Последниот пораз на Црвената армија во Втората светска војна

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Причина за неочекуваниот пораз на советските единици биле превисоките амбиции на еден полски генерал.

Во април 1945 година советските единици незапирливо напредувале кон Берлин. Територијата на Третиот Рајх од ден на ден станувала сѐ помала.

Не можеше да се претпостави дека во такви услови, на прагот на конечното уништување на нацизмот, Вермахтот ќе успее да нанесе пораз на Црвената армија. Но, токму тоа се случило.

Успешна офанзива

Својот последен триумф во Втората светска војна Германците го прославија во Саксонија. Таму во насока на Дрезден напредуваа единиците на 52 и на 2 полска армија. Формирани на територијата на СССР главно од Полјаци, тие биле опремени со советско оружје и подредени на советската воена команда.

На почетокот офанзивата на советските и на полските единици била прилично успешно. По форсирањето на реката Нејса на 16 април и пробивот на непријателската одбрана тие по три дена тргнаа во офанзива на стратешки важниот град Бауцен, којшто Германците го претвориле во силно упориште. Остатоците од гарнизонот и од одредите на германската народна милиција (Фолксштурм) успеаја да се одржат само во старата тврдина Ортенбург.

Во тоа време единиците на 1 полски тенковски корпус на 2 полска армија се приближуваа на Дрезден. Командантот на армијата, генерал Карољ Сверчевски, беше опседнат со желба да го заземе еден од најважните германски центри и мечтаеше за тоа дека полските војници први ќе влезат во градот. Како што излезе, тоа имаше фатални последници и влијаеше на поразот којшто следуваше потоа.

Неочекуван удар

Занесени од својот успешен пробив на запад, советските и полските единици премногу ги растегнаа своите комуникации, така што тенковските и механизираните единици се одвоија од заднината и тргнаа кон Дрезден. Германците веднаш го искористија тоа.

Непријателот концентрираше големи сили, вклучително и елитната падобранско-тенковска дивизија „Хеман Геринг“, и од крило удрија на единиците што напредуваа. На тој начин до 21 април беше отсечена и опколена главнината на 2 полска армија заедно со определени советски единици. Командантот на Првиот украински фронт маршалот Иван Конев во своите мемоари има напишано: „Нацистите тргнаа во прилично силен страничен контранапад, надевајќи се дека ќе создадат кризна ситуација на целото лево крило на нашите единици и дека ќе влијаат во текот на операцијата на главната берлинска насока“.

Поради германската контраофанзива неколку советски и полски единици доживеаја пораз. Основните сили на советската авијација беа ангажирани во битката за Берлин, па Луфтвафе благодарение на овој факт успеа да постигне привремена воздушна надмоќ на овој дел од фронтот, што дополнително ја влоши ситуацијата. Конев на опколените единици им нареди да дејствуваат синхронизирано за да се извлечат од обрачот, но овој план речиси веднаш пропадна зашто излезе дека воспоставувањето координација помеѓу советските единици и полските сојузници е речиси неизводливо.

Сверчевски не ја сфати сериозно ситуацијата, мислејќи дека противникот ќе биде уништен во најкус рок. Првиот полски тенковски корпус продолжи да напредува кон Дрезден. Дури напладне на 22 април генералот ги сфати размерите на претстојната катастрофа и им нареди на тенкистите да се свртат и да се вратат во Бауцен. Тенковите коишто на лице место стасаа навечер истиот ден и веднаш влегоа во борба, но тоа не влијаеше многу на текот на битката.

Поради погрешните пресметки на својата команда, полските единици ги обзеде паника, што предизвика хаос. Артилерците очајнички се обидуваа да го запрат напредувањето на германските единици, но без поддршка од пешадијата претрпеа големи загуби. Дезориентираните единици ја изгубија врската со штабот и итно беа ставени под команда на 52 армија.

Дури и во таа катастрофална ситуација 2 армија на полската војска со три пешадиски дивизии продолжи да напредува кон Дрезден. Маршалот Конев на 24 април мораше лично да интервенира и да го запре нејзиното напредување на запад. Еден полски офицер подоцна прилично емотивно ги искоментира постапките на својот командант: „Сигурно Сверчевски беше пијан кога командуваше“.

Непотребна победа

Со голема мака советските и полските единици се пробиваа од обрачот. Кога единиците на 7 гардиски механизиран корпус се обидоа да го пробијат обрачот и да излезат од Вајнсберг, претрпеа огромни загуби – преживеа само третина војници. Генералот Владимир Максимов, којшто командуваше во пробивот, беше тешко ранет и заробен. Во заробеништво им подлегна на раните.

Единствената преостаната единица во оваа насока беше 9 полска пешадиска дивизија. Таа на 26 април доби наредба да се повлече од Дрезден. На враќање падна во заседа и претрпе големи загуби. Тој ден војниците од дивизијата „Херман Геринг“ конечно ги протераа советските единици од Бауцен.

Германците се обида да го зголемат својот успех и тргнаа кон исток, но ги запре одморената 5 советска гардиска армија. И покрај локалниот успех, на непријателот не му тргна од рака да ја оствари својата главна цел и да удри од крило на Црвената армија која напредуваше кон Берлин.

Втората полска армија изгуби над 18.000 војници, некои убиени, некои ранети или исчезнати. Тоа беше една петина од нејзиниот првобитен состав. Загубите на советските и на германските единици не се познати.

Силната желба да го заземе Дрезден не му се исполни на Сверчевски. Градот го зазеде Црвената армија дури на 8 мај, односно по германската капитулација.