Иван Грозни му ја покажува ризницата на англискиот емисар Хорси.
Александар ЛитовченкоСé до Новата доба Русија и Англија имаат спорадични и краткотрајни контакти. Околу 1074 година смоленскиот кнез Владимир Мономах се жени со Гита од Весекс, ќерката на последниот англосаксонски крал Харолд II, но во подоцнежните векови нема повеќе такви значајни настани.
Дури во XVI век двете држави се откриваат една со друга во вистинска смисла. Кога во 1525 година руските емисари на чело со кнезот Иван Засекин тргнуваат за Шпанија, по пат навраќаат во Лондон, а 30 години подоцна англиските морнари се истоваруваат на рускиот брег.
Во 1553 година кралот Едвард VI Тудор праќа флотила во Северниот леден океан, но не со цел подобро да ја запознае мистериозната „Московија“. Англичаните бараат алтернативен пат преку кој може да се стигне до Индија и Кина.
Експедицијата на Ричард Ченслор 1553. Њонокс, Северодвинск.
В. Косов (CC BY-SA 4.0)Експедицијата доживува неуспех. Два брода, зафатени од бура, се принудени да се закотват покрај брегот на ненаселениот полуостров Кола, каде капетаните донесуваат фатална одлука да презимат таму, и ги оставаат своите коски.
Многу повеќе среќа има бродот „Едуард Бонавентура“, на чело со капетанот Ричард Ченслор. На 24 август 1553 година тој се закотвува во устието на Северна Двина во близина на руската населба Њонокс. Мештаните добро ги познавале скандинавските морнари, а сега за прв пат гледаат Англичани.
Странците се топло пречекани и испратени кај војводата Феофан Морозов во селото Холмогори, кое во тоа време е главното истурено упориште во руската експанзија на Север. Тој потоа им организира патување во престолнината на руската држава.
Од „Илустрираната хроника на Иван Грозни“. Емисарите на англискиот крал Филип.
Public domain„Москва е многу голема“, пишува Ченслор подоцна во своите белешки, „Мислам дека градот сé на сé е поголем од Лондон со предградијата, но е направен многу грубо и без никаков ред. Сите куќи се дрвени, што е многу опасно во случај да избие пожар. Во Москва постои прекрасен замок чии високи бедеми се изградени од тули. Велат дека тие ѕидини се дебели 18 стапки, но јас не верувам во тоа, не изгледаат така. Додуша, не можам да знам точно затоа што на ниеден странец не му е дозволено да ги погледне одблизу...“
Фрагмент од стара гравура. Ричард Ченслор на прием кај Иван Грозни.
Public domainЦарот Иван IV срдечно ги пречекува гостите од далечната земја. Тој е многу заинтересиран за Англија и како трговски партнер и како евентуален политички сојузник. Тоа е првата западноевропска сила со која Русија имала шанса да воспостави цврста економска соработка.
И во Лондон се буди интерес за воспоставување дипломатски и економски контакти со Русија кога Ченслор се враќа во својата татковина една година подоцна. За таа цел во 1555 година е основана Московската компанија, а самиот капетан, кој во меѓувреме ја пишува книгата „За големиот и моќен руски цар и великиот кнез Московски“ е назначен за кралски емисар и повторно пратен на дворот на московскиот владетел.
Стариот англиски двор, седиште на Московската компанија.
Public domainРичард Ченслор пристигнува на рускиот Север придружуван од агентите на Московската компанија Џорџ Килингворт и Ричард Греј. Неговите бродови се до врв натоварени со разновидна стока: од сукно до барут и оружје. Русија може да им понуди дрво, индустриски коноп, кожа и крзно.
Како и претходниот пат, средбата со Иван IV е успешна. На Англичаните им е дадено право на бесцаринска трговија во голем број северни руски пристаништа (Русија во тоа време нема друг „прозорец кон Европа“). По наредба на царот, набргу потоа во главниот град е отворено претставништво на Московската компанија, кое се вика Англиски двор (зградата постои и денес).
Исти такви привилегии Англичаните им даваат на руските трговци, само што тие не можат да ги искористат бидејќи Русија во тоа време нема поморска трговска флота.
Иван IV го праќа Осип Непеја во Англија. Минијатура на Никоновиот летопис, XVI век.
Public domainЗа жал, човекот кој толку многу придонесува за развојот на билатералните односи меѓу двете земји не дочекува да ги види резултатите од своите напори. При враќањето од Русија 1556 година неговиот брод е зафатен од силна бура и потонува покрај бреговите на Шкотска заедно со својот капетан. Интересно е што на бродот е царскиот емисар, писарот Осип Непеја, кој е испратен на дворот на Марија I Тудор, и дека за чудо се спасува, по што е успешно пренесен во Лондон каде кралицата го прима со почести.
Англичаните се првата западноевропска нација која успева да се пробие на внатрешниот пазар на Русија. Тие неколку децении уживаат во ексклузивното право да тргуваат со земја со богати ресурси и да ја шират мрежа на свои претставништва во руските градови, па дури и да воспостават транзитни линии низ руските земји за својата стока што ја извезуваат во Западна Азија.
Англија се обидува да ја задржи таквата состојба на нештата што е можно подолго. Дури на почетокот на 1580-тите, на свое големо незадоволство, мора малку да се повлече, бидејќи во меѓувреме на рускиот пазар се пробиваат и холандските и француските трговци.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче