Дали и вотката ѝ помогна на Црвената армија да ги порази Германците?

TASS
Во најтешките денови од војната, советските војници добиваа по сто грама вотка дневно. Таа им помагаше да се справат со најлошиот стрес и да ја надоместат нехуманата потрошувачка на енергија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Источниот фронт на Втората светска војна беше вистински пекол на земјата, гранатирања кои сè живо срамнуваа со земја, страшни тенковски и воздушни напади, масовно страдање на другарите... Зачувувањето на физичката и моралната сила во такви околности беше исклучително тешка задача за војниците.

Челниците на завојуваните земји одлично го разбираа проблемот и смислуваа најразлични средства за да ги одржат своите војници во форма. Така, на пример, борбениот дух на германските војници беше креван со помош на шнапс. Во Вермахтот се користеа и таблети „Первитин“. Овој препарат на база на метамфетамин покажа силно психостимулативно дејство врз централниот нервен систем, предизвикувајќи наплив на сила и намалувајќи ја потребата од сон и храна.

Во Црвената армија проблемот со стресот беше решаван на друг начин, со помош на најпознатиот руски пијалок, вотката.

Следување од сто грама

Традицијата на давање алкохол на војниците „за храброст“ постоела во руската армија уште од дамнина. Уште во XVIII век, за време на борбени дејствија, на војниците им следувале три чашки „пченично винце“ неделно.

По катастрофалниот пораз на Русија во војната против Јапонија 1908 година, оваа практика е укината, а триесет години подоцна во Советскиот Сојуз се указот на Народниот комесаријат за одбрана „За борба против пијанството во Работничко-селанската црвена армија“, според чии одредби пасионираните љубители на чашката можеле да бидат исфрлени од редовите на вооружените сили, но и да завршат на суд.

Традицијата на консумирање алкохол е вратена во војската за време на војната против Финска. Во јануари 1940 година, народниот комесар за одбрана Климент Ворошилов предложи на војниците и командантите дневно да им се даваат по сто грама вотка и педесет грама сланина за да се загреат во суровите зимски услови. На тенкистите им припадна двојно следување од Народниот комесаријат, а пилотите често добиваа  коњак.

Борба против стресот

По војната против Финска давањето алкохол во војската е укинато, за да година и пол подоцна повторно биде воведено. Со декрет на Државниот комитет за одбрана бр. 562 од 22 август 1941 година, за војниците на првата линија на фронтот, оние кои беа во непосреден контакт со непријателот, беше предвидено по сто грама вотка со јачина од четириесет степени.

Во наредбата на Народниот комесаријат, која се појави три дена подоцна, е прецизирано дека покрај борците на единиците на првата линија на фронтот, вотка треба да се обезбеди и за пилотите на Военото воздухопловство на Црвената армија, како и за инженерско-техничкиот персонал на аеродромите кој работеше на привремените аеродроми.

Се разбира, оваа иницијатива на военото раководство потекна од причини поинакви од оние од советско-финскиот конфликт. Редовното следување алкохол требаше да им помогне на војниците да се справат со огромниот стрес под кој беа во почетниот, најтежок за СССР, период од војната против нацистичка Германија. Освен тоа, токму силниот алкохолен пијалок со висок процент на алкохол брзо се разградуваше во човечкиот организам, претворајќи се во големо количество енергија и овозможувајќи брзо надоместување на високата потрошувачка на енергија.

Помош или штета?

Системот на распределба на алкохол на војниците се разликуваше во некои единици и формации. Алкохол понекогаш им даваше на војниците пред почетокот на нападот, а некогаш дури по тешки борби, додека до некои полкови вотката ретко кога стигнуваше.

„Се сеќавам дека вотката се делеше пред напад“, сведочи војникот Александар Гринко. „Старешината одеше со матарка по ровот и кој сакаше, нему му сипуваше. Пиеја претежно млади луѓе. И тогаш, за жал, гинеа. Оние кои ќе преживееја по неколку борби, беа исклучително внимателни спрема алкохолот“.

„Без алкохол беше невозможно да се победи “, вели постариот поручник Фјодор Иличенко, кој го зароби фелдмаршалот Фридрих Паулус во Сталинград. „Фронтовските сто грама вотка станаа повредни од гранати и ги спасуваа војниците од смрзнување, бидејќи многу ноќи поминуваа на чистина и земја“.

Меѓутоа, редовните следувања на алкохол не им требаа на сите војници. „Во првите години пијалокот го трампав за шеќер“, вели митралезецот Михаил Ларин. „Кога старешината делеше по сто грама вотка, војниците одеа околу мене како гуски, така што се трампав со тие сто грама алкохол. Нас, младинците, не нè интересираа многу тие сто грама, многу повеќе нè интересираше храната“, вели гардискиот наредник Георгиј Велминов.

Лоша навика

Правилата и нормите на распределба на вотката постојано се менуваа. Во мај 1942 година алкохол им беше точен на војниците на оние единици кои се истакнале во борбите. Нормата притоа беше зголемена на двесте грама. На сите други војници на првата борбена линија им беше дозволено да пијат само на празници.

Во ноември истата година беа вратени традиционалните сто грама пијалок. Тоа право го имаа само оние војници и офицери кои директно учествуваа во борбените дејствија. На оние во резерва, како и на вработените во службите во позадина, им следуваа по педесет грама.

Војниците не добиваа вотка насекаде. Така, на советските војници кои го бранеа Кавказот вотката беше успешно заменета со локални вина.

По победата, стоте грама вотка пропишани од Народниот комесаријат беа укинати во Црвената армија. Меѓутоа, не сите повратници од фронтот успеаја да ја искоренат со години стекнуваната навика на секојдневно консумирање алкохол.

Ветеранот на 82 гардиска стрелечка дивизија Лав Карташов вели: „По војната во Свердловск (денешен Екатеринбург) извесно време ручав во офицерската менза. Ми беше чудно што офицерите не почнуваа да јадат без сто грама пијалок... А каде има сто, таму има и двесте и повеќе... Се сеќавам дека гледајќи ја таа слика во себе си размислував „да, далеку ќе дотуркаме вака...“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња