За рускиот аристократ од XIX честа била повредна од сé. Секоја навреда водела директно во двобој. Тие во времето на Александар Пушкин биле толку вообичаена појава што власта почнала да се плаши за бројноста на младите благородници. Младите во конфликт не можеле да се одвратат од смртоносната намера дури ни со прогонство во Сибир, што било казна која им се заканувала на учесниците во двобој. Меѓутоа, тоа не било отсекогаш така. Двобоите се појавиле во Русија дури кога во руската државна служба почнале да се појавуваат Европејци - во XVII век. Но, на првите двобои заради чест Русите ги следеле со чудење, па дури и со презир.
Епохата на процут на европскиот двобој биле XVI и XVII век. Во исто време, во Московското царство двобоите биле третирани како дивјаштво. Французинот Жак Маржере, кој служел на дворот на Борис Годунов, запишал: „Меѓу Русите нема двобои, прво, затоа што тие никогаш не носат оружје, освен за време на војна или на патување, и второ, затоа што оној што е навреден со зборови или на друг начин, се обраќа до судот кој на виновникот му изрекува парична казна, а таа се нарекува „срамота“. Според Маржере, ваквата практика се објаснува со строгоста на законот: не било дозволено самостојно решавање на споровите по пат на двобој за Русите да не ја преземат на себе „власта на правосудството, кое единствено има право да решава и казнува престапи“.
Оваа практика во Русија се задржала во текот на целиот XVII век, додека за тоа време Европејците се пресметувале со сабји. Дипломатот Петар Толстој, кој отишол во Европа во 1697 година да го проучува морепловството, бил сведок на двобој меѓу полски благородници, што целосно го шокирало. „Полјаците... не можат да завршат никаква државна работа без да се борат и тепаат, и затоа по секој повод излегуваат на поле да се... тепаат и гинат без размислување“, пишува Толстој со презир.
Мечеви од Холандија, крај на 17 век
Музеи Московского КремляЗарем Толстој како дворски човек не разбирал дека кај двобојот станува збор за прашање на честа? Без сомнение, тоа можел да го разбере, на што укажува фактот дека Толстој го користи зборот „поле“, кој во стара Русија се користел за означување на „судски двобој“ до кој доаѓало кога тужениот и тужителот не успевале да постигнат договор, а немало сведоци кои би можеле да потврдат кој од нив е во право.
Обичајот на „полето“ кај Русите потекнува уште од дамнина. Уште во X век арапскиот историчар Шамсудин ал-Мукадаси запишал: „Кога царот ќе реши спор меѓу двете страни, а тие ќе останат незадоволни од неговата одлука, тогаш тој им вели: пресметајте се со вашите мечеви, чиј е поостар, негова е победата“. И навистина, Русите со задоволство ги решавале најтешките спорови токму на „поле“. Имено, судскиот процес се плаќал, а тие можеле да се тепаат лично или - ако има очигледна нееднаквост меѓу ривалите - можеле да платат друг борец. Тоа им било дозволено само на старите, инвалидизираните, малолетните, жените или свештениците. Меѓутоа, доколку спорот бил меѓу две жени, не било дозволено да се најми замена.
Руското „поле“ било еден вид „Божји суд“. Меѓутоа, додека во Европа ова „доказно средство“ имало облик на „искушување со оган и вода“, во Русија се сметало дека во двобојот Бог ќе биде на страната на оној што е праведен. Кулминацијата на ваквото решавање спорови била во XVI век, кога во Москва дури било одредено посебно место за двобои, а се наоѓало помеѓу денешна Лубјанка и Стариот плоштад. Меѓутоа, во XVII век „полето“ почнало да исчезнува. Новиот руски законик „Соборное уложение“ од 1649 година воопшто не споменува таква можност за решавање на спорови. Притоа, првиот двобој во Русија, за кој се зачувани податоци, се одржал пред донесувањето на овој законик во 1637 година, и тоа било двобој меѓу странци.
Причина за првиот познат двобој во Москва биле, како што пишува историчарот Александар Савин, паричен долг и пијанство. На 6 јуни 1637 година, во дворот на Палашевската населба, каде што живеел Германецот во руска служба, поручникот Петар Фалк, дошол друг германски наредник, Томас Грелс, да бара враќање на долгот од две рубли за карабинот што му бил оставен како залог. Грелс бил пијан и го удрил Фалк со дршката од сабјата по главата, а според тогашниот европски обичај, удирањето со дршка (за волја на вистината, по рака) значело повик на двобој.
Како што сведочела сопругата на Фалк Ана, тие почнале „да се расправаат и да прават врева и карајќи се, излегоа надвор од капијата“. На двобојот немало сведоци, но мртвиот Грелс подоцна бил пронајден во локва крв.
„Мечувањето на Франческо Фернандо Алфјери“
Слободни извориСпоред тогашниот закон, смртта во двобој се третирала како убиство. Истрагата во тоа време добивала признание со мачење, но Фалк останал непопустлив: Грелс самиот „налетал“, „се набил“ на сечилото на неговата сабја. Истрагата траела речиси три години и, иако директната вина на Фалк не е докажана, тој сепак починал во затвор.
Во втората половина на XVII век двобоите меѓу странците во руска државна служба станале сé почести. Во 1665 година дошло до двобој помеѓу германскиот капетан Христофер Улман и шкотскиот капетан Смит. Причината за двобојот бил паричен долг за вино. Улман, обидувајќи се да го прикаже двобојот како самоодбрана, рекол дека Смит се „набил“ на острицата на неговата сабја, но не успеал да ја оправда својата постапка. На страната на покојниот Смит била целата московска шкотска заедница на чело со генералот Патрик Гордон, веројатно највлијателниот странец во руската служба.
Патрик Гордон
Слободни извориУлман, кој најпрвин бил осуден на обезглавување, останал жив, но без нозете и левата рака. На 30 мај 1666 година, самиот генерал Патрик Гордон имал двобој со Англичанецот Монтгомери, но не паднало крв, бидејќи биле раздвоени од собраните познаници.
А што е со Русите? Како што пишува Маржере, самата суштина на двобојот им била туѓа. „Русите не сакаат да се фатат за зборови: тие се многу прости во однесувањето и на сите им велат „ти“, а порано биле уште попрости... Но сега, кога меѓу нив се појавија странци, Русите се одвикнуваат од грубоста која била вообичаена пред дваесет или триесет години“, пишува Маржере.
„Двобој“, Jacques Callot , 1617.
Metropolitan Museum of Art / Public DomainОдвикнувањето од „грубоста“ и желбата да ги имитираат странците, која на Русите им ја всадил Петар Велики, вродиле со плод. Имено, во 1702 година се одржал еден од првите руски двобои. Тоа се случило затоа што на една веселба водникот на Преображенскиот полк Иван Шчепотов го „турнал со задникот“ поручникот од истиот полк Семјон Измајлов. Вториов му вратил со иста мерка, по што следеле тепачка и повик на двобој. Двајцата ривали преживеале со лесни рани. Но, царот Петар, дознавајќи за двобојот, се разбеснил. Наредил „да се камшикуваат и двајцата за да не им падне на памет на другите“ и да ги деградираат во обични војници. Сепак, случајот некако бил заташкан и двајцата офицери останале во службата, само поминале извесно време под стража.
Пиштоли од XVI век
Музеи Московского КремляЗа разлика од многу други европски обичаи, двобоите, според мислењето на цар Петар, не вределе да бидат преземени во Русија. Имено, тој сметал дека животот на војникот првенствено припаѓа на неговата татковина. Во 1715 година Петар пропишал: „Ниедна навреда на честа на навредениот на ниеден начин не може да се намали“. Понатаму царот налагал сите учесници во двобој да се погубат. Меѓутоа, овој суров закон всушност не се применувал. Имено, не се зачувани податоци за извршување на смртна казна поради двобој.
Двобоите од европски тип во Русија се појавиле дури кон крајот на XVIII век, кога меѓу младите благородници заживеала модата на школување во Европа, што значи дека и прашањето на честа исто така станало популарно. Па сепак, мислењето за двобоите останало амбивалентно: „предрасуди кои не сме ги наследиле од предците, туку се преземени или усвоени, туѓи“ – така пишувала царицата Екатерина II за двобоите, која, се разбира, исто така не сакала владејачката класа самата себе да се истреби по пат на двобои. Во 1787 година бил објавен „Манифест за двобоите“, според кој учесниците во двобој (вклучувајќи ги и лекарите и секундантите) морале да платат парична казна, додека нанесувачот на навредата (кој го предизвикал двобојот) бил протеруван во Сибир.
Меѓутоа, кон крајот на XIX век двобојот станал вообичаена појава за Русија. Правилата на двобојот официјално почнале да се печатат. А двобојот бил еден вид егзотична забава со гледачи и фотографи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче