Брза храна од советската ера (ФОТО)

Кујна
АНА СОРОКИНА
Каква брза храна јадеа Русите пред „Мекдоналдс“, „Бургер Кинг“ и КФЦ?

Еден од најпознатите советски слогани беше повикот за ослободување од „кујнското ропство“. Луѓето можеа да јадат во многубројните кантини, кафулиња и ресторани. И, се разбира, Советите имаа своја „брза храна“. Следува листа на она што тие најчесто го избираа за брз оброк.

1. Чебурек

Оваа пита полнета со мелено месо и пржена во длабоко масло е најпознатото јадење на кримско-татарската кујна. Чебуреците станаа популарни во Советскиот Сојуз со развојот на црноморските одморалишта, каде што можеа да се купат по пат до плажата.

После тоа, низ целата земја почнаа да се отвораат таканаречените „чебуречни“ кафулиња. Во нив можеше да јадете не само пити со месо, туку и оние со сирење или мирудии и да се напиете кафе (или нешто појако!).

Чебурекчилницата „Дружба“ на плоштадот „Сухаревски“, отворена во 1957 година, сè уште ги опслужува гостите во Москва кои доаѓаат овде поради носталгичната атмосфера - и поради нивните омилени чебуреци, се разбира! А во црноморските одморалишта тие и понатаму се популарна брза храна.

2. Крофни

Жителите на Санкт Петербург ги нарекуваат „пишки“, а кафулињата кои се специјализирани за нив се нарекуваат „пишечнаја“. Московјаните ги нарекуваат „пончики“, а кафулињата во кои ги служат – „пончиковаја“. Велат дека овие крофни се навистина различни, и оваа тема секогаш предизвикува дебати.

Во секој случај, советските крофни се многу различни од американската верзија: тоа е само пржено тесто со дупка во средината и покриено со шеќер во прав. За да се заситите, доволни се само 3-4 крофни.

Во Санкт Петербург „пишките“ и понатаму се дел од локалната кујна – таму има многу кафулиња во кои можете да го пробате овој советски класик.

Во Москва „пончиковие “ сè уште постојат во парковите Сокољники и ВДНХ.

Исто така, во Татарстан и Башкортостан, можете да пробате крофни наречени „баурсаки“ (нешто како уштипци).

3. Сладолед

Киосците за сладолед во СССР беа многу популарни не само во парковите, туку и во стоковните куќи.

Многумина одеа во ГУМ, главната стоковна куќа во Москва, само за да го купат својот специјален сладолед во крцкав корнет. Сладоледот секогаш беше во продажба, дури и во зима, и беше многу популарен.

Денес во големите градови може да се сретнат модерни киосци за сладолед, вистина, во помала мера, но со поголема разновидност на вкусови.

4. Шеќерна волна

Можевте да јадете шеќерна волна во кој било советски парк во текот на летото.

Тоа беше една од најомилените (и најпристапните) слатки на секое дете. Единствените состојки беа шеќерот и сирупот, кој ја тонираше шеќерната волна. Беше достапна во бела, сина, розова, жолта и зелена боја.

Меѓутоа, денес шеќерната волна не е толку популарна во Русија.

5. Шашлик

Месото на скара на ражен е традиционално кавкаско јадење кое во советско време стана синоним за летните викенди.

Советите едноставно сакаа забави со скара на отворено. Освен што можевте да го направите во сопствена изведба, шашликот беше една од најпопуларните улични намирници (намирници за брза храна), од балтичките територии до Далечниот Исток. Но, секако, највкусниот шашлик може да се најде на Кавказ.

6. Пирошки

Руската народна храна - пирошките (печени или пржени лепчиња со различни филови) се продаваше на пазарите, железничките станици и во специјални кафулиња наречени „пирошковаја“.

Внатре имаше високи маси на кои можеше само да се стои. Гостинот можеше да избере од десетина видови пирошки и да се напие топол чај. Исто така беше корисно да си земете пирошки од такви кафулиња со себе за по пат.

7. Пељмени

Друг тип на кафуле за брза храна со моно-кујна беше она во кое се служеа пељмени.

Во советско време, тоа беа многу евтини места каде што често имаше само еден вид пељмени. На Урал, покрај разни кнедли од месо, можеа да се најдат и пељмени од риба. Обично одеа со павлака или мајонез.

Денес, овој тип на брза храна се служи во модерните кафулиња во трговските центри и гастрономските улици.

8. Сендвич

 

Главниот брз оброк - ужина во СССР беше „бутербродот “, збор земен од германскиот јазик, односно сендвич што изгледаше малку поинаку. Во суштина, тоа беше само руски леб со путер и уште нешто како, на пример, колбас, сирење, краставица или дури и црвен кавијар.

Сендвичите обично се правеа дома, но ако ги сакавте за ужина, беа достапни во секое кафуле за брза храна. Во советско време, во големите градови имаше кафулиња со автомати кои продаваа вакви сендвичи. Денес, тој формат речиси и да не постои, иако некои кафулиња имаат сендвичи во советски стил на нивните менија. Наместо тоа, многу почесто можат да се сретнат сендвичи во европски стил.

9. Сода

Во секој парк имаше автомати за продажба на разни видови безалкохолни пијалоци: затоа што после шеќерна волна и сладолед, сигурно ќе бевте многу жедни!

Обично можете да изберете помеѓу сода-вода или сода-вода со сируп. Плус, сите ќе пиевте од истата чаша што оди со автоматот, само ќе ја исплакневте со вода!

Денес такви автомати може да се најдат само во музеите.

10. Палачинки

Кафулињата за палачинки беа поретки во СССР отколку оние во кои се продаваа чебуреци или крофни.

Блините (палачинки) се подготвуваат со путер, павлака, џем, кондензирано млеко и месо. Но, палачинките со кавијар, на пример, не беа достапни насекаде.

Денес речиси во секој трговски центар има киосци за палачинки.