Во советско време шахот беше многу популарна игра. Земјата се гордееше со победите на своите шахисти на меѓународните турнири, додека дома возрасните ја играа оваа игра во слободното време, а децата уште од мали нозе се зачленуваа во шаховските клубови. Во времето кога популарноста на шахот беше на својот врв, во шеесеттите години од минатиот век, настана и шах колачот и стана еден од омилените.
Шах колачот имаше правоаголна форма со исклучително интересен пресек во шаховски дезен. Можеше да се купи во пекарите и супермаркетите. Но, во неговата подготовка станаа вешти и домаќинките, па со текот на времето исчезна од продавниците. Денес е тешко да се најде во продажба. Затоа е важно рецептот и техниката на приготвување грижливо да се сочуваат и секој да може да го подготви овој вкусен деликатес дома без многу мака.
Иако десертот изгледа комплицирано, тој е прилично едноставен за правење. Основата се состои од неколку слоеви кора. Според класичниот рецепт се премачкуваат со џем од јаболка. Но, можете да користите и некој друг џем со киселкаст вкус. Јас избрав џем од кајсии со нежен и прилично неутрален вкус. Резултатот е цврст, но воздушест колач. Слаткоста на ванилата и чоколадото е убаво избалансирана со овошниот вкус на филот.
Постојат неколку варијации на шах колачот. Понекогаш се премачкува со кондензирано млеко или неутрално сирење и крем од ванила. Класичната верзија е попрскана со мелени бисквити и ореви. Понекогаш тортата се премачкува со чоколадна глазура. Некои домаќинки прават дури и шаховски фигури од марципан за украс.
Јас се одлучив за соодветна есенска декорација со ореви и лешници кои ги користев и за посипување заедно со зрели физалис од мојата градина.
Брашно - 375 g + 25 g за кората од ванила
Шеќер - 200 g
Путер - 200 g
Јајца – 2 пар.
Какао - 25 g
Ванилин шеќер - 1 лажица
Прашок за печиво - 10 g
Сол - 1/3 лажичка
Џем од кајсии - 400 g
Сите состојки треба да бидат на собна температура за време на подготовката. Изматете го путерот со шеќерот и ванилиниот шеќер. Матете околу пет минути. Масата треба да се зголеми во волумен и да стане посветла.
Додавајте ги јајцата едно по едно. Добро изматете.
Додајте брашно со прашок за печиво и сол и матете додека не добиете мазна маса.
Поделете го тестото на два еднакви дела. На еден дел од тестото додајте 25 g брашно и убаво измешајте. Во другата половина од тестото додадете 25 g какао.
Тоа е доволно тесто за еден калап за печење. Калапот го поделив на два дела со хартија за печење за да испечам две кори истовремено. Израмнете ја површината на тестото и печете 20 минути во претходно загреана рерна на 180°C.
Оставете ги корите да се изладат.
Премачкајте ја едната кора со џем и покријте ја со друга кора.
Пресечете ги на половина, премачкајте го горниот дел на првата дупла половина и покријте ја со другата дупла половина.
Одозгора ставете нешто за да ги притиска корите и оставете ги 4 часа за слоевите да се залепат подобро.
Исечете ги 4 споени кори на еднакви ленти. Јас користев линијар и измерив ленти широки 2 сантиметри.
Превртете ги лентите и премачкајте ги со џем од страните. Ставете една врз друга така што боите да се менуваат вертикално. Ќе добиете два колачи со отприлика три вертикални слоеви (во зависност од ширината на лентите). Исечете ги рабовите.
Страните на колачот премачкајте ги со џем.
Врз џемот посипете мелени ореви и лешници.
Посипете го колачот од сите страни, украсете го со цели јатки ореви и лешници и оставете го да отстои во фрижидер уште 4 часа.
Послужете со кафе или чај. Пријатно!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче