Русите сакаат слатки и во секој голем град можете да најдете колач или печиво карактеристично само за тој крај. Во градот Саратов на десниот брег на Волга, на пример, со чај често се служи колач наречен „Волга“.
Овој колач се подготвува според оригинален саратовски рецепт. Тоа е всушност комбинација од тенка кора и дебел слој крем покриен со чоколадна глазура. Потсетува на познатиот руски колач „птичјо млеко“.
Колачот „Волга“ може да се купи во Прачкиновата слаткарница на Проспектот „Киров“, главната пешачка улица во Саратов. Колачот го смислил саратовскиот слаткар Александар Прачкин кон средината на минатиот век. Тој бил осумнаесетто дете во семејството на руски бурлак и поволшка Германка од богато семејство која побегнала со својот сакан речиси до самата граница со Казахстан. Детето на нивната љубов Александар Прачкин го направил познатиот колач по кој Саратов стана препознатлив.
Имено, во 50-тите години на минатиот век Александар пристигнал во Саратов и се вработил како товарач во ресторанот „Москва“. Еден ден нацртал скица на колач што им се допаднала на неговите газди. Така започнала неговата кариера на слаткар. Подоцна станал главен слаткар во истиот ресторан, а потоа и шеф на кондиторското одделение во ресторанот „Волга“.
До ден-денес, веќе со децении, жителите на градот и туристите го купуваат колачот „Волга“ во оваа слаткарница. Овде тортите и печивата се пакуваат како и порано, во сивкасти картонски кутии врзани со лента.
Меѓутоа, колачот „Волга“ можете да го направите и сами дома. Рецептот е мошне едноставен, а вкусот ќе биде исто толку добар како и во некој скап ресторан. Колачот треба да биде многу мек и нежен; најважно е точно да ги следите упатствата. Одвојте час или два за да го подготвите овој легендарен колач.
Млеко - 500 ml + 170 ml за чоколадната глазура
Слатка павлака, 33% - 350 ml
Сечкани ореви - 200 g
Шеќер – 200 g + 5 лажици за глазурата
Желатин - 10 g
Јајце - 1 пар.
Сода бикарбона со малку лимонов сок - 1/4 лажичка
Кисела павлака – 1/2 шолја
Какао – 3 лажици за тестото + 4 лажици за глазурата
Брашно - 3/4 шолја
Путер - 100 gr
Какао за декорација
1. За тестото измешајте ги во сад јајцето, киселата павлака и половина шолја шеќер. Ставете само лимонов сок преку сода бикарбоната, додајте ги на тестото и добро измешајте.
2. Какаото и брашното се просејуваат и се додаваат во чинијата, со миксер се матат во хомогена маса.
3. Ставете го тестото во намачкан плех и печете 10-12 минути на 180°С.
4. Оладете ја кората и избоцкајте ја со виљушка по целата површина.
5. Измешајте го желатинот со млекото и оставете ја масата 10 минути за да се раствори желатинот.
6. Додајте ја преостанатата половина шолја шеќер и измешајте.
7. Додајте ги сечканите ореви (јас користев бадеми), ставете го садот во друг сад со вода и загревајте додека шеќерот и желатинот сосема не се растворат.
8. Тргнете го филот од ринглата и оладете го.
9. Изматете ја слатката павлака во шлаг, додајте ја во филот и матете со миксер додека не стане пенест.
10. Премачкајте ја кората со филот. Оставете го вашето ремек-дело во фрижидер да се лади 10 часа.
11. Направете ја чоколадната глазура. Сипете 170 ml млеко во тенџерче (по можност со подебело дно) и загрејте додека да зоврие.
12. Потоа брзо додадете 5 лажици шеќер и 4 лажици какао во прав. Измешајте сé и ставете да се вари на средна температура.
13. Со непрекинато мешање варете ја чоколадната глазура додека шеќерот целосно не се раствори. Тоа нема да потрае повеќе од 3-4 минути. Потоа тргнете ја глазурата од ринглата и додадете го путерот.
14. Мешајте сè додека путерот целосно не се стопи. Чоколадната глазура од какао и млеко е готова. Оставете да се излади на собна температура и да се згусне. Потоа покријте го колачот со глазурата.
15. Последниот чекор е да го посипете колачот со какао во прав и да го исечете на мали парчиња. Декорирајте по желба и послужете ги гостите или изнесете го целиот колач на празничната трпеза. Уживајте!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче