„А, ако Русинот испие некоја чаша повеќе, никој нема да може да го натера да вози на германски начин, односно со чекор или лесен кас. Тој ќе вика, ќе пее песни и ќе ита сѐ дури не го совлада сон и дури уздите не му паднат од рака“, има запишано историчарот Михаил Загосин во книгата „Русите на почетокот од осумнаесеттиот век“. Пијани возачи во Русија имало отсекогаш, а пред револуцијата не биле помалку опасни од денес. Иако брзините биле мали, можноста за трагичен исход била поголема.
Истражувачот на историјата на руските патишта Владимир Коршунков наведува случај од весникот „Вјатскаја реч“ за 1914 година: „Учителките од женската школа Колчина и Багаева за празникот Свјатки се враќале во селото Сарапул. Којчијата ја влечел само еден коњ. Колчина со себе ја зела и тригодишната ќерка. Кај селото Пурги во пресрет на патниците им излегол карван запрега со вино. Од ударот санката со учителките се превртела и паднала во дол, при што ги згмечила патниците и нивниот кочијаш. А, возачите на запрегата кои ги турнале во долот продолжиле понатаму како ништо да не се случило. Колчина притоа се задушила, а Багаева е освестена“.
Особено било опасно да се превртиш во кочија која е натоварена, зашто сандаците и кошниците можеле да ги згмечат и да ги задушат патниците. Јавачите исто така не биле сосема безбедни – коњот можел да ги исфрли од седлото, можел ненадејно да јурне... Доколку човек паднел од коњ, а со ногата останал закачен за узенгијата, можел лесно да го изгуби животот.
Ниту угледните луѓе не биле осигурени против превртување на кочијата и паѓање. Александра Тјутчева во 1853 година толку брзала од Орловшчина во Петербург да го спаси звањето дворска дама што кочијата се превртела. „Се најдов заедно со својата превртена кола во длабок дол со контузија на главата...“, запишала Тјутчеа. Несреќи на патот можеле да ги снајдат и царевите. Во 1836 година лично Николај Први се превртел кај градот Чембар кај Пенза. Царот ја скршил клучната коска и 17 врсти (над 18 километри!) морал да мине пеш.
Патот Москва - Кузминки, 1892, Валентин Серов
Руски музејИспаѓањето од колата било вообичаена појава, особено на нагорнините и кривините. Секое спуштање надолу, особено назима, било ризично. Иљја Репин во 1863 година патувал од Харков во Москва. Запишал: „Страшно е да се спушташ од високите планини. [...] Се случуваше по гол мраз долго да чекаме под брдото додека водичот не доведе помош од поштенската станица. [...] Колку случаи имаше и на нашиот пат... Зашто покрај патот има длабок дол и повеќе пати кочијата во трка ќе се превртеше во него“.
Мост покрај мелница, 1908, Константин Коровин
Тверска галерија на сликиВо царска Русија зборот „мост“ понекогаш се однесувал на обични штици, трупци, па дури и гранки префрлени преку блато или мочуришен терен. „Само притки, одвај изделкани“; има запишано Николај Блинов за ваквите „мостови“ преку блато во 1861 година. Од таков мост, секако, не може да се падне, но низ него може да се пропадне или да се лизне во мочуриште. А, тогаш можете да се простите од кочијата.
Високите, „вистински“ мостови преку реките исто така претставувале опасност. Во 1723 година лично Петар Први ја предупредил жена си Екатерина: „Мостовите се високи... преку реките не се цврсти... Поарно да минеш пеш или во лесна запрега“. А, замислете ако оди цела колона кочии како кај спахијката Елизавета Јањкова во 1803 година: „три товарни коли, три запреги со волови во чифт и кочија со еден коњ, тројца во придружба и готвачот Тарас со два коња, а ние патувавме со кочија со осум места и шест коњи, кола со шест коњи, и лесна запрега со четири коњи и една со три коњи“. Ваквиот карван веќе морал да бира по кои мостови ќе мине, па патувањето траело значително подолго.
Воскресенскиот мост во XVII век, 1921, Аполлинариј Васнецов
Музеј на МоскваМаркиз де Кистин во книгата „Русија во 1839 година“ има запишано дека видел „голем број ужасни мостови со штици, од кои еден му изгледал едноставно опасно“, мостовите се „нерамни и опасни зашто на нив често недостасуваат најважните делови“.
Сомнителни луѓе, 1882, Константин Савицки
Руски музејОсвен што нивната конструкција често претставувала опасност, мостовите во Русија биле места на кои се собирале сиромашни и разбојници, зашто тука со сигурност морале да минат многу луѓе, дури и во слабонаселените предели. Освен тоа, како што пишува Владимир Коршунков во текстот „Мостови, разбојници, сиромаси“: „Мостовите се наоѓаа во долини или во долови, каде што патот се стеснуваше. Најпрво се даваше приод од штици што се лизга, особено опасен на зајдисонце, а луѓето кои тука преминуваа сакаат или не - мораа да забават или да излезат од кочијата. Тогаш на разбојниците им беше најлесно да нападнат“.
„Сакаат патници-намерници и ги чекаат под мостовите“, се зборувало за разбојниците. Притоа мостот во традиционалната култура се доживувал како место каде што се собираат злите духови. Суеверните селани и така се плашеа од мостовите, а стравот создава најдобри услови за напад. Под мостот разбојниците можеа да се кријат, но и да го чуваат својот плен, а во реката ги фрлале телата на оние несреќници што ќе дадеа отпор и така ќе настрадаат.
Дури и во Москва имало разбојници под мостовите. Во 18 век под лаците на Всехсвјатскиот мост се собирале банди коишто она што ќе го украдат ќе го пропијат во крчмите на самиот мост. Но не биле само мостовите собиралишта на разбојниците. Сѐ до средината на 19 век речиси во секоја шумичка покрај патот можела да се крие разбојничка банда.
Разбојници биле селаните кои избегале од лошите спаии, од војска или од државниот намет. Се оддавале на разбојништво и војниците кои веќе го совладале војничкиот повик и често со себе имале украдено оружје. Разбојничките банди поседувале не само пушки, туку и топови со кои можеле да запрат и да опљачкаат трговски карвани. Против разбојниците државата испраќала воени единици, а шумите покрај патиштата и околу градовите ги затворала. Сепак, власта не успевала да излезе на крај со овој вид престапници.
Обиколување на епархија, 1885, Павел Ковалевски
Третјаковска галеријаДве кочии не успеваат да се разминат на тесен пат – ова е вечен извор на конфликт. За коњските запреги во царска Русија ова бил голем проблем. Имено, многу запреги имале неколку коњи, кои биле широки, а на тесната селска или градска улица им било тешко да се разминат. Требало некој да се тргне од патот, а тој некој не сакал. А, ако уште и кочијашот удри со камшик по туѓ коњ – во брзина, бес или случајно – тогаш обично доаѓало и до тепачка.
Коршуников ги цитира материјалите на етнографското биро за конфликтите на патиштата на Рускиот Север: „Се вози, особено назима, еден селанец, а во пресрет му доаѓа друг, никој не сака да се тргне, и тогаш едниот или другиот ќе испадне од санката, или нешто ќе се скрши. Секако, овој го пцуе виновникот и го удира, ако не го познава, со камшик, а другиот ќе врати, па оној што паднал ќе фати што му стасало до рака: секира, на пример, и ќе го удри противникот...“
Се знаело кој треба да се тргне ако се сретнат спаија и селанец, имашен благородник и посиромашен, курирска и поштенска кочија – „помладиот“ мора да се тргне, а доколку го стаса побрза запрега треба да ја пропушти да мине. Особено било комплицирано назима, по бура, кога патот бил опкружен со наноси снег или со цел ѕид од насипи. Селаните во тој случај најпрво морале да го прокопаат и да го истапкаат просторот каде што ќе ги тргнат своите коњи и колата, за господската кочија да може да мине покрај нив.
А, што ако се сретнат луѓе кои имаат отприлика сличен статус: војници или благородници? Тогаш започнува натпреварување со чинови, кој е повисок по чин, кој подолго служи и кој е постар. Доколку селани се сретнат на тесен пат, важело правилото: празната кола ја пропушта натоварената, а помалиот број луѓе му дава предност на поголемиот број. А, кога патувала важна личност, на пример губернаторот по својата губернија, неговите кочијаши оддалеку викале на оние што наидуваат: Тргај се!“
Волци напаѓаат, 1860, Николај Сверчков
Слободни извориОсвен разбојниците, патниците ги демнеле и гладните волци. Многу шумски животни биле заразени со беснило, така што дури и гризнувањето можело да му го загрози животот и здравјето на човека.
Како што во 1653 година има запишано хирургот Пјер де Ламартињен којшто го посетил Рускиот Север, мечки и волци имало „толку многу што постојано бевме во страв... секој момент очекувајќи напад“. Меѓутоа, во северните шуми, каде што имало многу ирваси и други животни, волците не напаѓале толку многу како во централна Русија, каде што нивниот плен го проретчиле ловците.
Историчарот Владимир Коршунков цитира извештај од 1869 годин од Вјатската губернија: волк изел двајца селани – Матвеја Шихова и Козјма Мухин, „На првиот на главата му ја растргнал кожата до коски и му го изгризал носот, левата нога и рака, а на другиот левиот образ, слепоочницата и десната рака. На почетокот обајцата биле здрави, но неколку месеци подоцна Козјма Мухин починал од беснило.
По големиот сибирски пат, 1883, Николај Сверчков
Државен музеј на уметноста на Алтајскиот крајВолците влегувале во селата и, секако, ги напаѓале патниците. За да ги растераат, кочијашите палеле слама, за кочиите прицврстувале бакли, а патниците носеле пиштоли и пушки. Волците на некои места во Русија останале проблем сѐ до 20 век. Коршунков опишува како Серафим, епископ Дмитровски, кон средината на дваесеттите години патувал со кочијаш за време на топењето на снегот кај станицата Куринка, во Московска област. „Коњот, смирен и послушен, одеднаш поите и скокна, така што уздите пукнаа“. Имено, коњот ги почувствувал волците чии очи сјаеле во темнината. „Волците јурат напред, се фрлаат на нас. Сакам да ги исплашам, да запалам хартија зашто се плашат од оган. Но, чкорчињата ми се навлажниле“. На крајот еден волк поитал кон кочијата, но успеале да го избркаат со врева. Очигледно волците не биле премногу гладни и не биле многу, така што владиката Серафим имал среќа. На местата кои се оддалечени од градовите тие ловат во глутници и понекаде и денес претставуваат опасност за оние што се движат пеш и за локалните селани.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче