Што е тоа чеБУРЕК? Руско јадење што само се римува со македонскиот БУРЕК?

Кујна
ВАСИЛИСА МАЛИНКА
Луѓето во Советскиот Сојуз ја научија уметноста на уживање во чебурек.

Чебурек во советско време беше неверојатно популарно јадење, особено по 1989 година кога беше објавен указ со кој на кримските Татари им беше дозволено слободно да се населуваат ширум СССР. Тие со себе го понесоа својот омилен специјалитет: тесто полнето со мелено или со ситно сечкано месо пржено во многу масло или во маст (според изворниот рецепт).

Како што чебурекот стануваше попопуларен, се појавуваа сè повеќе локали и киосци кои го имаа во својата понуда. Пред нив луѓето стоеја во редици, чекајќи го својот чебурек. Работата е во тоа што дури и во својот најексклузивен облик оваа „пита“ е евтина, а секогаш е многу вкусна. Затоа може да се каже дека киосците со чебурек се места на кои се бришат границите на социјално-економската нееднаквост.

Некои сметаат дека чебурекот е брза храна, додека други го сметаат за гурмански деликатес. Погодни се како за вечера при романтично излегување или кога излегувате со друштвото на пијалак.

Единствен „проблем“ со чебурекот е тоа што е мошне незгодно да се јаде зашто постои опасност да ги замастите рацете, облеката и лицето! Всушност, се смета дека е потребна вистинска вештина за да се јаде чебурек, оти сокот што се цеди од него е истовремено и неговиот највкусен дел!

Мојот татко својот прв чебурек го пробал кога имал 6 години. Неговите родители долго време живееле во Алжир, каде мојот дедо работел како дупчач на бунари. Еднаш татко ми на подарок добил млечно бела кошула со мала сина кравата и со слика на коза. Мојата прабаба му ја дала кога првпат отишол да јаде чебурек. Но, штом татко ми го каснал првиот залак, се истиснала маста, при што останала голема дамка, а татко ми и баба ми биле многу загрижени! Во секој случај, оваа приказна не е заборавена до денешен ден, а таа мала кравата се чува до денешен ден како сеќавање на доживувањето со чебурекот од детството на татко ми!

Состојки:

2 шолја брашно

1 шолја вода

1 супени лажици масло

1 кафена лажичка сол

400 грама мелено говедско

½ кромид

сол, кумин, црн пипер

масло за пржење

Подготовка:

1. Во чинија измешајте ги брашното и солта. Додајте супена лажица масло во една шолја вода, а потоа додајте ја во брашното и солта. Измешајте ги сите состојки и тестото обликувајте го како кора. Замотајте го тестото во пластична фолија и оставете го од половина до еден час да одмора во фрижидер.

2. Ситно исечкајте го кромидот и измешајте го со меленото или со ситно сечканото говедско месо. Додајте сол, кумин во прав и мелен црн пипер. Добро измешајте.

3. Кога тестото ќе се одмори, извадете го од фрижидерот и месете го на набрашнета површина додека не стане мазно и додека не почне да се одвојува од прстите. Поделете го тестото на два дела и развлечете го во кора со дебелина од 2-3 милиметри.

4. Од тестото исечете големи кругови и на едната половина од секој круг ставете од зајрето. Аглите на тестото намачкајте ги со вода и преклопете го. Истиснете го вишокот воздух и залепете ги аглите. Потоа притиснете ги со виљушка.

5. Загрејте голема тава со масло на температура од околу 180 степени Целзиусови, пржете го секој чебурек околу 2 минути со превртување. Доколку маслото е премногу врело, тестото брзо ќе изгори, а зајрето ќе остане живо. Затоа пржете на средна температура.

6. Оставете ги чебуреките малку да се изладат пред да ги послужите, доколку можете да му одолеете на мирисот!