Александар I
Russia Beyond (Photo: Royal Collection; Public domain)Александар бил прв син на Павел Петрович и Марија Фјодоровна. Екатерина Велика му била баба. Таа му го дала името по големиот војсководец Александар Македонски и по рускиот кнез Александар Невски. Тоа не било типично за Романови. Претходно така се викал само принцот Александар Петрович (1691-1692), синот на Петар Велики кој живеел само 7 месеци.
Александар I како дете
Приватна колекцијаШтом малиот Александар се родил баба му веднаш го зела од мајка му, така што тој детството го минал во Царское Село, резиденцијата на Екатерина Велика. По потекло Александар бил речиси чистокрвен Германец, а го воспитувал швајцарскиот генерал Фредерик Лагарп. Александар добил извонредно образование. Течно зборувал француски, германски и англиски, знаел историја, географија и математика. Според мислењето на историчарите, Екатерина планирала престолот да му го довери на саканиот внук, а не на синот Павел Петрович за кого сметала дека не е кадарен да управува со Русија.
Портрет на Александар I 1802-1803, Боровиковски В.Л.
Руски музејИницијатор на заверата против императорот Павел I бил грофот Пјотр Пален, петербуршки воен губернатор и најблизок соработник на императорот. Во последните месеци од животот Павел бил во конфликт со целото семејство, а Пален тоа го искористил.
Грофот му покажал на принцот Александар таен документ што Павел го потпишал и со кој дал согласност во тврдината да се затворат принцовите Александар и Константин заедно со нивната мајка, императорката Марија Фјодорована.
Поголемиот дел од историчарите сметаат дека Александар не се изјаснил против заверата, зашто Пален го убедил дека неговиот татко нема да биде убиен, туку само ќе биде свргнат од престолот. Принцот дури и го замолил денот на извршувањето на заверата да се префрли на 11 март 1801 година зашто тој ден во Михајловскиот дворец дежурал Семјоновскиот полк со кој раководел Александар.
Александар бил длабоко потресен кога дознал дека императорот Павел е убиен во заверата. Јаков де Снаглен којшто служел во Русија го опишал првиот ден на царувањето на 23-годишниот Александар: „Новиот император чекореше бавно, изгледаше како да му се тресат колената, косата му беше разбушавена, а очите уплакани. Гледаше пред себе и ретко ја спушташе главата како да се поклонува. Чекореше и се држеше како човек столчен од тага и погоден од неочекувана судбина. Се чинеше дека на лицето му пишува: 'Тие ја искористија мојата младост и неискусност. Измамен сум, не знаев дека со избивање на жезолот од раката на самодржецот јас неминовно го изложувам неговиот живот на опасност'.
Портрет на Александар I, Џорџ Доу
Музеј-резерват во РибинскВладеењето на Александар на почетокот многу ветувало. Младиот император ја укинал суровата војничка дисциплина што неговиот татко ја вовел во Петербург, ослободил од затворите многу луѓе кои биле осудени од политички побуди и сосема поинаку се однесувал во јавниот живот.
Како што пишува историчарот Владимир Томсинов, Александар „често се шетал по улиците пеш и без свита, со задоволство одговарал на секој поклон и на секој упатен поздрав. Секој минувач можел да застане и да поразговара со него. Носел едноставно одело, секогаш се насмевнувал и со почит се однесувал кон секого. Бил млад и шармантен, сосема надвор од рамките во кои руското општество навикнало да го замислува императорот“.
Принуден до 23 година да живее распнат помеѓу два двора – татковиот и бабиниот – целосно станал имун на дворските интриги. Негов најголем непријател бил Наполеон. Тој Александар го окарактеризирал како „вистински Византиец“ и „Северен Талма“ (Франсоа Жозеф Талма бил познат француски глумец), алудирајќи на лукавиот и затворен карактер на рускиот император.
Иста репутација имал и во Русија. Пјотр Вјаземски го опишувал како „сфинга што не е одгатната до самата смрт“. Александар од раѓање имал лош вид, па и на своите дворјани строго им забранувал да носат очила. Во младоста му настрадал и слухот за време на маневрите во Гатчина, па се сомневал дека луѓето во опкружувањето прават шеги на негова сметка. Штом ќе видел дека некој се смее се сомневал дека можеби токму нему му се смее. По едно прашање бил мошне сличен на татка си. Имено, Александар, како и Павел Петрович, бил необично горд.
Портрет на грофот А.А. Аракчејев, 1824. Џорџ Доу и работилницата.
Музеј ЕрмитажОд самиот почеток на царувањето на Александар во носењето важни одлуки му помагале пријателите, соборците и советниците. Најпрво тоа бил „Тајниот комитет“. Составен бил од луѓе во кои царот имал доверба, коишто ги познавал од младоста: грофот Павел Строганов, кнезот Виктор Кочубеј, кнезот Адам Чарторијски и грофот Николај Новосиљцев. По 1803 година Александар се оддалечил од нив и се потпрел на младиот правник Михаил Сперански, кому му ја доверил реформата на државната служба.
Во текот на Татковинската војна од 1812 година Александар покажал снаодливост која ретко се среќава кај владетел. На своите генерали и војсководци им овозможил да го реализираат планот за победа над Наполеон што уште во 1810 година го осмислил Михаил Барклај де Толи. Овој план се состоел во исцрпување на противникот. Потоа застанал на чело на триумфалниот поход на руската армија во Европа, кој е крунисан со заземање на Париз.
Во последниот период од владеењето Александар станал близок со суровите револуционери. Тоа биле министерот за просвета кнезот Александар Голицин и со воениот министер Алексеј Аракчеев.
Портрет на Александра І, дело на Џ. Доу
Royal Collection„Во суштина, не би бил незадоволен доколку би го отфрлил бремето на царската круна која страшно ме оптоварува“, му рекол Александар Први во 1824 година на својот пријател, кнезот Иларион Васиљчиков. Уште од детството Александар како принц сметал дека управувањето со Русија не е негова единствена и неизбежна судбина. На својот воспитувач Лагарп му пишувал: „Кога Провидението ќе ме благослови да ја подигнам Русија на ниво на благосостојба што ја посакувам, првото мое дело ќе биде да го отфрлам од себе бремето на владеењето и да се оддалечам во некој агол на Европа каде што на мир ќе уживам во доброто што сум го воспоставил во татковината“:
Ваков идеализам е разбирлив за дете, но малку е чуден за возрасен човек. Сепак, Александар оваа идеја ја „развивал“ и кога веќе бил цар. Тој во 1819 година му го објавил на помладиот брат Николај и на својата жена Марија Фјодорвна следново: „Одлучив да ги тргнам своите обврски и да се оддалечам... Јас не сум повеќе оној што бев и сметам дека ми е долг да се оддалечам на време“. Кога царот видел дека Николај и Марија ќе прснат во плач, веднаш додал: „Сето тоа нема да се случи сега“.
Во 1823 година Александар потпишал таен манифест за предавање на престолот на Николај во вид на формално одрекување на средниот брат Константин од правото на престол. За содржината на манифестот знаеле митрополитот Филарет, министерот за просвета Александар Голицин и на царот преданиот Алексеј Аркачеев.
Александар I и Елизавета Алексеевна, П. Кроси (?). По 1807 година.
Public domainИмператорката Елизавета Алексеевна во 1825 година била тешко болна. Лекарите ѝ го препорачале лековитиот воздух во Таганрог. Александар одлучил да оди со сопругата и заминал два дена порано за по пат и на одредиштето да се погрижи за сѐ. Царот во Таганрог тргнал ноќе, и наспроти заминувањето ја посетил Александро-Невската лавра, каде што долго се молел на својот небесен покровител.
Кога царот починал во Таганрог на 19 ноември (1 декември) 1825 година сите гласови и сите детали добиле страшни размери. Некои се присетиле дека на заминувањето од Петербург на прашањето на својот собар „Кога да Ве очекуваме, Ваше Височество?“, царот покажал на Спасителовата икона во кабинетот и рекол: „Само Тој знае“. Таинствената смрт на царот придонела за ширење на легендата дека тој всушност не умрел, туку дека го напуштил престолот и се скрил за остатокот од животот да го мине како обичен човек.
Посмртната маска на Александар I, ГИМ
shakko (CC BY-SA)Во Сибир десет години подоцна се појавил старецот Фјодор Кузмич, но тоа не бил Александар Први, како што мислеле некои. Сите роднини и дворани што го виделе телото на царот во Таганрог потврдиле дека Александар Павлович навистина починал од непозната болест што ја добил на патот за Крим.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче