Руска салата (Салата Оливје)

Legion Media
Во деветнаесеттиот век францускиот готвач Лусиен Оливје кој работел во ресторанот Ермитаж во Москва, го чувал рецептот за својата салата во најстрога тајност. Првобитно во салатата имало дивеч, ракови, кавијар и таен зачин. Подоцна рецептот се менувал, салатата се изгубила од руските трпези и повторно се вратила кон средината на минатиот век. Во меѓувреме скапото месо му го препуштло своето место на саламата, а капарите на киселите краставички. На овој начин салатата стана пристапна за милиони жители.
Харинга во бунда

Legion Media
Оваа салата во повеќе слоеви ја следат бројни легенди. Според една од нив, салатата се правела и пред револуцијата во 1917 година. Се служела во крчмите зашто со додавањето зеленчук, тркалца кромид и масло се камуфлирал не многу добриот квалитет на рибата. Харингата освен тоа е одлично мезе со алкохолни пијалаци. Според друга варијанта, салатата непосредно пред револуцијата ја смислил московскиот трговец Богомилов, припишувајќи им на состојките подлабока смисла, па така цвеклото ја симболизирало револуцијата, морковот и лукот селанството, а харингата пролетаријатот. Салатата се прави така што состојките се редат во слоеви и богато се заливаат со мајонез.
Винегрет
Legion Media
Не се знае точно кога во Русија почнала да се прави салатата Винегрет, дали на крајот на осумнаесеттиот или на почетокот на деветнаесеттиот век. Меѓутоа, рецептот толку станал чест што се подготвува до денешен ден и тоа без никаква посебна причина. Салатата е зачинета со билно масло, а не со мајонез, што е мошне важна супстанција кога сите други салати на трпезата се преполни со мајонез. Состојките се најобични: цвекло, грашок, морков и компир.
Мимоза
Legion Media
Салатата со жолти ронки станала неизоставен дел од празничната трпеза во текот на седумдесеттите години од минатиот век. Постои приказна дека ја измислил готвач од Абхазија во очи на Осми март. Украсена по површината со ронки од рендани варени јајца, оваа салата потсетува на мимоза која расте таму и е симбол на Денот на жената.
Дамите што се одморале во Абхазија ѝ го дале должното внимание на салатата од конзервирана риба, јајца, моркови и компир и го понеле со себе рецептот, па така тој се проширил низ земјата. Денес се прави пред сè за Нова година.
Салата од ракчиња
Legion Media
Уште една салата со мајонез се има појавено во осумдесеттите години од минатиот век во Советскиот Сојуз. Главните состојки се плочки од ракчиња, краставички, а може да се додаде и ориз и пченка. Иако малкумина веруваат дека плочките се од месо од ракчиња, салатата сепак се прифаќа како скапа и сосема одговара на свечените пригоди.