка е цел ритуал. Таа обично се пие како аперитив или дигестив, што во Русија се вели „пред тргнување“ („на посошок“). Понекогаш вотката се пие во текот на целиот оброк, доколку менито укажува на нејзиниот избор како основен придружен пијалак. Таквото мени првенствено ќе се состои од разни кисели зеленчуци - со оглед на тоа што таква зимница некогаш се подготвувала во секоја куќа, а кисело-солениот вкус одлично оди со вотка. Инаку вотката треба да се пие разладена, речиси ледена – така е најдобро“.   

Според мислењето на Сергеј, со вотка исто така одлично се комбинира солената или чадената риба: скуша, харинга и лосос. Освен риба, со вотката добро оди и сланината, како и различни јадења со месо: „буженина“ (празнично руско јадење - печено големо парче говедско или свинско месо), сушено говедско месо и чадена шунка. Друга популарна варијанта е „форшмак“ - јадење од харинга, кромид и варени јајца.

„Најруски“ комбинации со вотка се, секако, руските палачинки, кавијарот и боршчот. Кавијарот е посебен производ во културата на пиење вотка. Таа добро оди и со црн и со црвен, макар што вотката со црн кавијар се смета за една од најдобрите гастрономски комбинации.

Значи, постои огромен избор на продукти и јадења со кои вотката може да се консумира. Можеби само никако не оди со десерт.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња