Како се патувало во Русија во XIX век

Николај Сверчков
Зборот „турист“ се појавил во руската лексика дури во 1901 година. Дотогаш патување за забава немало посебно име и било многу скапо.

Каде патувале луѓето   

Долго време под одмор се подразбирало одење на семејниот имот, на пример, во текот на летната сезона, одење на лов или на аџилак. Модата на патување во модерна смисла се појавила благодарение на Петар I. По посетата на европските бањи, Петар решил да направи исти такви и во Русија. Така настанале Марцијалните Води во Карелија, а потоа и бањите на Кавказ: во Есентуки, Пјатигорск, Кисловодск. Таму во средината на XIX век се појавуваат вистински бањски гратчиња со шеталишта, базени и извори на лековита вода. Единствениот проблем само бил како да се стигне до нив.

Пјатигорск

Како луѓето се подготвувале за пат

Процесот на подготовка за пат би можел да се спореди со „три пожари“, како што вели руската поговорка („Едно патување е исто како три пожари“). Било потребно да се добијат патни исправи кај губернаторот или градоначалникот за да може човек без проблем да го напушти родниот град. Овој документ ја извршувал функцијата на пасош и делумно на виза. Во него се наведувало каде патува лицето. Сите тие информации се испишувале на градските порти, додека податоците за патувањата на благородниците, ако се работело за одење во некој голем град, биле објавувани дури и во весници.

Цената на целото патување зависела и од тоа дали лицето имало патна исправа. Оние кои го немале овој документ морале да платат за услугите на кочијаш и изнајмување коњи според договорот. Надежда Дурова, која служела во коњаницата, еднаш го послушала советот да не носи патна исправа и како резултат на тоа патувањето од Казан до Петербург ја чинело шестотини рубли, додека со соодветниот документ ќе платела двојно повеќе. Авторот на „Патувањето од Петербург до Москва“ Александар Радишчев го споредил патниот документ со „заштитно писмо“ и го носел „како што луѓето порано носеле крст за заштита“.

Со што се патувало

Се патувало со кочија. Во зависност од финансиската состојба, едно лице користело свои или поштенски вагони. Лете тоа биле селски коли или отворени кочии, а зиме запрежни санки, покриена запрежна кола или затворени кочии. Оние најбогатите можеле да си дозволат да патуваат во кочии „дормез“ (за спиење), во кои имале сé што им требало, од аптека до патнички кревет. Ако имале и свои коњи, таквото патување било најекономично: се патувало со свое темпо, со долги застанувања заради одмор. Од друга страна, можело да се изнајмат кочии и коњи. Во тој случај коњите на поштенските станици се менувале коњите, а багажот се префрлал во друга кочија.

Единственото прашање било дали ќе на следната станица веднаш ќе се добиеле одморени коњи или ќе требало да се чекаат. Вообичаено, коњушницата на станицата располагала со околу 25 коњи. Тука на сцена стапувала бирократијата: колку е повисок рангот на патникот, толку поголема влечна моќ можел да добие. Генерал-адмиралите и канцеларите добивале до 20 коњи, сенаторите 15, тајните советници 12, капетаните и титуларните советници по три, а сите други по два коња. Ако некој важен престојувал во поштенската станица претходниот ден, оние што ќе пристигнеле по него биле принудени да преноќат на станицата чекајќи одморени коњи.

Брзината на патувањето била мала: околу 10 врсти на час (околу 10,6 километри) во лето и најмногу 12 во зима (12,8 километри). Дневно можеле да се поминат 100 врсти (малку повеќе од сто километри), но тоа биле официјалните бројки. Инаку, со кочијашот можело да се договори побрзо возење за дополнителна сума. Во тој случај, патниците можеле да поминат и до двесте врски за еден ден. Притоа патниците морале да платат патарина за поминување на растојанието помеѓу две поштенски станици: најмалку 12 копејки за 10 врсти. На пример, патувањето од населбата Михајловское до Санкт Петербург чинело 120 рубли за над 400 километри, а на Пушкин, кога бил испратен во егзил од Одеса во Псков „во далечен северен округ“, му биле дадени 389 рубли за да помине 1621 врста (околу 1729 километри). Да наведеме за споредба: еден скромен чиновник во тоа време добивал околу 700 рубли годишно, што значи дека патувањата воопшто не биле евтини.

Во 1820 година се појавила првата приватна транспортна компанија која нудела можност за заеднички превоз. Во таква кочија можеле да патуваат четворица патници без поголем багаж. Билетите не биле евтини, од 55 до 95 рубли. Се купувале две недели пред патувањето, а било потребно да се покаже патна исправа и потврда од полиција дека не постоеле пречки за патувањето. И кога во 1834 година бил пуштен во употреба првиот голем уреден пат меѓу Санкт Петербург и Москва, се патувало побрзо. Ако претходно патниците се трускале во кочија околу шест дена, сега тоа растојание го поминувале за „само“ четири дена.

Што се носело на пат

Штедливите патници кои патувале со своја кочија и свои коњи, со себе носеле буквално сè: облека, храна, дрва за греење, книги, специјални садови во кои сипувале топла вода, сите можни ситници што можеби ќе им затребале. Оние кои патувале со преседнување ја поминувале ноќта во поштенската станица или гостилница на патот, каде што можеле да се освежат и одморат. Па дури и да нарачаат дополнителни услуги: потковување на коњите или поправка на кочијата. 

Музеј „Домот на началникот на поштенската станица“

Каде отседнувале патниците

Во XIX век во Русина почнале да се појавуваат хотели на европско ниво. Освен во пансионите и гостилниците во бањите и приморските одморалишта, можеле да се отседне и во опремените соби во хотелите во Москва и Петербург. Цената на сместувањето на патувањето зависела од нивото на поштенската станица: во нив порано имало само соби за одмор, каде што можело да се дремне седејќи, или пак соби од хотелски тип со билјард и солидна кујна.

Зградата на поштенската станица во која престојувал Пушкин. Вира, Ленинградска област

Цената на една соба во „пристоен“ хотел се движела од 2 до 50 рубли. На пример, во двокатната гостилница „Челиши“ со сауна, кафеана и соби чиј сопственик бил трговецот Челишев. Или во петербуршкиот „Европски хотел“.

Хотел „Челиши“, околу 1880.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња