Најбизарната храна што ја јаделе руските селани

Солнцев Ф. Семејство од село пред ручек. 1824 година

Солнцев Ф. Семејство од село пред ручек. 1824 година

Третјаковска галерија
Поголемиот дел селани во минатото биле мошне сиромашни, така што морале да прават храна и од најнеобични нешта. Каша од дрво? Слатко од ферментирано брашно? Црна сол од печка? Избравме неколку најнеобични јадења...

1. Брезова каша – храна од дрво

Брезата, која е еден од симболите на Русија, не се користела само за огрев, ами и за други најразлични намени: брезовиот сок се користел како антисептик, брезовата кора за пишување и за изработка на обувки итн.

Од определени делови од ова дрво се правела и каша. За таа цел се користел флоемот, внатрешниот слој на кората, задолжен за транспорт на хранливите материи во дрвото, Потребно било да се извади слојот на дрвото од под кората, да се иситни, да се покисне во вода додека добро се натопи, а потоа да се вари додека не стане густ и леплив како каша. Вашиот појадок од бреза е подготвен! Послужете го со сок од бреза.

2. Рубец – бурга, првиот дел од говедскиот желудник

Секоја есен селаните имале задача да засолат и да маринираат говедско за потребите на спахиските семејства назима. Бурагот не можел да се чува, па затоа селаните можеле да го задржат за себе. Тие смислиле начин како овој внатрешен дел да го подготват како мошне вкусно јадење. Тоа потсетува на шкотскиот хагис (кој се подготвува од овчко срце, џигер и бели дробови) или на чкембе.

Бурагот мора да стои потопен во вода неколку часа (при што водата се менува секој час) за да се отстрани силната миризба. Потоа се вари со зеленчук околу пет часа сè дури не стане доволно мек. Бурагот е богат со хранливи материи. Содржи протеини и многу витамини, па и елементи како што е цинкот, кој го зајакнува имунитетот.

3. Кулага – необичен ферментиран десерт против сите болести

Кулагата се прави од ‘рж и потсетува на брезовата каша, мошне лесно се прави со помош на малку состојки. Потребно ви е: ‘ржано брашно, ‘ржан слад и вода. ‘Ржаниот слад се става во свежа вода да стои еден час, а потоа се додава ‘ржано брашно (двојно поголемо количество од количеството слад). Потоа смесата се лади и станува хомогена, се префрла во тенџере кое добро се затвора и се става во печка преку ноќ.

Стасаната кулага има светло кафеава боја и изгледа како мошне густа каша (може да се сече со нож). Дури стои во печката кулагата ферментира, па на крајот ова јадење содржи многу здрави состојки, особено витамин Б, кој е неопходен за добар метаболизам. Руските селани оваа необична „суперхрана“ ја користеле како лек против стомачни проблеми, за лекување на срцето, на црниот дроб и на бубрезите.

4. Четврточна сол, црн драгоцен зачин подготвен во руски опинок

Освен што била добра за здравјето, кулагата била и обредно јадење, кое потекнувало уште од паганските времиња. Истото може да се каже и за таканаречената „четврточна сол“. Таа се подготвува само во текот на една ноќ во годината, наспроти Велики четврток, кога, според Евангелието, Христос ја поделил Тајната вечера со апостолите. Четврточната сол била обредна храна, зашто во старите времиња била мошне скапа и се верувало дека може да го заштити човекот од злите духови.

За подготовка на четврточната сол потребно било крупна сол да се навлажи со вода и да се додадат ронки ‘ржан леб. Оваа маса потоа се става на влажна ткаенина, а потоа во лапот (обувка од брезова кора). Тоа се затрупувало длабоко во пепелта во печката и стоело околу 4 часа. Но, главната состојка била молитвата. Во текот на овој процес селаните се молеле. Молитвата траела и додека груменот изваден од печката се ситнел во аван. Потоа солта се осветувала в црква.

Четврточната сол се чувала на најсветото место во куќата, на полица за икони. Се користела за подготовка на сите обредни јадења како магиски лек за човекот и за стоката и како ѓубриво на полето.

5. Леваши, руски традиционален здрав десерт

Во текот на поголемиот дел од руската историја селаните не знаеле за шеќерот. Тој бил премногу скап и затоа не се користел во селските рецепти. Но, децата сакале слатки, па русите смислиле свој десерт од овошје.

Десертот можел да се чува до пет години зашто тоа бил всушност природно сушен овошен сок. За подготовка на леваши овошјето (најчесто бобинки) најпрво се гмечеле во пире. Потоа се додавал мед и оваа смеса се оставала да се суши на сонце во големи плехови или ставала во топла печка за побрзо сушење.

Тенките листови овошна паста ги сечеле на ленти, ги виткале во ролнички и ги чувале. Историчарите на храната тврдат дека левашите се најстар десерт во Русија. Неодамна во Русија повторно почна да се прави сличен десерт под називот пастила (иако при нејзината подготовка се користи и белка). Таа се продава како традиционален руски деликатес.

Прочитајте исто така: Руската салата „Винегрет“: супер лесна и супер традиционална

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња