- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Големиот потрес“
Денес е тешко да се поверува, но руската престолнина неколку пати била погодена од земјотреси. Во летописите од XV век се опишува како во Москва ненадејно се затресла земјата, а камбаните сами почнале да ѕвонат. Во 1474 година се случил земјотрес, според проценките на научниците, од најмалку шест степени според Рихтеровата скала, познат како „големиот потрес“. Тој ја урнал Успенската црква во Кремљ. Храмот што псковските неимари Кривцов и Мишкин успеале да го изградат до покривот, се урнал како да го здробила некаква џиновска рака. Меѓутоа, оваа несреќа имала и некои позитивни последици: веднаш по земјотресот Иван III го поканил Аристотел Фиораванти од Италија повторно да ја изгради црквата.
Москва се затресла и во октомври 1802 година. И повторно настрадал Кремљ. Луѓето кои работеле во Спаската кула тврделе дека таа добро се занишала. Во некои куќи се нишале лустерите и се тресела покуќнината, испукале ѕидовите, а на некои места пропаднала и земјата. Меѓутоа, неколкуте подземни потреси не успеале ниту да ги исплашат граѓаните и тие веднаш му се вратиле на секојдневниот живот.
Инаку, престолнината се наоѓа во сеизмички стабилна зона, така што речиси сите земјотреси во градот се само ехо на големи катастрофи што се случиле на други места. На пример, во декември 1945 година, Москва почувствува потреси предизвикани од голем земјотрес во близина на брегот на Антарктикот. Страшниот земјотрес во Букурешт на 4 март 1977 година беше почувствуван практично низ цела Источна Европа: во зградите се поместуваше мебелот, лустерите се нишаа.
Во 2013 година до престолнината стигна одекот на земјотресот во Охотското Море што го почувствуваа сите европски земји. Во Москва дури беа евакуирани и некои солитери.
Големиот московски пожар
Што се случува кога ќе се спојат пожар што голта сé пред себе, топли временски услови и ветер? Тогаш се раѓа огнено торнадо. Токму оваа појава ја набљудувал Наполеон 1812 година кога ја напуштал Москва. Овој феномен не е случајно познат како „огнениот ѓавол“.
Пожарот избувнал во различни делови на градот, експлодирале тезги со запалива стока, ветерот го разнесувал огнот сè подалеку. Тој брзо ги голтал дрвените градби. Обидите за гаснење на пожарот биле бесмислени, освен тоа, при напуштањето на Москва, пожарникарите ја однеле сета опрема со себе. Ветрот што се засилувал само го распламтувал пожарот. Длабоко во ноќта огнената стихија се соединила во торнадо. Наполеон успеал да го напушти Кремљ, иако не било лесно: калдрмата се топела од топлината. Четири дена подоцна се вратил, само за да најде изгорени урнатини. Рекол дека тој пожар бил најголемата, највеличествената и најстрашната претстава што некогаш ја видел. Пожарот долго време не го оставал градот: кога по повеќе од еден месец по катастрофата руската армија влегла во Москва, урнатините сè уште чаделе.
Торнадо над реонот Сокољники
На фотографиите од 1904 година, под кои има натпис „торнадото што можеше да се види од станицата Перерва на 13 врсти од Москва“, може да се види црн ѕид кој го покрива небото. Фронтот на бурата тогаш се протегал 15-20 километри. Ветерот дувал во налети кои достигнувале брзина од 25 метри во секунда, а пристигнал од Тулската губернија Тула.
Полудел на источната периферија на градот и се поделил на две торнада, кои ги уништиле денешните реони на градот Карачарово и Љублино, Чагино и Капотња, Грајвороново и Анегофска шумичка, Калитники и Кузминки, протатнел низ Лефортово и Лосовиот остров, Сокољники и Басманиот кварт. Воздушните налети корнеле дрвја, ги откинувале крстовите од црквите, разнесувале крави и кози кои викале од страв.
„Одеднаш почна да се врти сè... меѓу молњите блескаа светла, а темноцрвено-жолт огнен столб се вртеше во средината. Една минута подоцна овој ужас застрашувачки пролета, уривајќи се пред себе“, напиша сведокот на настанот, писател и познавач на историјата на Москва Владимир Гиљаровски.
Смог над главниот град
Во јули и август 2010 година Москва беше покриена со густ смог. Имено, тресетиште во околината на градот се запали и чадот ги покри улиците. Задушлив врел воздух (термометарот покажуваше постојани 37 степени Целзиусови) и постојан мирис на палеж го прекрија градот.
Маглата продре дури и во метрото: во вагоните и на станиците беше полутемно, а патниците беа принудени да носат влажни марамчиња или маски на лицето. Речниот сообраќај беше прекинат, некои установи затворени, а во продавниците за апарати за домаќинството најбарани производи беа вентилаторите и климатизерите. За неколкуте недели густ смог стапката на смртност во градот се удвои. Чадот од тресетиштето не го напушти градот дури до 18-19 август, кога жегата конечно ја сменија заладување и дожд.