Како Москва ги преживуваше поплавите

Историја
АНА ПОПОВА
Отсекогаш се сметало дека поплавите се несреќа што го следи Санкт Петербург, каде суровата Нева често се излевала. Меѓутоа, ни руската престолнина ништо помалку не страдала од водената стихија. Реките Москва и Јауза рушеле мостови и поплавувале улици и плоштади. Понекогаш ни Кремљ не можел да го запре водениот порој!

Голема вода

Поплавите во Москва се споменуваат за прв пат во летописите од XV век. Наглото зголемување на нивото на водата се опишувало со двосмислениот термин „голема вода“. Во хрониките е забележан невиден наплив на вода и изрази на жалење: „таква каква што никогаш немало“.

Со цел пролетта со задолжителното излевање на реката повеќе да не претставува закана за жителите на градот, одлучено е да се изгради систем за одвод на вода во Москва. Најпрво реката Неглинка била прескопана од Боровицката кула во Кремљ до реката Москва. А потоа започнало создавањето на вештачки езера и брани.

Но, тоа не можело секогаш да ја спречи несреќата. Во XVI век, поради обилните дождови, градот неколку пати наликувал на Венеција. Есента 1551 година, кога снегот веќе паднал и мразот почнал да ги заледува реките, дождовите го подигнале нивото на водата како што обично се случувало на пролет. И на почетокот на зимата 1564 година, поради ненадејните долги дождови неколку недели пред Божик, жителите на Москва се движеле низ градот со чамци.

Велигденски потоп

Пролетта 1655 година, наместо да се радуваат на светлиот Велигден, жителите на Москва се обидувале да си го спасат имотот. Водата толку многу ги преполнила реките, што се претвориле во бесни порои кои носеле сé пред себе. Дрвените куќи се распаѓале под налетот на водата како играчки, водата ги корнела дрвјата. Поројот стигнал сé до Кремљ на ридот. Неговите камени ѕидини не издржале и испукале под налетот на стихијата.

Во 1702 година, Германската населба (денешниот реон на метро-станицата „Бауманска“) практично била целосно поплавена. Ненадејната поплава предизвикала нагло топење на снегот и мразот. Повторно движењето било можно само со пливање или на коњ, но со голема претпазливост. Водата била длабока над еден метар, така што нозете на јавачот постојано тонеле во немирниот порој.

Поплавите што се случувале неколку пати годишно му нанесувале сериозна штета на градот. Големиот камен мост кај ѕидините на Кремљ, на кој имало тезги, мелници и крчми, често бил оштетен. Во 1783 година поплавата однела три свода на мостот: единаесет тезги се срушиле во водата, а нивните остатоци убиле две жени кои переле алишта кај мостот, еден рибар и еден случаен минувач.

Несреќата што редовно го погодувала градот поради поплавите ги натерала луѓето да бараат технички решенија за одвод на водата и безбедност на граѓаните. Така настанал каналот кој ја заштитил територијата на Остоженка и Јакиманка од поплави.

Парк во вода

Сепак, реката Москва продолжила да им приредува непријатни изненадувања на граѓаните. Во 1823 година, за два дена реката достигнала ниво од 8,5 метри и ја поплавила Кремљовскатља (Александровската) градина. Подрумите и приземјата на куќите се претвориле во аквариуми, а наместо кочии, на улиците повторно се појавиле чамци.

Најголемата поплава се случила во 1908 година, кога реката Москва пораснала за 8,9 метри.

Весникот „Руское слово“ пишувал дека „целиот простор меѓу Москва и каналот правеше оригинална сцена преполна со необична убавина. Особено убаво изгледаше реката меѓу мостот Москворецкиот и Камениот мост.

Од една страна, во водата тонеле ѕидините на Кремљ, силно осветлени од електрични светилки, а од друга, во неа се огледуваа прекрасните згради и вили на Софискиот кеј“.

Ѕидините на Кремљ ги заплиснувала водата на височина од 2,3 метри, биле потопени островот Болотни, поголемиот дел од реоните Замосковоречје, Дорогомилово и Лужники. Во центарот на градот се раширило море кое ги проголтало ниските згради.

За да им се помогне на оние што ќе паднеле во водата, од мостовите биле спуштени јажиња со јамки за кои луѓето можеле да се фатат. Возовите повеќе не поаѓале од железничките станици, почнале проблемие со снабдувањето со електрична енергија. Градот потонал во мрак.

Современи поплави

Во XX век Москва доживеа уште неколку поплави. Во 1926 година, и овој пат на Велигден, под вода се најдоа реоните Замоскворецје и Хамовники.

Нивото на водата порасна за 7,3 метри и се задржа така неколку дена. Последен пат градот беше поплавен во 1931 година, додека оттогаш водната стихија се наоѓа под контрола.