Дмитриј Тимофеевич Јазов, маршал на Советскиот Сојуз, проживеа долг и необичен живот: мина низ Втората светска војна, беше во самиот епицентар на Кубанската криза, се дружеше со Ким Ил Сунг, дотера до министер за одбрана на СССР и дури се најде зад решетки под обвинение дека извршил обид за насилно преземање на власта.
Кога започна војната против нацистичка Германија Јазов немаше ни полни 17 години. Момчето од малечко сибирско село си ги припиша неопходните години и како доброволец се пријави во Црвената армија. Беше упатен во Московската воена пешадиска школа на Врховниот Совет на РСФСР која се наоѓаше во евакуација во Новосибирск.
Летото 1942 година Дмитриј Јазов како помлад потпоручник се најде на фронтот кај Ленинград. „Иако веќе бев офицер, сѐ уште бев момче! А, многумина војници во дивизијата имаа по 45-50 години. Сфаќате? Тие на толку млад офицер како мене можеа да му кажат: 'Сине, дојди тука'. Секој од нив можеше татко да ми биде...“, се сеќаваше тој многу години подоцна.
Идниот министер за одбрана за време на војната неколку пати беше ранет. Најопасна беше раната на лицето здобиена во јануари 1943 година за време на пробивањето на обрачот кај Ленинград.
„Германец фрли граната, јас се наведнав“, раскажува Јазов во интервју. –„Само што сакав да викнам и да ги предупредам своите војници, одекна експлозија. Еве тука, под окото, парче граната и понатаму стои. Го носам така од војната“. Поради близината на очниот нерв не беше можно да се изврши операција и да се извади.
Дмитриј Тимофеевич победата ја дочека на Балтикот, каде што учествуваше во борбите против опколените германски групи во Курландскиот џеб. Одлучи во повоениот период да се посвети на служба во Вооружените сили.
Во самиот ек на Кубанската криза од 1962 година, полковникот Јазов како командант на 400 моторизиран стрелечки полк беше испратен на Куба да го брани „Островот на слободата“ од можната инвазија на американските единици.
„Тие денови ситуацијата беше прилично напната. Постојано стигнуваа известувања за надлетување на американски извидувачки авиони. Наредбите се негираа една со друга: 'соборувајте – не соборувајте', 'отворете оган – не отворајте оган'“, раскажуваше тој подоцна.
Во следните години Јазов командуваше со единиците на територијата на Чехословачка, во Средна Азија и на Далечниот Исток, каде што се запозна и се спријатели со претседателот на Северна Кореја Ким Ил Сунг.
На 30 мај 1987 година Дмитриј Тимофеевич беше именуван за министер за одбрана на СССР, а три години подоцна беше унапреден во чин маршал. Така Јазов стана последниот маршал во историјата на СССР.
Во времето кога Дмитриј Тимофеевич беше на чело на најважното министерство во земјата, Михаил Горбачов се занимаваше со значајни државни реформи, познати како перестројка и со нормализација на односите со Западот. Во тек беше нуклеарното разоружување од големи размери, редукција на бројот на Вооружени сили и повлекување на советските воени единици од територијата на Источна Европа.
Јазов како министер за одбрана учествуваше во сите овие процеси, иако не ги одобруваше. „Направивме нешто недозволиво – ја уништивме нашата одлична оперативно-тактичка ракета Ока, иако нејзините параметри не потпаднаа под критериумите на Договорот за ракети од среден и од краток дострел... Зошто ги жртвувавме ракетите Темп-С? Не требаше да ги дадеме“, се жалеше тој подоцна.
Јазов не беше единствениот што беше незадоволен од реформите на Горбачов. Противници на политичкиот курс што го избра генералниот секретар имаше и меѓу претставниците на највисоката политичка елита и на раководителите на вооружените структури. На крајот оваа конфронтација доведе до обид за државен преврат, таканаречениот „Августовски пуч“, извршен на 18-21 август 1991 година.
Тогаш потпретседателот на СССР Генадиј Јанаев, претседателот на КГБ Владимир Крјучков, министерот на внатрешни работи Борис Пуго, министерот за одбрана Дмитриј Јазов и бројни политичари истапија против претстојната трансформација на СССР во конфедеративен Сојуз на Суверени Држави. „Сѐ оди кон распад на земјата, а наместо силна држава, ни се нуди слаба конфедерација на републики на чие чело би биле независни претседатели“, ја коментираше Јазов оваа иницијатива.
Претставниците на опозицијата стапија во преговори со Михаил Горбачов кој тие денови се наоѓаше во владината вила во Фороса на југот на Крим. Дијалогот не вроди со плод, па тие на 18 август соопштија дека е формиран Државен комитет за вонредни состојби во СССР (ГКЧП) и така стапија во конфронтација со претседателот на СССР Горбачов и со претседателот на РСФСР Борис Елцин.
Ноќта наспроти 19 август Јанаев потпиша декрет со кој себеси си ги даде сите овластувања на вршител на должноста претседател на СССР зашто Горбачов беше спречен „од здравствени причини“:
Во раните утрински часови на 19 август по налог на министерот за одбрана во Москва влезе војската за „заштита на стратешките објекти“; како што подоцна тврдеше Јазов. Акциите на Државниот комитет за вонредни состојби имаа мошне мала поддршка во земјта, а во градовите започнаа протести.
Откако ноќта на 21 август беа убиени тројца демонстранти Јазов нареди повлекување на единиците од Москва. Подоцна тврдеше дека ГКЧП никогаш не размислувал за растерување на купот демонстранти: „Тоа би значело почеток на граѓанска војна, што јас како офицер и маршал кој се заколнал на верност кон државата и народот, секако, не можев да го сторам“.
„На крајот на краиштата, многумина од оние што тогаш протестираа против нашите уредби всушност не ја ни сфатија моменталната ситуација. Луѓето беа очајни поради економскиот колапс, галопирачката инфлација и 'точките' односно купоните со кои сѐ се плаќаше – од масло до алкохол. Беа подготвени сесрдно да гласаат за кој било, па дури и за самиот ѓавол“, раскажуваше Јазов.
Веќе на 21 август во Вооружените сили дојде до раскол. Еден војник одби да изврши наредба на Државниот комитет за вонредни состојби. Беше донесена одлука делегација во чиј состав беше и министерот за одбрана да се упати во Крим за преговори со Горбачов. По враќањето во Москва Јазов беше уапсен, а набргу потоа беа приведени и сите негови соработници. Државниот комитет престана да постои.
„Знаете ли зошто ГКЧП доживеа пораз?“, се прашуваше Дмитриј Тимофеевич. „Да бидам искрен, не работевме со народот. Мислевме дека ќе биде доволно само да ги донесеме тенковите во градот. Ми предлагаа со помош на Десантните падобрански единици да ги заземам сите аеродроми. Ништо не ме чинеше да издадам наредба, но до што ќе доведеше тоа? Само до крв. А, за што?“
Членовите на Државниот комитет беа обвинети за предавство на Татковината. Подоцна обвинението беше сменето во „учество во завера со цел насилно преземање на власта“.
Јазов мина 498 дена во истражниот затвор „Матроскаја Тишина“ (во превод „Морнарска Тишина“). Амнестиран е на 23 февруари 1994 година заедо со другите членови на Државниот комитет за вонредни состојби.
Во следните години поранешниот министер работеше како советник во Министерството за одбрана и во Академијата на Генералштабот, пишуваше книги, беше на чело на Фондацијата на ветерани на Вооружените сили „Офицерско братство“, и на општествената организација „Комитет за чување на споменот на маршалот Жуков“.
По смртта на маршалот Василиј Петров во 2014 година, Дмитриј Тимофеевич Јазов беше единствениот жив маршал на Советскиот Сојуз. Почина на 25 февруари 2020 година во 97 година од животот.