1. Петар Велики
Петар бил првиот руски цар кој не пиел само во тесен круг блиски луѓе, туку јавно на дворските веселби и балови. Петар уште како млад се навикнал на европската трпеза во Германскиот кварт во Москва и не сметал дека е неприлично да се напие на веселба пред гости, вклучувајќи и странски претставници. Неговиот татко Алексеј Михајлович на своите болјари им наредувал да ги „опиваат“ странските претставници за да дознаат дипломатски тајни. А, Петар Велики пиел лично со странците.
Еве како овој процес го опишал данскиот претставник Јуст Јул: „Кога ќе одбиев да пијам, лично ми приоѓаше царот, ми посветуваше внимание и ме бакнуваше, со едната рака ми ја фаќаше главата, а со другата покрај усните ми држеше чаша и така ме молеше, толку љубезни зборови изговараше за на крајот да го испијам виното. Повеќе пати се обидов незабележано да се измолкнам, а двапати веќе седнував во својот чамец; но пред да успеам да отпловам, во него ќе дојдеше лично царот и ќе ме вратеше“.
За време на ставањето во вода на бродот „Дербент“ на 27 август 1724 година „неговото величество беше одлично расположен и затоа на новиот брод сите страшно пиеја“; има запишано Петров современик на германскиот благородник Фридрих Бергољ. „Цело друштво остана таму до 3 часот наутро; а царските принцези добиваа дозвола да заминат дома уште во 9 навечер. Кога заминаа тие, дури и дамите мораа многу да пијат; поради што многумина од нив следното утро беа болни, иако меѓу нив имаше и такви на кои добрата чаша не им беше туѓа. Меѓу мажите, кога виното ќе почнеше да дејствува, избиваа кавги, а не минуваше ни без шлаканици... Сите дами кои и покрај наредбата на царот не дојдоа на ставањето на бродот во вода сега мораа да се качат на него. Капетанот Шереметјев ги гоштеваше и ги тераше да пијат“.
Царот Петар пијан знаел да биде мошне груб. На 17 март 1703 година на грофот Фјодор Апраскин во Москва му напишал: „Не знам како отидов од вас: зашто бев многу задоволен од Бахусовиот подарок; така што Ве молам за прошка, доколку некого сум навредил, а особено од оние што беа присутни на моето заминување; никој нека не го памети овој случај...“
Историчарот Александар Шармов објаснува за каква „навреда“ се работи тука. На гозбата во Москва, имено, царот се налутил на холандскиот претставник во Русија Хенрих ван дер Гулст и „го изразил своето незадоволство со удар со тупаница и со неколку удари со плоснатата страна на сабјата“. Меѓутоа, веселбата била толку голема, што кога грофот Апраскин отишол на Ван дер Гулст да му го пренесе извинувањето на царот, тој му одговорил дека „ни самиот не се сеќава на сѐ“.
2. Екатерина I
Сопругата на првиот император исто така сакала да се напие, а нејзината навика по смртта на Петар Велики прераснала во страст. Странските претставници во својата земја јавувале дека работите во рускиот двор се решаваат мошне бавно, зашто царицата „ретко кога е трезна“. За само две години трошоците на дворот за гдањска вотка и за унгарско вино надминале милион рубли, при што годишниот приход на царската благајна бил најмногу десет милиони.
Секретарот на саксонската амбасада Фредсдорф ги опишал утринските посети на кнезот Александар Меншиков кај царицата, кога порано, уште пред да се запознае со Петар, била слугинка на Меншиков. „Разговорот секогаш започнува со прашањето: 'Што да се напиеме?' Потоа се испиваат неколку чашки вотка, па пијанката трае до вечер; виното се менува со домашни и со странски пијалаци“.
Францускиот претставник Жак де Кампердон забележал: „Царицата продолжува со извесното претерување да се предава на задоволствата во таква мера што тоа се одразува на нејзиното здравје“. Екатерина навистина по сопругот живеела само уште две години. Починала од апсцес на белите дробови во 1727 година.
3. Николај I
Царицата Ана Ивановна воопшто не пиела, а Елизавета Петровна, ако пиела, тогаш умерено, очигледно поради сеќавањата на претераното пијанчење на татка си. Ниту Екатерина Велика, ниту нејзиниот син Павел, ниту внукот Александар не биле видени да пијат алкохол.
Царот Николај I не поднесувал пијаници и самиот не пиел од забава и задоволство. Но, вино, вотка и шампањ се изнесувале на царската трпеза за гостите и дворјаните. Во првата половина на 19 век постоел обичај дворскиот ручек да се започне со суво вино, а да се заврши со ладен шампањ. Црното вино се изнесувало од подрумот наутро за да се загрее, а белото, кое се служело изладено, се изнесувало неколку часа пред јадењето. Шампањот се носел директно од подрумот, од мраз.
Царот Николај речиси никогаш не пиел. Кралицата Викторија запишала за Николај по личната средба со него во 1844 година: „Никогаш не пие ниту капка вино и јаде многу малку“.
Сепак историчарот Леонид Вискочков нашол податоци за ретките пригоди кога Николај ќе се напиел некој пијалак. Во 1840 година на трпезата на Николај за појадок било изнесено суво вино, за ручек шише Сен Жилиен (суво вино од Бордо), а за вечера шише лесно пиво. Меѓутоа, можеби царот ги нарачувал вината за некој од гостите или од блиските, со кои ручал во царските одаи.
Познато е дека царот јавно за време на свечените настани подигнувал чаши и пехари со шампањ, на пример, на ручекот во чест на гардата или за време на обраќањата пред студентите од Санктпетербуршкиот универзитет.
Понекогаш пиел и лути пијалаци, но само „за здравје“. Во една пригода за време на преминот на реката Неман назима кочијата на царот делумно потонала под мразот. Се намокрил царот кој потоа се напил чаша рум.
4. Александар III
Синот на Николај I, царот Александар II, не покажувал особена страст кон алкохолот. Во секојдневниот живот особено го сакал шампањот Louis Roederer. Додека следниот цар, Александар III, најдобро се разбирал во алкохолни пијалаци.
Како што тврдел Пјотр Черевин, началник на царската стража, „цар сакал да се напие, но 'во соодветно време'. Можел да испие многу без никакви знаци на пијанство, освен што бил необично расположен, весел и немирен како дете.
Наутро и во текот на денот бил мошне внимателен кога станува збор за алкохолот, трудејќи се да ја зачува главата бистра за работа и дури откако ќе ги заврши сите обврски ќе си дозволел себеси да се почести, според своја желба и потреба“.
Пријателот на царот од младоста грофот Сергеј Шереметјев се присетувал: „Беше воздржан и во пиењето, но можеше да испие многу, беше мошне силен и се чини дека никогаш не беше сосема пијан“.
Меѓу омилените вина на царот спаѓале шампањ и романско вино Palugyay (се произведува и денес). Но, најмногу од сѐ царот сакал мадера. Од лутите пијалаци сакал виски, ликер „курасао“ (со арома на портокал) и вотка со арома на анасон.
5. Николај II
Последниот руски цар не избегнувал алкохол. За разлика од своите претходници Николај II често пиел вотка. На пример, во август 1904 година во дневникот запишал: „Откако ги минав сите трпезарии од ниските чинови и добро се налеав со вотка, стасав до офицерскиот состав“.
Како што пишува Зимин, „делумно тоа беше последица на неговата 'репрезентативна работа' со оглед што во секоја од бројните трпезарии на царот му принесуваа голеа чаша којашто тој како 'вистински полковник' требаше да ја испие до дното“. Традиционалната чаша на руските војници имала околу 120 милолитри.
Царот не пиел ниту бело, ниту црвено вино. Пиел само шампањ, при што наредил да се премине на домашно „Абрау-Дјурсо“.
Од останатите пијалаци Николај II, како што пишува историчарот Игор Зимин, ја ценел сливовата вотка од подрумот на великиот кнез Николај Николаевич и порто, коишто ги пиел пред ручек. Во август 1906 година царот запишал: „Се вратив во 8 часот дома. Николаша ни сервираше одличен ручек во павилјонот. Пробав шест вида порто и малку се поднапив, поради што одлично спиев“.