Како да направите свечена салата „Шапката на Мономах“

Јулија Мулино
Порано се третираше како храна на „класниот непријател“, но руските готвачи од советскиот период сепак беа инспирирани од царската трпеза и со задоволство ја сервираа „Шапката на Мономах“. Оваа фина и вкусна салата содржи некои од најдобрите состојки од советската кулинарска класика.

Шапката на Мономах е симбол на автократијата во Русија. Руските императори биле крунисувани со неа кога стапувале на престолот, сé додека Петар Велики не го укинал тој обичај во 1721 година. Постојат неколку верзии за потеклото на оваа шапка. Легендата вели дека е подарок од византискиот император Константин Мономах, но подоцна е утврдено дека е направена од посебни делови од оклопите на руските кнезови на почетокот на XVI век.

Исто како и потеклото на вистинската шапка на Мономах, потеклото на истоимената салата не е сосем извесно. Се знае само дека рецептот потекнува од времето на Советскиот Сојуз.

Познати се руските свечени салати „оливје“ („руска салата“), мимоза, салатата од ракови, т.е. салатата со „сури стапчиња“ и „харинга во бунда“. Меѓу нив заслужено место на празничната трпеза заземаше и „Шапката на Мономах“.

Обично тоа е салата од месо подготвена од варено говедско, свинско или пилешко, но има и слични салати за кои се користи конзервиран лосос или говедски јазик. Останатите клучни состојки се вообичаените - компири, моркови, цвекло и јајца.

Најважната состојка во оваа салата според мене е лукот измешан со цвекло, како и морковите и сечканите ореви. Иако се одличен додаток за салата, сепак предупредете ги гостите, бидејќи не јадат сите лук, а некои луѓе се алергични на јаткасти плодови.

За да формирате вистинска шапка на Мономах, односно златен конус со раб од крзно од самур, обликувајте ја на следниов начин. Централните состојки наредете ги во слоеви (кои се стеснуваат кон врвот) и премачкувајте ги со мајонез, а за „крзното“ користете рендано сирење, варена белка и компири. „Скапоцените камења“ се направени од семки од калинка, грашок и морков. А оревите потсетуваат на златото од кое е направен оригиналот.

Покрај тоа што однадвор наликува на својот „прототип“, оваа салата има уште една сличност со истоимената шапка. Имено, како што шапката на Мономах се изложувала само еднаш, на денот на крунисувањето, така и оваа салата се подготвувала само за посебни пригоди. Очигледно била карактеристична за тесен сегмент од општеството за време на советскиот период. Дури и денес е мошне ретка и малку луѓе знаат за неа. Но, сега, кога и вие знаете за неа, би било добро уште и да се пофалите дека знаете да направите една од најретките и највкусните советски салати.

Состојки (за 6 порции):

  • Компир – 2-3 парчиња
  • Чадено пилешко – 150 г
  • Морков – еден (со средна големина)
  • Јајца – 4 парчиња
  • Цвекло – 1 парче
  • Лук – 2 чешниња
  • Ореви – 50 г
  • Сол – прстофат
  • Мајонез – 100 г (или повеќе, по вкус)
  • Калинка, варен грашок за декорација

Подготовка:

1. Подгответе ги состојките за салатата. Јас веќе имав варено цвекло и чадени пилешки гради. Ги сварив компирите, морковот и јајцтаа и ги излупив. Компирите ги изрендав на ситно ренде и ги поделив на 3 дела. Со две вилушки првиот дел од компирите внимателно го распоредив на дното од чинијата за сервирање.

2. За полесно да нанесете соодветна количина мајонез на слоевите, ставете го мајонезот во пластична кеса и со ножици направете мал отвор на работ.

3. Цвеклото се ренда, се додава чешне издробен лук и се посолува.

4. Слојот компири на чинијата се премачкува со мајонез.

5. Ренданото сирење исто така се дели на три дела. Преку компирот додајте слој маса од цвекло, па првиот слој сирење и мајонез.

6. Пилешкото ситно се сечка и се дели на два дела. Еден дел распоредете го во слој и премачкајте го со мајонез.

7. Потоа додадете сечкан лист магдонос.

8. Одвојте ги белките од жолчките.

9. Додајте ги ренданите жолчки и премачкајте со мајонез.

10. Додајте слој морков со изрендано чешне лук, посолете и премачкајте со мајонез.

11. Исечкајте ги оревите и ставете ги како нареден слој.

12. Повторете го слојот со сирење и пилешко. Премачкајте со мајонез. Потоа прекријте со другиот дел варени компири.

13. Остатокот од компирите и сирењето измешајте ги со ренданата белка. Смесата нанесете ја со лажица по работ на чинијата (да се добие „крзното“). Средината на салатата премачкајте ја со мајонез и измазнете ја со лажица.

14. За декорација користете семки од калинка, парчиња морков, зрна грашок и половини од орев.

15. Оставете ја салатата да се лади во фрижидер неколку часа.

Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња