Пред неколку векови руските селани во текот на целата година во исхраната користеле плодови од сопственото стопанство. Налето и наесен ставале зимница, сушеле печурки и различни билки. Еве неколку неочекувани билки што Русите ги користат при подготвувањето храна.
Од белите зрна на лободата во 19 век напролет се печел леб и на тој начин се пополнувала „лебната“ пауза до новата жетва. Лев Толстој напишал: „Речиси сите користат леб со лобода, со 1/3 и понекогаш со ½ лобода. Тоа е црн леб, црн како мастило, тежок и горчлив. Овој леб го јадат сите – и децата, и бремените, и доилките, и болните... Лебот со лобода не може да се јаде сам. Оној што ќе се најаде само од овој леб, ќе поврати“.
Прилично е комплицирано да се направи брашно од зрната лобода (меѓу другото, оваа билка е сродна на киноата), но затоа мошне е лесно да се користат нејзините зелени делови за храна. Стебленцата од лободата се додавале во салата и во чорба. Можеле да се јадат и без термичка обработка, доволно било да се наберат на поле за време на работата.
Понекогаш организмот негативно реагирал на лободата, но оваа билка се користела и во народната медицина зашто содржи многу аминокиселини, витамини и етерични масла. Таа го подобрува варењето, ја регулира работата на бубрезите и е корисна за срцето и за крвните садови.
Покрај лободата напролет како храна се користел и коренот на птичјата глушина. Во архивите на Санктпетербуршката академија на науките зачувани се записи за тоа како во Карелија напролет се печеле малку горчливи лепињи од ржано или од пченично брашно и брашно добиено со мелење на коренот на птичја глушина. „Оваа трева расте на бреговите на големите потоци и може да биде висока три четвртини аршини (околу 54 сантиметри). Кога ќе дојде пролетта мештаните го корнат коренот, го сушат и од него прават брашно“.
Оваа мешунка не бара многу во поглед на температурата и може да се одгледува на полињата пред сеењето на житарките или на компирот. Сега главно се користи во земјоделството како сточна храна. Зелената маса содржи над 20% протеин, а исто така и различни аминокиселини.
Народниот назив на оваа билка во Русија е „кашка“ (кашица), па не е ни чудо што се користи за храна. Особено децата со задоволство јадат детелина, зашто налето ги привлекува цветот полн со сладок нектар. Пчеларите прават светол мед со боја на килибар од цветот на детелината. Покрај тоа, цветовите од детелина се сушат и од нив се прави чај. На Кавказ таа се кисели и назима се додава во салата. Порано, во времето на гладните години, исушените светови и листови детелина се додавале во брашното од кое се печел леб. Зелениот дел од билката за подобар вкус се додавал во шчи и во ботвиња (ладна чорба од зелен лиснат зеленчук).
Медицината ги споредува корисните својства на детелината со дејството на женшенот. Детелината е добра за дијабетес, за бронхијална астма и анемија, а се користи и како антисептик.
Лековитата напивка од Иван-чај за првпат се споменува во ракописите од 12 век. Александар Невски по битките по крстосувачите за првпат го пробал кај локалните кнезови во Копорје (во близина на Санкт Петербург). Веќе следниот ден почувствувал несекојдневна бодрост и им наложил на мештаните да ја собираат ова билка за чајот, со цел да им се олеснат маките на воините во бојот. Масовното производство на чајот од врбица започнало во 18 век за време на императорката Екатерина Втора. Тогаш започнало снабдувањето на главниот град со Иван-чај и негов извоз во другите европски престолнини. Тоа била домашна и евтина замена за кинескиот чај.
Претходно „Иван-чај“ можел да се види во многу домаќинства каде се сушел како билка. Мошне е распространет во Русија. Зелените делови од врбицата се додавале и во зелени шчи и во салати. Од исушените корени се правела замена за кафе. Денес оваа билка најчесто се користи за правење чај и мед („мед од врбица“).
Иван-чај се препорачува кај авитаминоза и кај настинка, а исто така и за превентива од мозочен удар и од инфаркт, како и од болести на урогениталниот тракт.
Старите Словени верувале дека копривата ги брка злите духови и може да заштити од уроци. Често носеле гранче коприви во џебот како амајлија, плетеле белегзии или на оградата ставале венец од коприва.
Еден од најчестите рецепти од оваа „царица на сите треви“ е чорбата шчи од коприва. Овој рецепт го има и во книгата „Кулинарски белешки“ („Записки поваренные“) на Сергеј Друковцев од 1779 година. Копривата ја бланширале и ѝ додавале јајца, говедско и сланина. Понекогаш во шчито со коприва се додавал и штавел (киселец) за да се добие киселкав вкус. Копривата и денес се додава во салата и во омлет, и се суши за назима.
Копривата го подобрува варењето, се користи против кашлица, а исто така и во шампоните и во други козметички средства.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче