Велат дека на Русите во странство најмногу им недостасуваат бескрајните брезови шуми. Тие сакаат да гушнат брезово стебло, но исто така сакаат и да цедат сок од него и да го испијат на лице место. Ова е уште еден од низата секојдневни руски гастрономски обичаи.
Напивката од бреза стана популарна во Советскиот Сојуз во повоениот период за време на недостигот од храна. Производството на овој сок било мошне евтино. Брезовиот сок е и мошне здрав, зашто содржи витамини Б6 и Б12 кои се корисни за кожата и косата. Исто така одлично ја гаси жедта.
„Брезовиот сок има специфичен вкус, но ми се допаѓа“, вели Семјон од Москва“. „Вкусот е сладок, но не може да се објасни дури не се проба“, го поддржува колегата Алексеј и признава дека со задоволство ги чести странците со оваа необична напивка.
Брезовиот сок беше многу популарен во советско време, сè дури не го потиснаа современите газирани сокови.
„На почетокот на осумдесеттите години од минатиот век беше тешко да се набави советската лимонада 'Буратино'. Од сите сокови кои се продаваа на чаша, брезовиот сок најмногу потсетуваше на тој омилен газиран пијалак на советските ученици“, се сеќава Олег.
Руските закони им дозволуваат на жителите да собираат „хранливи шумски ресурси“ за лични потреби. Во таа категорија покрај бобинките, печурките и јаткастите плодови спаѓа и брезовиот сок. Треба да се собира само напролет и само во незагадени подрачја зашто дрвото впива штетни материи.
Сезоната на собирање започнува кон крајот на март и средината на април кога ќе почне да се топи и на брезите да се појавуваат пупки.
Не треба да се собира сок од младите дрвја зашто можат да се оштетат. Стручњаците велат дека колку е постара брезата, толку е повкусен сокот. Малото дрво дава околу три литри сок, а големото од пет до седум литри.
Кората на брезата треба да се засече и во отворот да се стави парче метал во облик на жлеб низ кој ќе се слева сокот во веќе подготвената тегла. Забрането е да се користи секира. Најбезболно е да се продупчи мала дупка во дрвото. Колку што е помал резот, толку побргу ќе зарасне.
Искусните „ловци“ на сок велат дека е најдобро да се собира преку ден, од пладне до залезот на сонцето.
По собирањето резот задолжително треба да се премачка со глина или со восок, а може да се затне и со мов.
Сокот може да стои само неколку дена. За да не се расипе како основа се користи за квас, за окрошка (руска ладна чорба од квас) или сируп.
Сокот од бреза се користи и во козметиката. Миењето и протривањето на лицето со коцка замрзнат брезов сок ја тонизира и ја подмладува кожата. И косата може да се натопи во брезов сок – така побрзо расте и помалку се валка.
Ако не сакате да талкате по шумите во потрага по соодветно дрво, а со задоволство би сакале да го пробате вкусот на брезата, наминете во кој било голем руски супермаркет.
Алексеј предупредува дека речиси секој брезов сок од продавница е пастеризиран и содржи адитиви, но воопшто не е штетен. Секако, сепак не може да се спореди со свежиот брезов сок, признава Роман: „Денес се продава во шишиња, но тоа не е тоа. Сосема е поинакво чувството да се пие брезов сок од чаша, во шума, директно од бреза – тоа се незаборавни спомени од детството!“
Прочитајте исто така: Седум освежителни пијалаци што ги пиеле старите Словени
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче