Заборавено јадење на руската кујна: Взвар од кромид

Кујна
МАРИЈА БУНИНА
Стариот руски пандан на француската супа од кромид има специфичен карамелизиран вкус, а некогаш се служел како сос.

Шефот на ресторанот „Ухват“ Виктор Белеј сподели со нас рецепт за супа од кромид смислена врз основа на стар сос кој веројатно се служел уште на трпезата на Иван Грозни.

Взварот од кромид е древен руски сос кој се служел на царската трпеза со месо од лебед, мисирка, гуска, а понекогаш и со овчо месо. Зборот „взвар“ инаку се користел за пијалоци во кои се додавале билки, бобинки, коренест и друг зеленчук. Имало, меѓу другото, взвар од брусница, јаболка, зелка или кромид.

Взварот од кромид се подготвувал од карамелизиран кромид со мед и разни зачини. За киселост се додавале оцет или павлака, но овој пат ние ќе користиме бело вино. Виктор Белеј во рецептот додал и говедски булјон и на тој начин добил вистинска супа од кромид која не заостанува зад познатата француска верзија.

Состојки за 6 порции:

Гoведски булјон - 1 л

Кромид - 1 кг

Лук - 2 чешниња

Маслиново масло - 50 г

Путер - 50 г

Мајчина душица - 10-15 г

Бело суво вино - 250 мл

Подготовка:

  1. Кромидот се сече на ребренца, се пропржува на умерен оган на путер и маслиново масло со додавање на лукот и мајчината душица додека не добие златеста боја.
  2. Потоа се додава белото суво вино, се чека да испари, се налева говедскиот булјон и се вари додека не биде готово. Се додава сол и бибер.
  3. Пред сервирањето се посипува со рендано тврд сирење, на пример, со пармезан.
  4. Оваа супа се служи со парче препечен пченичен леб (подобро е лебот да има густа структура). При печењето врз лебот може да се наренда малку тврдо сирење.