Сталин не сакаше да лета и беше подготвен да се качи во авион само во исклучителни околности. Тој претпочиташе да патува во странство и низ земјата со воз.
Токму со воз советскиот лидер редовно одеше на одмор на Крим и Кавказ. Рано наутро се сместуваше во вагонот, а навечер веќе беше на одредиштето. Неговата навика да патува со железница преку ден му остана од времето на Граѓанската војна. Тогаш железничката бригада и обезбедувањето можеа да видат сé што се случува во близина на возот.
Возот на советскиот лидер имаше три-четири вагони. Вагонот во кој се наоѓаше Сталин се разликуваше од обичните само по своите непробојни ѕидови и подот. Благодарение на тоа, тежеше 80 наместо 60 тони.
„Таткото на народите“ имаше на располагање сопствено купе и личен тоалет. До него се наоѓаа кујна, купе за придружниците од висок ранг, купе за обезбедувањето и сала за состаноци.
И покрај највисоката позиција на Сталин во државата, за ентериерот на неговиот вагон тешко може да се каже дека беше раскошен. Во споредба со возовите на семејството Романови, тој беше исклучително скромен, со умерен комфор.
Во преостанатите вагони беа сместени железничкиот персонал, обезбедувањето, воени раководители од различен ранг, ресторан и магацин за намирници. За време на Втората светска војна, на возот беа прикачени две платформи со артилериско вооружување за заштита на лидерот од воздушни напади.
Во 1943 година Сталин отпатува со воз на Техеранската конференција (стигна до Баку, а оттаму со авион се префрли во Иран). Во 1945 година патуваше со воз на конференциите во Јалта и Потсдам.
„Безбедноста на пругата ја гарантираат 17 илјади војници и офицери на силите на НКВД: 1515 лица од оперативниот состав на војската“ - се наведува во рапортот на народниот комесар за внатрешни работи на СССР Лаврентиј Берија. „По трасата ќе се движат 8 оклопни возови на силите на НКВД“.
На чело на композицијата беше американска локомотива на компанијата ALKO, беше испорачана во СССР како дел од програмата за наем и заем. Се движеше до својата дестинација по широк („руски“) колосек (1520 mm), на кој од европскиот колосек (1435 mm) преминаа силите на 1. и 2. Белоруски фронт за време на нивното напредување.
Се случуваа и инциденти. Кога возот се доближуваше до реката Одра, морапе долго да кочи, поради што сопирачките чадеа. Помошникот машиновозач Василиј Иванов ѕирна да види за што се работи, удри во столб на семафор и падна на земја. Возот застана, повредениот беше подигнат и испратен во болница на најблиската станица.
„Дојде денот на поаѓање од Потсдам“ – се присетува машиновозачот Виктор Лион. „Сталин дојде на станицата и се упати директно кон нашата локомотива. Неговото прво прашање беше упатено до мене: како се чувствува Василиј Иванович? Наместо мене, самиот Иванов, кој во тој момент ѕирна од локомотивата, одговори: „Добро сум, Јосиф Висарионович“. Сталин го погледна и му се закани со прст: „Би требало да бидете повнимателни“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче