Луковник: Стара руска веганска пита од кромид (РЕЦЕПТ)

Кујна
ЈУЛИЈА МУЛИНО
Ако не сакате кромид, ова јадење би можело да ви го промени мислењето. Веројатно сè уште не сте ја пробале оваа деликатна и превкусна пита со фил од кромид.

Питата луковник првпат официјално се споменува во книга од XVI век за водење домаќинство во Русија. Книгата „Домострој“ првпат е објавена во времето на Иван Грозни. Во неа луковникот се наведува меѓу јадењата погодни за време на пост. Во него нема млечни или месни состојки, што не значи дека нешто му фали во однос на вкусот. Едноставноста е дури и негова предност. Минималниот број состојки ни овозможува целосно да уживаме во нивниот богат вкус.

Луковникот е повеќеслојна затворена пита. Бидејќи тестото се базира на вода и растително масло, тоа е многу еластично, лесно се ракува и не се лепи за прстите.

Не се знае точно како изгледала оваа пита во минатото. Денес се прави во повеќе форми. Класичната верзија е тркалезна или правоаголна пита од неколку слоеви. Таквата пита е украсена со орнаменти од тесто во вид на гранчиња, лисја и цвеќе.

Поновата форма на стилизација на оваа стара пита се појави во вид на ролнички. Растегнатото тесто во круг се премачкува со фил од кромид, се сече на 8 или 12 парчиња од кои секое се витка во ролна и внимателно се става во плех за печење.

Современите домаќинки за филот не користат само зрел кромид, туку и млад кромид или праз. Јас ја направив класичната верзија со кромид. За да му дадам посебна арома, додадов пискавица во прав (зачин познат и како грчко семе).

Можеби рецептот звучи комплицирано, но подготовката е всушност многу едноставна. Питата е вкусна и кога ќе отстои, во текот на следните неколку дена, ако остане.

Состојки за 6 порции (плех со пречник 18 см):

Брашно - 330 g

Пченкарен скроб – 1 лажица

Вода - 150 ml

Сончогледово масло - 40 g

Сув квасец - 6 g

Шеќер – 1 лажица

Сол – 1 лажичка

Фил:

Кромид - 800 g

Сол, бибер, пискавица – по вкус

Сончогледово масло за пржење

Начин на подготовка: 

Разматете ги квасецот и шеќерот во топла вода. Додадете масло.

Измешајте ги брашното и скроб и додајте ги во водата. Тестото замесете го со миксер. Продолжете да го месите тестото 15 минути додека не стане еластично.

Покријте го тестото со крпа и оставете го да стаса додека не го подготвите филот.

Исчистете го и ситно исечкајте го кромидот.

Пропржете го кромидот во масло додека не стане проѕирен и не добие златножолта боја, постојано мешајќи го. Ова може да потрае 25-30 минути. Додадете сол, бибер и пискавица по желба. Оставете го кромидот да се излади.

Тестото поделете го на шест дела: 4 еднакви дела, еден малку поголем за дното и еден помал за декорација.

Намачкајте го плехот со масло. Со сукало развлечете го најголемото парче тесто.

Внимателно ставете го во плехот, покривајќи ги рабовите на плехот.

Премачкајте го филот преку првиот слој од тестото.   

Со сукало развлечете едно од четирите еднакви парчиња тесто. Ставете го преку филот.

Истото повторете го со уште трите парчиња тесто и на крајот превиткајте ги рабовите. (За време на подготовката добив прилично тенки и еластични развлечени парчиња тесто. Ги кинев рабовите. Така ми остана тесто за еден дополнителен слој.)

Кога ќе го ставите последниот слој, притиснете ја питата одозгора и залепете ги отворите.

Од најмалото парче тесто по желба направете декорации во вид на лисје. Премачкајте ја питата со масло. Ставете ја питата во рерна претходно загреана на 190°C. Печете 50-60 минути.

Оставете да се излади.

Питата е вкусна кога е топла, но одлична е и кога е изладена. Луковникот може да се сервира како предјадење, но и заедно со чорба или салата. Исто така одговара да се земе на пикник. Пријатен апетит!