- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Бункер-42
Спуштање во СССР: Музејот на Студената војна е сместен на длабочина од 65 метри, помеѓу метро-станицата „Таганскаја“ и Котељнически кеј. Близината на Кремљ не е ни најмалку случајна. Во случај на нуклеарна опасност планирано е владата да се смести таму и да продолжи да управува со земјата. Станува збор за еден од најголемите објекти за специјална намена со површина од седум илјади квадратни метри кој може да прими 600 луѓе.
Бункерот е проектиран во 1947 година, а во 1954 година е инсталирано и приклучено сé што е потребно за нормално функционирање на луѓето, додека две години подоцна започна со работа резервниот команден пункт на штабот на стратешката авијација. Од ова место се командуваше со советските стратешки нуклеарни бомбардери сé до средината на 1980-тите.
На изложбата можете да дознаете за конфронтацијата меѓу Советскиот Сојуз и САД во текот на годините на Студената војна и како е проектиран бункерот наменет за заштита од нуклеарен напад. Изложена е реплика на атомската бомба РДС-1 во природна големина, апаратура за шифрирање на информации, како и разни артефакти поврзани со работата на подземниот објект. Во музејот се организираат интерактивни тури, а најхрабрите во неговите тунели можат да учествуваат во „Зарница“, спортска воена игра популарна во СССР или ласерски таг.
2. „Подземна Москва“
Цивилното атомско засолниште на Краснопресненската фабрика за преработка на шеќер „Мантулин“, изградена во 1972 година, од неодамна е музеј. Поставката открива што се крие во утробата на руската престолнина, зборува за подземни објекти и засолништа, стари подруми и жители на подземните простори. Голем оддел е посветен на цивилните засолништа, нивната организација, животот, опремата. Така, овде можете да прелистате број на дневниот весник „Правда“ од 1972 година, да дознаете како изгледале специјалните третмани на оние кои дошле од контаминирани подрачја и да ја погледнете опремата за хемиска и биолошка заштита. Може да се сврти и рачката на системот за прочистување на воздухот. Сите експонати во музејот можат да се допрат со раце.
3. Бункер – 703
Незабележливата зграда ЧЗ-703 изгледа како некаква помошна просторија или гаража. Така е и замислена, за никој да не се досети дека внатре се наоѓа специјалната архива на Министерството за надворешни работи на СССР. Во технолошкиот тунел изграден за време на работата на Замосворецката метро-линија претходно се наоѓаа огноотпорни сефови со важни доверливи документи. Близината на метрото не помина без последици, просториите повремено се поплавуваа, додека на крајот не беа окарактеризирани како несоодветни за употреба.
Музејот, кој се наоѓа на длабочина од 43 метри, беше отворен во 2018 година. Не само што нема гламур ни во ознаките, туку повеќе би можело да се зборува за брутален стимпанк зад тешките заштитни врати. Изложени се макети на заштитни градби, специјална опрема и материјали за советските бункери. Бонус претставува неверојатниот тунел во еден од блоковите на засолништето во кој веднаш би можело да се сними научнофантастичен филм.
4. Бункерот на Сталин
Целото име на овој музеј во Измајлово гласи: „Резервно командно место на Врховниот командант на Црвената армија Ј. В. Сталин од времето на Големата татковинска војна (1941-1945)“. Се наоѓа на трибините на стадионот „Измајлово“. Изградбата на спортскиот објект, кој требаше да прима 120 илјади посетители, започна во триесеттите години на минатиот век. Беше планирано да биде завршена за Спартакијадата на народите на СССР. Меѓутоа, поради избувнувањето на Втората светска војна, работите беа прекинати. Беа обновени дури во 1960-тите, но без првобитниот ентузијазам.
Од првичниот проект останаа само една трибина и тунел долг седумдесет метри предвидени за пристигнување на важни гости во владината ложа.
Музејот-бункер е отворен во 1996 година. Во неговата внатрешност се реконструирани кабинетот на Сталин, трпезаријата во грузиски стил и салата за состаноци на Главниот штаб на Врховниот командант. Поставката не е толку историска колку што е измислена. Лично Сталин никогаш не бил тука, а и изградбата на бункер на трибината никогаш не била планирана.