Што се случило со џелатите на царското семејство Романови?

Погубувањето на царот Николај II и неговото семејство во Екатеринбург.

Погубувањето на царот Николај II и неговото семејство во Екатеринбург.

Mary Evans Picture Library/Global Look Press
Едни биле на високи државни позиции, во полицијата или во специјалните служби и живееле среќно до пензија, а други настрадале кон крајот на триесеттите години од минатиот век за време на Големиот терор.

Ноќта наспроти 17 јули 1918 година во подрумот на домот на Ипатиеви во Екатеринбург стрелан е последниот цар Николај II Романов со сопругата, ќерките и синот, слугите и луѓето од придружбата.

Одлуката за погубувањето на монархот ја донело Претседателството на Уралскиот областен Совет на работничките, селанските и црвеноармејските пратеници. Тоа бил орган на советската власт на Урал во чиј состав покрај болшевиците имало анархисти и леви есери (лево крило на Партијата на социјалистите-револуционери).

Како причина била наведен можниот упад на Белогардејците и заземање на градот ( што се случило на 25 јули), и веројатноста дека поранешниот цар ќе падне во рацете на контрареволуционерните сили. Стрелани се и членовите на царското семејство, за да не се остави „штафета“ на приврзаниците за обнова на монархијата.

На почетокот не било планирано се погубат и лицата од придружбата и слугите на Романови, но на крајот е решено и тие да се погубат доколку сакаат да останат со царот.

Сѐ уште е неизвесно каква улога во сето тоа одиграле Ленин и раководството на болшевиците од Москва. Не се знае со сигурност дали тие издале наредба за егзекуција или биле ставени пред свршен чин.

Кој учествувал во убиството на Романови и каква била судбината на тие убијци?

Јаков Јуровски

Јаков Јуровски, чекист и вршител на должноста командир во Домот на Ипатиеви, ги предводел убијците кај последниот руски цар. По работата во ВЧК (Серуска вонредна комисија или Чека) преминал во Народниот комесаријат за надворешни работи, а бил и на раководни позиции во фабриката за гумени обувки „Црвен витез“ („Красный богатырь“) и во Политехничкиот музеј.

Јуровски починал на 2. августа 1938 година во Москва како последица од пукање на чир на дванаестпалачното црево.

Михаил Медведев (Кудрин)

Медведев бил чекист и службеник на обезбедувањето во „Домот за посебни намени“ (домот на Ипатјев). Кога Јуровски му ја објавил на царот смртната пресуда, Медведев прв отворил оган.

Медведев дотуркал до чин потполковник во НКВД. Починал во Москва во 1964 година. Напишал мемоари за своето учество во погубувањето на Романови коишто не се објавени и денес се чуваат во Рускиот државен архив на социјално-политичка историја.

Александар Белобородов

Белобородов бил претседател на Извршниот комитет на Уралскиот областен Совет кој ја потпишал смртната пресуда на царот Николај Втори. Следните години се наоѓал на високи позиции во органите на државната власт, а во 1919 година дури и претендирал за местото претседател на Серускиот централен извршен комитет. Меѓутоа, на оваа позиција бил поставен Михаил Калинин.

Во внатрепартиската борба Белобородов го поддржал Лев Троцки, поради што во 1927 година бил исклучен од партијата и протеран во Архангељск. Три години подоцна му било простено по изјавата дека ги прекинал односите со троцкиситите.

Александар Белобородов настрадал за време на Големиот терор. Стрелан е заедно со сопругата во 1938 година.

Филип Голошчокин

Голошчокин како член на Уралскиот областен Совет директно учествовал во изрекувањето на смртната пресуда на царот Николај II. Од 1925 до 1933 година бил на една од водечките функции во Казахстанската Автономна Социјалистичка Советска Република, каде спроведувал колективизација, применувајќи остри методи. Гладот што настапил како последица на сето тоа останал познат како „голошчокински глад“.

Филип Голошчокин е уапсен во 1939 година и е обвинет за симпатии кон троцкизмот, за претерување во колективизацијата, за подготовка на терористички акти итн. Стрелан е на 28 октомври 1941 година кај Кујбишев (Самара).

Георгиј Сафаров

Георгиј Сафаров како член на Претседателството на областниот комитет учествувал во донесувањето одлука за судбината на царското семејство. Подоцна, во текот на борбата за власт во Партијата, застанал на страна на Григориј Зиновјев и Лев Троцки.

Сафаров е уапсен во 1937 година, по што минал пет години во логор. Стрелан е на 27 јули 1942 година „поради антисоветски троцкистички терористички активности“.

Григориј Никулин

Никулин во домот на Ипатјев бил помошник на Јуровски и непосредно учествувал во погубувањето на царското семејство. Првите години по Граѓанската војна ги посветил на борба против криминалот и извесно време бил на чело на Московската криминалистичка служба.

Од 1924 година бил на должност во сферата на националната економија. До крајот на животот во 1965 година работел во Одделот за водоснабдување и канализација на Извршниот комитет на градот Москва („Мосгорисполком“).

Пјотр Ермаков

Ермаков бил командант на Црвената армија. Во домот на Ипатјев тој по стрелањето ладнокрвно ги дотолчил со бајонет преживеаните членови на царското семејство. Следните години бил на високи функции во полицијата на Омск и на Екатреинбург, а работел и како инспектор во затвори на Урал.

Во текот на Втората светска војна Ермаков командувал со народната доброволечка армија во Молотовскиот реон на Екатеринбург. Починал од рак на 25 мај 1952 година.

Виктор Нетребин

Седумнаестогодишниот Нетребин бил најмладиот учесник во егзекуцијата. Подоцна работел како дописник за весникот „Уралски работник“(„Уральский рабочий“) и дури напишал и момоари: „Сеќавањата на Виктор Никифорович Нетребин, учесник во погубувањето на Романови“.

Му се губи секаква трага во 1935 година.

Исај Роѕински

Службеникот на Чека Исај Роѕински по погубувањето на царското семејство извесно време се борел на фронтовите на Граѓанската војна и служел во Револуционерните воени трибунали (вонредни судски органи).

Кон крајот на триесеттите години од минатиот век ја сменил областа на своите активности и се пронашол себеси во економијата и државната администрација. За време на Големиот терор три години минал во затвор, но останал жив.

Роѕински без грижи живеел до 1987 година. Во едно долго интервју што го снимил во 1964 година раскажал за убиството на царското семејство во кое опишувал како принцот Алексеј „проголтал 11 куршуми“.

Степан Ваганов

„Ваганов се пресмета со кнегинките. Тие лежеа на подот во кум и стенкаа во претсмртни маки... Ваганов продолжи да пука во Ољга и во Татјана... Мислам дека никој од нас не ја погоди собарката. Таа се спушти на под и се скри во перниците. Еден од стражарите, Ваганов, подоцна со бајонет ја прободе во грло...“, вака Пјотр Ермаков го опиша учеството на морарот Степан Ваганов во погубувањето на Романови.

Ваганов бил главен помошник на Ермаков во куќата на Ипатјев. Тој не успеа да избега од Екатеринбург пред доаѓањето на „белите“ и се скри во подрумот на една куќа. Белогардејците го пронајдоа и го стрелаа на лице место.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња