Како изгледаше Русија 1914 година (ФОТО)

Bettmann/Getty Images
Благодарение на овие архивски фотографии, денес можеме да видиме како живеела Руската империја на почетокот на XX век.

Несомнено најважниот настан на годината беше почетокот на Првата светска војна. На 19 јули 1914 година Германија ѝ објави војна на Руската империја. Петербуржаните читаат весници со вестите за почетокот на војната.

На 20 јули 1914 година Николај II му се обрати на народот. Од балконот на Зимскиот дворец го објави манифестот за влегувањето на Русија во војната.

Тој ден на Дворцовиот плоштад се собра огромна толпа народ.

Веста за војната ги шокираше граѓаните на Империјата и во исто време предизвика бран патриотски чувства. (Натписот на плакатот гласи: „Победа за Русија и славјанството“)

Во Петербург се одржа патриотска манифестација. Ова е фотографија од Невскиот проспект.

Пораснаа симпатиите кон православна Србија. На фотографијата толпата го поздравува српскиот емисар кој седи во кочија.

Доброволци и војници стојат во редици за мобилизација.

Мобилизираните веднаш беа испратени на фронтот.  

Регрутите беа испраќани со почит.

Набргу многумина беа одликувани за храброст и воени заслуги.

Антигерманското расположение беше толку силно што во август 1914 година Николај II нареди името Санкт Петербург да се смени во словенското Петроград. Весникот „Берзански новости“ објави: „Легнавме да спиеме во Петербург, а се разбудивме во Петроград“.

Целата земја беше зафатена од страв и чувство на неизвесност. Овде можете да видите како во градот Миас на Урал се собраа луѓето да се молат за победа над Германија.

Првата светска војна беше судир на нови технологии. Руската војска веќе ја имаше првата авијација. На фотографијата можете да видите офицери на воздухопловниот одред како пуштаат метеоролошки балон за мерење на брзината на ветерот и воздушниот притисок.

Токму кога започна војната, идниот водач на револуцијата Владимир Ленин беше во Австроунгарија, каде што беше уапсен под обвинение за шпионажа. Но, на 6 август 1914 година беше ослободен од затвор. Наскоро се огласи осудувајќи ја „империјалистичката“ војна. Подоцно токму тој ќе ја повлече Русија од војната и ќе иницира потпишување мир (под неповолни услови).

Во јули 1914 година Санкт Петербург го посетија високи функционери од Франција. На фотографијата на палубата на оклопникот „Франција“ ги гледаме претседателот Ремонд Поенкаре, претседателот на Советот на министри Рене Вивиани и вицеадмиралот Ле Бери.

Николај II прима воена парада во Царско Село.

Без разлика на сè, мирнодопскиот живот на територијата на Руската империја продолжува. На фотографијата можете да го видите царското семејство: Николај II, царицата Александра и нивните деца: синот Алексеј (седи) и ќерките. Од лево кон десно: Марија, Татјана, Олга, Анастасија.

А еве обична зимска забава: луѓе на лизгалиштето во Таврическиот парк во Петербург.

А еве и сериозна трка на лизгачи на Марсово поле во Петербург.

Непосредно пред почетокот на војната, царот и великите кнезови од родот на Романови учествуваа во свеченото полагање камен-темелник на зградата Бенуа, новата зграда во состав на Рускиот музеј.

Ова е време на процут на Сребрениот век во поезијата. Генерално, целата култура е во состојба на полет и длабоки промени. Уметност на авангардата, нови имиња на уметничката сцена. Кремот на петербуршката интелигенција се собра во книжевното кафуле „Куче скитник“.

А овде гледаме како сибирски рибар, припадник на народот Ханти, плете „гимга“, специјална стапица за риби.

Еве уште една предвоена фотографија: Иљја Репин слика портрет на познатиот оперски пејач Фјодор Шаљапин во својата вила.

Шаљапин на лизгалиштето на имотот на Репин.

21-годишниот поет на авангардата, иден поет на револуцијата Владимир Мајаковски.

Балерината Тамара Карсавина се врати во Петроград по турнејата со Рускиот балет на Сергеј Дјагилев.

Пролетта 1914 година се одржа Петербуршкиот шаховски турнир, еден од најграндиозните настани во историјата на шахот. На фотографијата можете да го видите рускиот шахист Александар Алехин во партија против Кубанецот Хозе Раул Капабланка.

На Црвениот плоштад во Москва се одржа изложба на нова противпожарна техника.

Гужва на пазарот на Покровскиот плоштад (денешен плоштад „Тургенев“) во Петербург.

Многу повеќе внимание се посветува на образованието на жените. На фотографијата ги гледаме ученичките и наставниците на Преображенската гимназија за девојки во Петербург.

А ова е обичен ручек надвор од градот, пред куќи.

Преполната сала на Јавната библиотека во Петербург.

Сала за превивање во провинциска болница. Отприлика една година подоцна во вакви услови ќе работи Михаил Булгаков, што подоцна ќе го опише во „Белешките на еден млад лекар“ (а во 1914 година оди како доброволец во Црвениот крст).

Брачен пар во висечка мрежа за лежење.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња