- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
Според една верзија, топлата чоколада на почетокот на 18 век од Европа во Русија ја донел царот Петар Први. На благородништвото оваа напивка од зрната какао на прва топка не му се допаднала. Го нарекле „вештачки пијалак“ или „сируп од чад“. Можеби затоа и се појавила втора верзија за првата појава на чоколадата, поврзана со Екатерина Втора.
Според оваа верзија, топлата чоколада го нашла своето место во Санкт Петербург кон крајот на 18 век, благодарение на амбасадорот на Венецуела Франсиск де Миранди. Напивката му била претставена на миленикот на царицата Екатерина Втора кнезот Потемкин, кој високо ја оценил. Зачуван е запис за тоа како Потемкин секојдневно „пет-шест пати пие час кафе, час чоколада, грицкајќи притоа шунка или печено пиле“. Најверојатно топлата чоколада ѝ се допаднала и на царицата. Имено, дворот нарачал какао и топлата чоколада се одомаќила. Навистина, била мошне скапа и им била достапна само на највисоките слоеви на општеството.
Франсиск де Миранда
Генерал-лајтнант Константин Штакељберг, началник на дворскиот оркестар на Александар Трети, кон крајот на 19 век забележал дека „при Највисокиот двор по јадењето, освен кафе, се служела и шолја топла чоколада – обичај кој се задржал од времето на царицата Екатерина“.
Дури во 19 век се појавиле поевтиниот какао-прав и шеќерот од шеќерна репа. Тогаш топлата чоколада станала попристапна. Во едно писмо од 1818 година еден посетител на Санкт Петербург споменува дуќан на Невската авенија, каде човек може „пријатно да се одмори и да испие шолја топла чоколада“.
Чоколадата започнала да се споменува и во литературните дела: кај Достоевски, кај Гогољ и кај други. На пример, Иван Тургенев во 1972 година вака ја има опишано масата во романот „Пролетни води“: „... огромен порцелански бокал за кафе, преполн со миризлива топла чоколада, опкружен со шолји, со шишиња со сируп, бисквити и печиво, па дури и цвеќе“.
Рецептот за топлата чоколада од тоа време е запишан во популарниот готвач од 1861 година „Подарок за младите домаќинки“ на Елена Моховец: „На три чаши млеко земете од 50 до 100 грама чоколада. Можете да ја изрендате или да ја искршите на парчиња, загрејте ја заедно со млекото додека зоврие, често мешајќи, сипете ја во шолји и одделно послужете шеќер. Во ваквата чоколада понекогаш се додава и лажица густо изматена слатка павлака.
Најголемата фабрика за чоколади пред Октомвриската револуција
Во втората половина на 19 и почетокот на 20 век во земјата биле отворени околу 600 фабрики за чоколада. До 1914 година (до почетокот на Првата светска војна) во Санкт Петербург имало 170 производители на чоколада, а во Москва 213.
Фабриката на Ејнем
Во 1851 година германскиот бизнисмен (поданик на државата Виртемберг) Фердинанд Теодор фон Ајнем (во Русија неговото презиме се изговара како Ејнем, а го зел и руското име Фјодор) на Арбат отвори работилница за производство на чоколади и бонбони и мала слаткарница. Претпријатието било мошне успешно и веќе во 1867 година успеал да изгради фабриката на Софискиот кеј. Производството во голема мера се зголемило и во 1871 година половината слатки во Москва се произведувале под раководство на Ејнем и на неговиот германски партнер Јулиус Гајс. За една година произвеле 32 тони чоколада, 160 тони бонбони, 24 тони чајни бисквити и 64 тони шеќер во коцки.
На купувачите им се допаднал не само вкусот на слатките, ами ги сакале и лимените кутии во кои тие се продавале. Во изработката на особено скапите кутии се користело кадифе, кожа и златен отисок. Освен тоа, во кутиите купувачот го очекувало изненадување. Заедно со слатките бесплатно добивале ноти од веселиот „Чоколаден валцер“ или „Кекс-галоп“.
Едни од најпознатите чоколадни бонбони на оваа фабрика беа „Несмасниот Мечок“ (Мишка косолапый), кои за првпат беа произведени во 1913 година, а денес се популарни кај сладокусците. Цртежот на обвивката е копија на сижето на познатата слика на Иван Шишкин „Утро во боровата шума“.
Фабриката на Абрикосов и синовите
Со името на Алексеј Абрикосов е поврзана руската историја на чоколадата и преориентацијата кон нејзиното производство за деца. Ова не е случајно: тој и неговата жена имале 22 деца. Пролетта 1879 година трговската фирма „А.И. Абрикосов и синовите“ во населбата Сокољники купила земја на која изградила кондиторска фабрика. „Фабричко-трговското партнерство на А.И. Абрикосов и синовите“ е основано во 1880 година.
Абрикосов е првиот кој во Русија почнал да го покрива сувото овошје со чоколадна глазура. Претходно овој десерт се увезувал од странство. Во 1899 година ги очекувал најголемиот успех: компанијата на Абрикосови станала снабдувач на Неговото Височество и било дозволено на етикетите да се стави државниот грб. Во оваа фабрика за првпат се произведени карамелите „Гускини ноџиња“ (Гусиные лапки), кои тогаш се нарекувале „Гускини носови“. На почетокот на 20 век во оваа фабрика се произведувале околу четири илјади тони карамела, бонбони, чоколади и бисквити.
Французите Сиу
Во 1855 година француската брачна двојка Адолф и Ежени Сиу во Москва отвориле мала слаткарница со рачно изработени бонбони. Подоцна нивните синови ја продолжиле работата. Во осумдесеттите години од 19 век тие ја основале трговската фирма „С. Сиу и Ко“ и изградиле фабрика. Произведувале тврда чоколада, карамели, нугат и желе-бонбони. Продавниците на фирмата Сиу се појавиле во најголемите градови во земјата.
По Октомвриската револуција
На почетокот советската власт имала негативен однос кон чоколадата, сметајќи ја за десерт на буржоазијата. Навистина, тоа не го спречило производството на евтини чоколадни бонбони со ликовите на советските лидери на обвивките. Сепак, чоколадните бонбони не спаѓале во неопходните производи, а ситуацијата со храна во земјата била тешка.
По револуцијата фабриките на Ејмен и на Абрикосови биле национализирани, а во 1922 година називите се сменети во „Красный Октябрь“ (Црвениот Октомври) и во „Бабаев“ ( во чест на револуционерот). Поголемиот дел фабрики биле затворени. Семејството Сиу ја напуштило земјата, а нивната фабрика исто така била национализирана.
Односот на власта кон чоколадата се сменил кон средината на 20 век. Владата на фабриките им наложила да произведуваат бонбони од млечна чоколада кои ќе бидат достапни за советските граѓани.
Фабриката „Бабаев“ во 1946 година за првпат во Русија започнала да произведува чоколадни табли во разнобоен целофан. Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век во фабриката беа создадени нови видови чоколади и чоколадни бонбони. Најпознати меѓу нив се „Бабаевски“ и „Вдахновение“. Приближно во исто време (1966 година) „Црвениот Октомври“ започна да ги произведува чоколатцата „Аљонка“ на чија обвивка се најде девојче со сина шамија.
Денес кондиторскиот концерн „Бабаевски“ и фабриката „Црвениот Октомври“ заедно со уште десетина други фабрики за чоколади се дел од големиот холдинг „Обединети кондитори“.