- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Во народната песна за јунакот Добриња Никитич се вели: „Младиот Добриња Никитич има жолти локни, а твојата коса, скитнику, виси до рамена!“ Одамна мажите во Русија задолжително воделе сметка за својата коса и за својата брада.
Фризурите во Русија пред Петар Велики
Нестрижена и ненегувана коса кај мажите укажувала на пијаница или на вештер. Не се стрижеле само пропаднатите и луѓето од дното на општеството. А, исто така косата престанувале да ја мијат и да ја стрижат (како и да ја чешлаат брадата) ониe што паднале во немилост на својот кнез или, пак, цар, за да покажат колку се очајни и колку се каат.
Мажите во Стара Русија носеле полудолга коса која го покривала тилот. Потоа станала популарна фризурата „во круг“ која исто така ја нарекуваме „тенџере“, зашто на главата се ставало тенџере и се сечела косата која виси под него.
Во 16 век за време на Иван Грозни од татарските потчинети принцови стасала модата за бричење глава – во долгите воени походи тоа било пожелно од санитарни причини. Модата ја прифатил само највисокиот општествен слој. Народот притоа сметал дека таквата фризура е „басурманска“, односно непријателска. Големците ја бричеле главата двапати неделно.
На почетокот на 17 век се појавила фризурата „скопка“, која по Петар Велики се задржала главно кај трговците, кои биле староверци. Во оваа варијанта кркмите се носеле кусо, а косата од страната на лицето била долга, при што можела да досега до рамената. Во некои општини на староверци ваквата фризура е задолжителна и денес како знак на припадност на староверничката заедница.
Перики, тупиња, вреќички за коса
Кога Петар Велики ја реформирал руската мода, морал да ги смени и фризурите. Во Европа во тоа време се носеле перики. Но, од нив Русија ја спасил Петар. Тој, имено, носел полудолга коса и не сакал перики. Иста фризура затоа носеле и други видни Руси, како и мнозинството офицери. Тие пуштале долга коса, евентуално ја покривале со бела пудра и ја завивале кај слепоочниците во кадрици.
На пример, Михаил Ломоносов ја оставал својата коса или евентуално перика со фризура „голубји крилја“. Меѓу мажите биле мошне популарни кадриците. За завивање на косата уште во 18 век започнале да се користат папилотни – парчиња ткаенина или хартија кои се завивале во косата.
За кадриците да бидат цврсти се користела засладена вода, пиво, понекогаш специјални помади за коса.
Но, многумина мажи, особено државните службеници и дворјаните, сепак носеле перики. Историчарката Вера Бокова вели дека чиновниците во 18 век ја бричеле главата за полесно да носат перика. Наутро станувале, се миеле, на голата глава ставале перика и ја носеле цел ден. Периките изискувале посебна нега – чистење, перење, боење, поправки. Овие услуги ги извршувале посебни мајстори „куафјори“.
Периките морало редовно да се напудруваат, а тоа можеле да го научат и собарите. Напудрувањето перика бил последниот чин за време на средувањето на угледна личност. Тоа се правело на крај, кога мажот е облечен. Затоа облеката се покривала со заштитен мантил, а лицето со кожна или хартиена купа. Напудрувањето се правело во некоја од помошните простории. За една перика било потребно едно до едно и пол кило пудра, што куафјорот или слугата ја прашел на мажот, додека пудрата летала на сите страни.
За напудрената или намачканата со помада перика да не го извалка грбот од горниот дел на облеката, долниот дел се ставал во вреќички што се врзувале на најниските кадрици или за опавчето од периката или фризурата. Во времето на Екатерина Велика во мода влегле тупињата кои ја кревале косата високо над челото. Притоа косата се врзувала во едно или во неколку опавчиња.
Од каде жица во косата?
Паралелно со фризурите во високото општество се развивале и фризурите во руската војска. А, тие биле покомплицирани. За време на маршовите, на воените вежби, на вистинските борби никој не се грижел за изгледот на косата. Но, имало и смотри, паради, дежурства, стражи, на кои било потребно да се има соодветна фризура.
Филмовите од 18 век нѐ наведоа да поверуваме дека војниците и офицерите порано носеле бели перики. Тоа не е точно. Тие својата коса ја мокреле со вода, квас или ја мачкале со восок, а потоа главата ја посипувале со креда или со брашно.
Александар Суворов во 1764-1765 лично ги опишал правилата за носење коса кај војниците: „Во косата од темето на средина треба да се плете плетенка која треба да се врзе со вештачка плетенка. Тупе не се носи. Слепоочниците се средуваат еднакво, како што е обичај и досега во полкот, во една голема кадрица, но расчешлана и убаво затегната. Кога е ладно, се прави поширока кадрица за да ги покрива ушите“.
Така требало да изгледаат војниците „во свечен и во црковен строј, на стража и во секој град кога се појавуваат на улица“, односно во сите пригоди кога војниците можат да се видат јавно. Притоа вештачката плетенка се прицврстувала со помош на жица! “Вештачка плетенка долга како ремен за сабја цврсто треба да се врзе за тилот еден палец од крајот на косата, завиена од долниот и горниот крај“; ваква комплицирана била војничката фризура. За да се одржува, војникот секогаш (!) морал со себе да носи: „Чешел за средување коса, парче восок, односно маст за свеќи помешана со восок, и четврт фунта пудра со четкичка во вреќичка“.
Во седумдесеттите години од 18 век кнезот Григориј Потемкин извршил реформа на војската и војниците ги ослободил од фризурите. „Завивањето коса, пудрењето, плетењето плетенки – зарем е тоа војничка работа; тие, на крајот, немаат собари. А, што ќе им се кадрици? Секој мора да се сложи дека е покорисно да се мие и да се чешла косата, одошто да се става пудра, маст, брашно, додатоци и плетенки. Тоалетата на војникот секогаш треба да биде ваква: штом станеш, подготвен си!, има запишано кнезот. Оттогаш војниците повторно се стрижат како порано, во облик на „тенџере“, додека периките и кадриците останале во употреба само кај гардата која главно извршувала свечени дежурства и држела свечена стража.
Но, кошмарот со периките и со плетенките се вратил во руската војска за времето на Павел Први кој сакал сите негови војници и офицери да изгледаат како него, по углед на Фридрих Втори Велики.
Проблемот бил во тоа што овој изглед во 1796 година бил страшно застарен, а војската имала малку фризери (по двајца или помалку на еден полк). Затоа војниците наспроти смотрите и парадите речиси не спиеле, пудрирајќи и мачкајќи си ги косите еден на друг. По смртта на Павел оваа мода исчезнала. Започнала нова доба во која во мода влегле зулуфите.
Големата револуција на француските фризери
Големата француска револуција ги сменила фризурите ширум Европа. Сѐ што е помасивно и покитесто во тој момент станало надминато. Во мода влегле лесни, куси и природни фризури. Некои од нив алудирале на настаните од револуцијата. На пример фризурата „жртва“(а-ла-виктим) изгледала вака: кусо потстрижан, речиси избричен тил (кој оставал гол врат), останатата коса малку подолга и исчешлана кон напред. Оваа фризура потсетувала на жртвите на францускиот Конвент кои завршувале на губилиште.
Револуцијата во Франција создаде сој мажи кои ја следеа модата и себеси се нарекуваа „неверојатни“ (инкројабл). Нивната облека била екстравагантна во секој поглед: огромни шамии околу вратот, наместо стап – палка слична на гранка, а на главата фризура „кучешки уши“: долга коса отстрана, но исчешлана кон напред, со врамено лице, додека тилот се стрижел кусо.
Сето ова ја преплавило Русија кога на власт дошол Александар Први. Пред сѐ, бегајќи од ужасите на револуцијата Французите масовно емигрирале во монархистичка Русија. Меѓу нив имало многу фризери – од почетокот на 19 век тие дури држеле монопол кога станува збор за ова занимање во Русија. Самиот збор „куафјор“ е од француско потекло и цела сфера фризерска работа претрпела силно француско влијание. Дури и руските мајстори на своите табли пишувале „Coiffeur Sidoroff“ или нешто во тој стил.
Кога Наполеон станал цар на Франција, во мода влегол стилот ампир со голем број алузии на Римската Империја што Наполеон исклучително ја ценел. Новите фризури носеле имиња на римски јунаци и императори. Фризурата „а ла Титус“ го имитирала ликот на Тит Јуниј Брут, јунакот од Волтеровата трагедија „Брут“: лицето мазно избричено со тесни зулуфи на образите, кои се нарекувале „фаворити“, а косата кусо потстрижена и завиена. Слична фризура била таканаречената „а ла Каракала“, која го имитирала ликот на рускиот император од третиот век. Кај овие фризури зулуфите биле продолжение на косата, но се носеле и поинакви бакенбарди - долги како дел од брадата. Тие се нарекувале „англиски“.
Во дваесеттите години од 19 век многумина мажи го носеле нам добро познатите кркми и кадрици кои се правеле со помош на папилотни или на фризер со врели преси. Сѐ на сѐ, од средината на 19 век машките фризури станале слични на денешните. А, периките, крупните кадрици над ушите и пудрата за коса кај мажите излегле од употреба веќе во втората деценија на 19 век.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа