„Патничка салата“ – придружник на советските патувања со воз (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Вкусот на оваа евтина салата често се асоцира со долгите патувања со воз во советската ера. Денес можеме да уживаме во овој кулинарски бисер од минатата епоха и без патување.

Во советско време високо се ценеа здравствените придобивки од производите од џигер, така што јадењата направени од оваа намирница имаа значајно место во менијата.

Џигерот е ризница на хранливи материи. Меѓу популарните јадења беа: џигер во сос од павлака, пилешки срца со кромид, палачинки со џигер, колбаси од џигер и паштета. Џигерот секогаш се подготвуваше така што јадењето да биде богато и сочно.

Посебно место заземаше „патничка салата“ (пассажирский салат). Многу постари луѓе ​​се сеќаваат дека оваа салата се служеше во вагон-рестораните на долги релации и на железничките станици. Оттука и името. Со оглед на помалата достапност на храна за време на патувањето, во возот сè има поубав вкус отколку во обични услови. Така, дури и пребирливите патници со уживање ја јадеа оваа салата. Навистина, комбинацијата на состојки беше многу добро осмислена.

Пред сé, сите состојки беа варени, бидејќи се претпоставуваше дека за време на патувањето јадењето ќе мора да стои подолго време надвор од фрижидер. Џигерот се сечеше на тенки ленти и имаше мека текстура. Пржениот кромид го правеше јадењето посочно и повкусно, а морковите му даваа сладост и празничен изглед.

Солената или кисела краставичка ѝ даваше на салатата крцкавост и свежина. Традиционалниот советски прелив од мајонез во комбинација со состојки исечкани на еднакви парчиња му даваа на јадењето дополнителна пикантност и киселост. Салатата беше хранлива, здрава и вкусна.

Не може да се каже дека оваа салата беше масовно популарна и дека често се подготвуваше, но некои семејства ја правеа и дома, бидејќи ги инспирирало некое долго патување со воз.

Откако ја направив дома, можам да кажам дека тоа е прекрасен и едноставен начин за подготовка на џигер. Салатата има само четири главни состојки, евтина е, а вкусот ѝ е неповторлив. На рецептот му додадов малку сенф и свежи зачински билки.

Салатата ќе изгледа одлично на празнична трпеза или може да се послужи како здрава ужина за време на патување или на пикник.

Состојки (3-4 порции):

Говедски џигер - 250 g

Кромид - 2 големи главици

Морков – 1 голем

Кисели краставички - 150-200 g

Мајонез - 2 лажици

Масло + путер за пржење

Масло за пржење на кромидот и морковот

Сол по вкус

Бибер по вкус

Ловоров лист – 1 пар.

Зачински билки – врзоп

Начин на подготовка:  

1. Џигерот се сече на крупни парчиња и се пржи во мешавина од путер и масло. Пржете околу 20 минути, во зависност од големината на парчињата. Тие треба да бидат меки, но без крв. Зачинете со сол и бибер по вкус.

2. Извадете ги во чинија да се ладат.

3. Во истото тавче пропржете ги кромидот и морковот исечени на стапчиња додека не омекнат. Зачинете со сол, бибер и ловоров лист. Морковите ги исечкав со рака, така што парчињата останаа цели, ја задржаа формата и беа со иста големина како и останатите состојки.

4. Џигерот исечкајте го на стапчиња.

5. Во чинија измешајте ги џигерот, кромидот, морковот и киселата краставичка.

6. Прелијте со мајонез.

7. Послужете со свежи зачински билки

Пријатен апетит!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња