Петар е роден како долгоочекуван принц-престолонаследник и веќе на една година добил играчка коњ. Оваа играчка традиционално била прва за децата во богатите семејства. Го симболизирала стариот обред на иницијација на момчињата, кога за прв пат ќе ги качеле на коњ. Коњот го направил од липа „мајсторот за дрвено резбарство старецот Иполит“, бил покриен со „обработена бела кожа од ждребе, а за да не се чувствува кожата на влага, била премачкан со масло од цимет... Коњот беше поставен на четири железни тркалца со шари покриени со олово“.
Кога имал три години, принцот добил „мала кочија“ со четири коњчиња од болјарот Артамон Матвеев. Таа имала „кристални прозорци, а на прозорците насликани царевите и кралевите на сите земји“, однатре кабината била преслечена со црвен плиш. Во такви кочии во септември 1675 година малиот Петар отишол на аџилак во Троица-Сергиевата лавра.
Се разбира, Петар имал и еден куп „воени“ играчки: дрвени пиштоли, карабини, барабани, сабји, детски воени елеци и мундири, цел арсенал дрвени топови. Сето тоа многу го сакал - често заспивал со сабја, а пушките ги ставал околу креветот, „за одбрана и заштита на здравјето“.
Портрет на Павел Петрович во детството. Непознат уметник, втора половина на XVIII век.
Јавен доменСледниот император за чие воспитување се знае нешто бил Павел Петрович, син на Петар III и Екатерина II. И неговите први играчки биле дрвен коњ и војници, исто како што имал неговиот голем прадедо. Но, игрите на момчето биле повеќе едукативни: со помош на војниците со нацртани букви на нив и дрвените тврдини на расклопување, воспитувачот Фјодор Бехтеев го учел да чита и смета.
Детството на Павел завршило брзо. Веќе на шестгодишна возраст, имено во 1760 година, започнало неговото формално образование и во неговиот живот речиси немало време за играчки. Меѓутоа, тие повремено се појавувале, дури и како училишни реквизити: на 10-годишна возраст, во неговите одаи се појавил модел на брод долг четири метри со вистински јажиња, палуба и реалистично уредување.
Александар I како дете
Јавен доменПрвите играчки на Александар, според историчарот Игор Зимин, биле „минијатурна железна сабја, направена од Екатерина II, и мала сабја со дрвена острица. Подоцна добил многу други воени играчки: детски сабји во позлатени корици, „ковчег со пет мали детски пушки и неколку мали пиштоли“.
Значајно место во воспитувањето на принцот заземала рачната работа. „Зарем не е интересно што идните владетели се обучуваат за столарски занает?“ – напишала Екатерина. Германецот Пајер ги научил великите кнезови Александар и Константин да работат на струг и да пилаат, покрај тоа, тие орале, коселе, копале леи и учеле да водат коњи. Во исто време, на шестгодишна возраст, Александар веќе знаел да чита и пишува на руски и англиски јазик.
Николај I како дете
Јавен доменМалиот Николај го воспитувала неговата мајка, царицата Марија Фјодоровна, која не сакала нејзиниот син да си игра само со војници. Од детство Николај сакал коњи. Еден од неговите најрани сеќавања, од времето кога немал ни пет години, бил настан кога постариот началник на шталите, грофот Ростопчин, му подарил од име на неговиот татко „мала позлатена кочија и еден пар шкотски црни коњи со џокеј“.
Николај како дете имал две омилени забави: градење тврдини и собирање оловни војници. Тие влијаеле на целиот негов подоцнежен живот. Лете, кога со својот помлад брат Михаил живееле во Царско Село, Павловск или Гатчина, Николај вредно работел копајќи ја земјата и носејќи песок, градејќи тврдини од земја, пристаништа и мостови од земјата - додека неговиот помлад брат ги уривал. Подоцна, Николај се школувал за воен инженер, а Михаил за инженер на артилерија.
Освен тоа, Николај уште од детството собирал нирнбершки „рамни“ оловни војници. Кога станал цар, го подигнал ова хоби на повисоко ниво. Во 1829 година, по нарачка на царот, скулпторот Ернст Вилхелм Газенбергер започнал да прави гипсени модели на војници и офицери од сите полкови на руската армија. Фигурите не биле мали, не помали од велигденски колач. За моделите биле печатени мали грбови, копчиња и токи од бакар и месинг, од метал биле правени шлемови, оклопи, синџирни панцири, пиштоли и пушки. Копчињата, грбовите за капите и чантите биле правени од златна хартија, а кожните ремени од дебела хартија. Ресите, еполетите и другите работи скулпторот ги обликувал од гипс и ги покривал со позлата. Доколку се сменела униформата на полковите, Газенбергер ги пребојадисувал фигурите во согласност со промените. Моделите стоеле во кабинетот на Николај и собите во Зимскиот дворец и биле покриени со специјални стаклени ѕвона. На царот му биле потребни не толку за забава, колку да ги знае и запомни боите на униформите на полковите на руската војска кои често се менувале. Бидејќи царот лично ја спроведувал реформата на униформите и го надгледувал овој важен дел од војничкиот живот.
Александар II како дете
Јавен доменДецата на Николај имале магично детство. Родителите сметале дека нивна должност е многу да разговараат со своите деца, да ги опсипуваат со скапи и интересни играчки и да ги разгалат со вистинска царска забава. Во 1830 година на островот во Царско Село била изградена Детска куќа со мали соби и мебел, како и пристаниште со мали чамци. Возрасните не смееле да влезат на таа територија, а на островот имало дежурни стражари кои им помагале на децата со чамци и скелето.
Списокот на подароци што Александар ги добил за својот тринаесетти роденден изгледал отприлика вака: „ковчег со пиштоли, пушка, сабја, биста на Петар Велики, турска сабја, мундир на коњанички полк, 27 чинии и 5 шолји со сцени од животот на руската војска“. Како што можеме да видиме, Николај, како и неговата баба, сакал децата да ја засакаат уметноста на војувањето уште од мали нозе. На децата им купил „стар топ“, нарачувал „воени игри“ од странство и, се разбира, на своите деца и внуци им ги подарувал своите омилени нирнбершки војници.
Александар II ја наследил и ја дополнил колекцијата на гипсени гардисти на неговиот татко. Пред крајот на неговото владеење тој имал неколку стотици фигури распоредени во разни кабинети и резиденции. Според завештанието на царот, дел од статуите по неговата смрт биле испратени во соодветните полкови. Деведесет модели сè уште се чуваат во Артилерискиот музеј во Санкт Петербург.
Александар Александрович (лево) со братот Николај
Јавен доменОсвен вообичаените војници, топови и коњи, Александар Александрович во детството имал можност да ги испроба и првите технички иновации во светот на играчките. Како што пишува Игор Зимин, веќе во 1861 година, на 16-годишна возраст, идниот Александар III се забавувал „пуштајќи во работа мал модел на парна машина“.
Александар уште од детството сакал да црта и заедно со неговиот брат Николај го измислил и нацртал градот Мопсопољ. Ќерката на Александар, великата кнегиња Олга, се присетува: „Еднаш татко ми ми покажа многу стар албум со прекрасни цртежи на кои е прикажан измислен град наречен Мопсопољ во кој живеат кучиња од расата мопс... Тој ми го покажа тоа кришум и бев пресреќна што татко ми ја сподели таа тајна на неговото детство со мене“.
Петгодишниот Николај Александрович, идниот цар Николај II
Јавен доменЕдна од првите играчки на последниот руски цар било штракало-свирче опточено со скапоцени камења. Нејзиното значење било во тоа што била направено во 1740 година за малиот император Иван Антонович и оттогаш се пренесувала од колено на колено. Секој наследник на рускиот трон си играл со неа. Во 1869 година, нејзината баба, царицата Марија Александра, му го подарила на Николај.
Николај и неговите браќа во детството биле опкружени со куп играчки. Вака полковникот Владимир Оленгрен, другар на Николај од детството, ја опишува собата на великите кнезови во седумдесеттите години на XIX век: „Собата за игра на великите кнезови изгледа магично. Како прво, на подот има железничка пруга, мала, но како вистинска, со три класи вагони, има полици со војници во оклоп, шлемови, Козаци со шубари, како и коњи со гриви и камили со грпки. А тука се и Петрушка, мечката, Јовче Будалчето во карирани панталони, барабан, многу пушки, рид песок...“
Меѓутоа, забавата на децата набрзо била заменета со воени вежби вообичаени за Романови. За својот дванаесетти роденден Николај добил козачка сабја, модел од 1881 година (должина 76,5 cm, должина на острицата 67 cm, украсен грб со буквите „НА“ под царската круна) по повод неговото назначување за атаман на Козачката војска на Русија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче