Здрава верзија на познатата советска чоколадна бонбона „Белочка“ (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Празничната трпеза и новогодишното пакетче во СССР не можеа да се замислат без чоколадните бонбони познати како „Белочка“ (Верверица). Ви нудиме веганска верзија на овој деликатес за оние сладокусци кои водат сметка за својата линија.

Чоколадните бонбони познати во Русија како „Белочка“ (Верверица) беа многу популарни и омилени меѓу советските деца, па и меѓу нивните родители. Слатката е препознатлива по нејзината обвивка, на која е прикажана верверица која меѓу шепите држи лешник.

Бонбоните ги измислил Григориј Борман, слаткар од царската ера. Првото масовно производство на „Белочка“ започна во раните четириесетти години во Крупската фабрика за слатки во Ленинград.

Денеска ви предлагам да ги подготвите овие вкусни чоколадни бонбони кои добро ги паметат сите оние кои детството го поминале во СССР и Русија. Мојата верзија, сепак, е малку поинаква од класичниот рецепт и особено ќе им се допадне на оние кои водат сметка за здравјето. Во мојот рецепт нема шеќер ниту штетни адитиви. Се добива десерт што заситува многу, а кој се подготвува за кратко време.

За овие бонбони ви се потребни само неколку состојки, меѓу кои овесни снегулки, лешници, хељда и суво грозје. Овој рецепт за „Белочка“ е погоден и за вегани.

И на крај, бонбоните ги покривам со темно чоколадо. За уште поздрава верзија, можете само да ги посипете со какао или да ги оставите како што се без глазура.

Состојки за 22 парчиња:

Овесни снегулки – 1 шолја или 250 g

Лешници - 2/3 шолја или 175 g

Суво црно грозје - 2/3 шолја или 175 g

Кокосово масло - 1-2 лажици

Непрепржена хељда - 1-2 лажици  

Мед или јаворов сируп – 1 лажичка (по желба)

Чоколадо - 100 g (по желба)

Начин на подготовка:

1. Измелете ги овесните снегулки додека да станат брашно.

2. Натопете го сувото грозје во топла вода 20 минути; потоа процедете ја водата.

3. Измешајте го брашното од снегулки со лешниците и смелете.

4. Додајте го сувото грозје и повторно смелете.

5. Додајте масло, мед или јаворов сируп; месете со раце додека не добиете густа и еластична маса.

6. Хељдата се додава заради крцкавост на легендарната бонбона. Ако немате хељда, можете и без неа; сепак ќе бидат вкусни чоколатца.

7. Сега обликувајте ги пралините. И ставете ги во замрзнувач.

8. Стопете го чоколадото и премачкајте ги пралините.

9. Повторно ставете ги во замрзнувач додека чоколадото не се стегне целосно. Нашите чоколадни бонбони се готови! Послужете ги на гости со чај!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња