Смртоносно јадење кое ништо не им може на луѓето од Северот

Кујна
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Се смета за деликатес на северните народи, но на некој однадвор може да му се случи следниот ден да биде убиен. Ваков случај се има случено во седумдесеттите години од минатиот век.

Традиционалната кујна на северните народи многумина жители од другите региони ја карактеризираат како екстремна. Секоја нема да се дрзне да проба топла крв од елен, густа „крвава“ супа или делумно сварена содржина на еленски желудник. А, што е со десертите? Ниту тие не се за секого. Северниот сладолед се прави од сало на морж или на фока, иако се додаваат и бобинки.

Меѓутоа, најчуден и најопасен северен деликатес е копаљхен (некаде копаљхем или кимгут). Оние што не го јаделе од детството може дури и да ги убие.

„Повраќање, губење свест, болки во црниот дроб“

Во седумдесеттите години од минатиот век еден хеликоптер МИ-8 со мала истражувачка експедиција имал незгода среде полуостровот Тајмир. Двајца пилоти, тројца топографи и еден локален водич Ненеец, Савељиј Персољ, се затекнале среде септемвриска тундра, отсечени од светот, без топла облека и храна и чекале помош. Меѓутоа, деновите поминувале како гладна година, првиот вториот, третиот, а никој не доаѓал.

Групата јадела мало и само она што била принудена да јаде: леминзи и глувци, печурки, брусница. Ноќите биле студени, а тие сфатиле дека не можат уште долго така и дека е крајно време нешто да преземат. Тогаш Савељиј предложил да побараат залихи од храна во мочуриштето, да го заситат гладот, да земат со себе и да дојдат до најблиското село Хатанги.

Водичот притоа мислел на копаљхен, труп на голем масен елен кој Ненејците го потонуваат во мочуриштата за назима, и го оставаат да се распадне половина година, го обележуваат местото, а потоа го извлекуваат и го јадат, Ваквите скриени места ги спасуваат животите на заталканите мештани. Доколку најдеш копаљхен можеш да го земеш но мораш да подготвиш нов. И Савељиј навистина нашол копаљхен. Откако го затнале носот поради специфичниот мирис, сите членови на експедицијата тоа нерадо го јаделе.

Следното утро копаљхен ги покажал сите свои карактери. Започнало повраќање, губење свест, болки во црниот дроб. Само Савељиј се чувствувал добро. Наредното утро во маки починале двајцата пилоти и еден топограф, а останатите двајца лежеле во бесознание. Во тој момент долетал хеликоптер и почнал да им помага. На едниот топограф успеале да му помогнат, а другиот не реагирал на лековите и починал истата ноќ. Савељиј подоцна е осуден условно „за убиство со труење од немарност“.

Гладниот елен од мочуриште

Овој случај е опишан во „Приказни на судскиот вештак со медицинска струка“ на воениот лекар Андреј Ломачински. За копаљхен не знаат сите, ами по правило само оние кои имаат живеено со автохтоните народи од Северот. Ненеецот Авељиј Пересољ не се ни сомневал дека традиционалниот деликатес можел да биде опасен. Всушност, како би можел да го претпостави тоа кога онаму од кадешто потекнува го јадат дури и малите деца?

Копаљхен е ферментирано месо од правилно убиено животно. Ако копаљхен е од елен тогаш се избира најсилниот и најдобро нахранет примерок. Прво неколку дена се остава да гладува со цел желудникот целосно да се исчисти. Потоа се убива со давење и се води сметка да не се оштети кожата и да нема рани. Трупот на животното потоа се спушта во мочуриште, се затрупува со површински слој земја и се обележува местото за подоцна да може да се најде.

Месото ферментира во водата цела зима. За тоа време почнува да се распаѓа, се формираат микроорганизми кои полека го менуваат неговиот состав и го збогатуваат со витамини. Меѓутоа, истовремено се издвојуваат гнили отрови, кадаверин, путресцин и неурин. Последниов врз организмот дејствува слично како фосфорните органски материи (бојни отрови), односно кај луѓето доаѓа до зајакнато лачење плунка, до повраќање, пролив, грчеви и во најголем број случаи до смрт. Сепак, копаљхен нема да ги убие оние што се навикнати на него, а тоа може да се постигне.

Кој, како и зошто го јаде тоа?

Апсолутно е очигледно дека копаљхен има огромна енергетска сила и изобилува со микроорганизми кои му се потребни на телото. Со цел поинаку да може да се објасни појавата дека морски ловец на мраз и на плитачки санти мраз од Северниот леден океан со изедено само она едно парче копаљхен цел ден не чувствува глад и пад на енергијата, пишува Јуриј Ритхеу во есеј за Чукотка.

Копаљхен е национално јадење кај Ненејците, Чукчите, Хантуте, Ескимите, Евенките и Нганасаните. Исклучително тешките услови на нивниот живот направиле специфичен деликатес кој со години може да се чува во мочуриштата или во мраз и да биде толку висококалоричен и корисен. А, за да се избегне смртоносниот ефект на ова сурово ферментирано месо се привикнува од раното детство.

Организмот на северните жители има развиено отпорност кон отровите. Жителите на арктичкиот брег имаат сосема поинаква киселост на желудочната содржина која кај Европејците би предизвикала неизбежен гастритис и чир. Таа ги уништува ларвите на трихинелата. Кога човек кој не е од тоа подрачје ќе проба копаљхен, дури и ако не се отруе и не умре, во најмала рака може да смета на трихинелоза.

Еден копаљхен може да јаде цело семејство неколку недели, па и цел месец, што е добитна комбинација во екстремните зимски услови. Замрзнатото место се сече на тенки парчиња кои се завиткуваат во ролат и се посипуваат со сол. Првокласниот деликатес доаѓа дури кога сево ова ќе се „заслади“ со сурови бели дробови на тукушто убиен елен зачинето со концентрат од лист на златен корен (билка од тундрата).

Според вкусот овој северен деликатес потсетува на горчлива несолена сланина. Постојат и други споредби. Како што има напишано Ритхеу, „вистински, добро отстојан копаљхен е на пресекот розовкав, а на границата со сало преминува во зелена боја, со малку поостар вкус, како и добро отстоено мувлосано француско сирење“.

Каков уште може да биде копаљхенот?

Ескимите и Чукчите го прават од моржови, од фоки и од китови (од елен е почесто чукотски и ненејски специјалитет).

Моржовите се убиваат на местото кадешто живеат во доцна есен, пред да стасаат до брегот, пловејќи на мраз. Од моржот во големи парчиња се лупи кожата, заедно со слој сало и месо. Секое парче од внатрешната страна се посипува со трева и со лишаи, а потоа се зашива со јаже кое е направено од кожата и се свиткува во ролна. Понекогаш внатре се ставаат парчиња црн дроб, срце и бубрег. Сето тоа се става во специјални јами, чии ѕидови се обложени со камен. Јамите се направени во пермафростот, каде трупот не се расипува и полека ферментира како во специјални објекти наменети за чување месо.