Овој тркалезен руски пирог со месо бил омиленото јадење на Екатерина II (РЕЦЕПТ)

Кујна
МАРИЈА БУНИНА
Во руската кујна има голем број пироги (или пити) со тркалезна форма, како што се каравајот и курникот. Една таква пита наречена „колобови пирог“ била популарна од XVI до XVIII век.

Царицата Екатерина II го спомнала колобови пирог како подарок во нејзината комедија на карактери од 1772 година „Претсобјето на уважениот болјар“. Специфичноста на оваа пита бил начинот на подготовка на лиснатото тесто. Имено, секој слој се премачкувал со говедско сало.

Василиј Левшин во својата книга со рецепти „Руска кујна“ (1816) опишува ваков рецепт: „кога тестото е доволно премачкано со сало, направете од него тркалезен пирог... со следниот фил: исечкајте го говедското месо мошне крупно, со додаток на многу кромид и бибер; пржете го во говедско сало и потоа ситно исечкајте го. Со оваа смеса наполнете го пирогот, од истото тесто направете капак, додајте булјон од месото, или додадете парче мраз; поклопете го тестото и залепете го со прсти, печете го во тавче во врела печка“.

Називот „колобови“ е сроден на зборовите „колобок“ и „кулебјака“, а значи тркалезен леб. Зборот „колоб“ се сретнува во документи од XVI век, но до XIX век излегол од употреба, отстапувајќи му го местото на зборот „колобок“.

Денес во руската кујна практично не се користи говедско сало за подготовка на тестото, па затоа ќе ви понудиме поедноставена верзија на колобови пирог од шефот на кујната на ресторанот „Ухват“ Виктор Белеј.

Состојки за 1-2 порции:

Палачинки (12 парчиња):

Вода - 250 мл

Млеко – 200 мл

Јајца - 4 пар.

Масло - 70 мл

Шеќер – 35 г

Сол – 2 г

Брашно – 150 г

Фил:

Пилешки батак - 300-400 г

Путер - 600 г

Шампињони - 70 г

Кромид - 70 г

Масло за пржење

Пирог:

Лиснато тесто - 2 слоја

Млеко - 30 мл

Јајце – 1 пар.

Сос:

Лук - 30 г

Магдонос - 30 г

Шалот - 30 г

Вино - 100 мл

Соја-сос -100 мл

Слатка павлака - 1 л  

„Зелен путер“ (путер со додаток на ароматични ситно сечкани билки и малку маслиново масло) за декорација

Подготовка:

За палачинки во сад измешајте ги водата, топлото млеко, јајцата и маслото, изматете со жица додека не се изедначи. Потоа постепено додавајте мешавина од брашно, шеќер и сол. Треба да добиете тенко тесто од кое треба да испечете тенки палачинки.

Батакот збиберете го, посолете, прелијте го со топен путер и ставете го да се пече 35 минути на 170°C.

Пилешкото извадете го од рерната, извадете го месото од коските, поделете го на влакна.

Печурките и кромидот исечкајте ги на ситни коцки, пропржете ги на масло и додајте го пилешкото. Го добивте филот.

Наредете ги за печење лиснатото тесто, филот, одозгора ставете палачинка, повторно ставете од филот и покријте со уште еден слој лиснато тесто.

За глазурата од јајца лесно изматете го млекото со јајцето и премачкајте го пирогот. 10 минути подоцна извадете го пирогот и повторно премачкајте го со смесата. Печете уште 15 минути на 180°C.

За сосот исчистете го зеленчукот и ситно исечкајте го, пропржете го на масло и прелијте го со бело вино, почекајте да испари. Потоа додајте слатка павлака и соја-сос.

За сервирање, во чинија истурете малку сос и ставете го пирогот во неа, украсете со „зелен путер“.