Какви јадења подготвуваат Русите за верските празници?

Евгениј Жигалов/Getty Images
Големо влијание врз руските кулинарски традиции имало православието, кое им налага на верниците во поголемиот дел од годината да не јадат животинска храна.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Руското селско население историски се навикнало на природното производство, трошејќи многу време на грижа за добитокот и обработувањето на земјата во тешки климатски услови. На плеќите на жените било бремето на големата работа дома и на поле, така што се немало време за подготвување комплицирани оброци.

Според пишувањето на германскиот етнограф Јохан Георгиј во делото „Опис на сите народи кои живеат во Руската држава“ од 1799 година, жените на село „покрај својата работа... ги вршат дома и на поле истите работи како и мажите, со исклучок на некои“. Жените ги завршувале работите дома доцна во ноќта, а станувале во четири часот наутро. И иако важна храна бил само лебот, тој се печел поради недостаток на време, само еднаш неделно во печка.

Алтајски крај, 1987.

„Факторот време и неговата заштеда влијаеле на поделбата на храната на секојдневна и празнична, односно онаа на чија подготовка може да се потроши повеќе време и да се направи нешто покомплицирано, поквалитетно и поразновидно“, пишува рускиот историчар Леонид Милов во својата книга „Великорускиот земјоделец и спецификите на рускиот историски процес“.

Празник по воздржување

Празниците биле ретка појава во животот на руските селани, без разлика дали биле строго семејни или верски. Наутро луѓето оделе в црква на богослужба, а потоа дома се подготвувал празничниот ручек. Со верските празници најчесто завршувале постите кои траеле долго и освен духовен аскетизам, предвидувале и воздржување од животинска храна.

Поделбата на руската кујна на посна (растителна храна, риба и печурки) и масна (месо, млеко и јајца) датира уште од десеттиот век и времето на покрстувањето на Русија. Според православниот календар, се пости околу 200 дена во годината, а многу често тоа се периоди од по 40 дена, па верниците со нетрпение го исчекувале крајот на постот.

Кустодиев Б.М. „Христос Воскресе!“

Божиќните пости му претходат на празникот Рождество Христово, а Великите пости завршуваат со празнувањето на Воскресението на Исус Христос.

„За црквен празник се подготвува порано, се вари пиво и се канат роднините и познаниците кои најчесто доаѓаат на денот на празникот, навечер. Гостите носат пити. Гозбата започнува кога свештеникот во куќата на домаќинот ќе го заврши молебенот. Се слави и по два и три дена, поминувајќи го времето во пиење, речиси непрестајно јадење, пеење песни и танци“, се наведува во книгата „Општо разгледување за Тверската губернија... од 1783 до 1784 година“.

Што се јадело на празник

За празничната трпеза се подготвувале шчи со месо, супа од зеленчук, месо и пивтии, како и сољанка со месо.

„Во некои делови од земјата, на големите празници покрај шчи со месо се јаде павлака со заплетен фин бел леб, калач, кајгана со шунка, палачинки, пржени пирошки, уштипци, пити, ватрушки (полнето печиво), лепиња и друго“, пишува на крајот на 18 век во книгата „Селско огледало или општонародна книга“ рускиот научник Андреј Болотов.

Маковски А.В. „Велигденска трпеза“ 1916.

Домаќинките печеле најразлични пити, кулебјаки, големи векни со риба, каша и јајца, како и калитки (полнето 'ржено печиво) или

и пирошки со кромид, зелка, месо или риба. Како десерт за празниците се јаделе медени колачиња, лешници, овошни желеа и бобинки.

Прославата била придружена со пијалоци, главно домашни, како пиво или меден квас, а нешто поретко и вино.

За големите верски празници се подготвувале особени јадења. На пример, за Велигден на трпезата се принесувале кулич (велигденски висок леб), Пасха (колач со сирење и кандирано овошје во вид на зарамнета пирамида) и бојадисани јајца, јадења кои за верниците имаат сакрална смисла, претставувајќи го воскресението на Исус Христос и други верски симболи.

Мохов М.А. „Велигден“, 1842.

Некои верски празници се совпаѓаат со почетокот на жетвата. Така, на 14 август православната црква празнува три светињи, Животворниот Крст Господов, иконата на Спасителот и иконата на Владимирската Мајка Божја. Тоа е првиот ден од Богородичните пости. Од тој ден било дозволено да се јаде зеленчук и собира мед. Овој празник се вика Меден и Афионов спас.

Празнична трпеза на 1 март 1974.

На 19 август се празнува Преображение Господово, меѓу народот наречен Јаболков спас. Тоа е првиот ден кога може да се берат јаболка. Претходно на тој ден в црква се носеле јаболка за да се осветат, а дома се правеле празнични јадења и пити со јаболка.

Традицијата на осветување денес е зачувана само во исклучително религиозните семејства, а празниците Меден и Јаболков спас и понатаму се многу популарни.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња