Колку долго се патувало од Москва до Санкт Петербург низ вековите?

Kira Lisitskaya (Photo: Sergey Smirnov, Nekrasov, ImageBROKER/Global Look Press; Александр Вильф/Sputnik)
Изгледа дека во Русија нема попопуларен патен правец од овој, кој инаку е долг 635 километри. Ајде, затоа, да споредиме колку време било потребно да се стаса од едната до другата руска престолнина низ вековите.

Руските железници најавија дека до крајот на 2027 година ќе започне со работа брзата пруга Санкт Петербург – Москва. Како што е истакнато, патувањето ќе трае вкупно 2,5 часа (два часа и петнаесет минути без запирање). Проектот ветува апсолутен временски рекорд на патување од едната до другата руска престолнина.

А, колку време било потребно во минатото за да се стаса од градот на Нева до старата престолнина?

Со коњи

Петар Велики го основал Санкт Петербург во 1703 година и тука ја пренел престолнината на Русија. Иако молскавичниот развој на градот го следел нагол раст на бројот на жители, многу благороднички семејства останале да живеат во Москва, кадешто се наоѓале главните православни храмови и кадешто се крунисувале и се погребувале царевите. Во следните неколку векови патувањето од Петербург до Москва ќе стане неминовност.

Кибитка, литографија 19 век

Во осумнаесеттиот век, патувањето во просек траело четири и пол до шест и повеќе дена. Времето минато на пат многу зависело од временските услови. Најбрзо се стасувало назима кога практично се лизгало по мразот и по снегот. „Осумнаесетвековниот рекорд“ го има поставено царицата Елизавета Петровна. Во зимската кочија (на фотографијата долу) таа во 1742 година стасала на крунисувањето за само три дена (губејќи многу коњи). Патувала со свитата само дење, а навечер се одморале.

Кочијата на Елизавета Петровна

Патувањето по непроодните мокри пролетни и зимски патишта одземало многу повеќе време и енергија кај патниците. „Цели шест дена се влечев по целосно неподносливиот пат и во Петербург стасав полумртов“, пишува Александар Пушкин во есејот „Патување од Москва во Петербург“.

Пушкин на пат

Поетот патувал од едниот во другиот град нешто повеќе од дваесет пати, или со кибитка, со евтина затворена кочија што ја влечеле коњи (можеле да се менуваат на поштенските станици) или со својата комфорна кочија.

Прилично брзо можело да се стаса на тројка која достигнувала брзина од 45 до 50 километри на час, меѓутоа, не сите патници имале пари за таков луксуз и најчесто се решавале за два или за еден коњ.

„Јавниот превоз“ се појавил во 1820 година. Дилижансите кои примале од четири до дванаесет патници оделе по ред на возење, а патувањето траело околу четири и пол дена.

Таканаречениот „мазен пат“ кој ги спојувал двата града бил изграден во 1834 година, кога дел бил поплочен со камен, а дел покриен со шкрилци. Пушкин решил да го тестира и стасал неверојатно брзо, за четири дена.

Земјопоседник на пат, дело на Николај Сверчков, 1855 година.

Првите пруги

Кон средината на 19 век забележан е вистински технички прогрес. Николај Први во 1842 година потпишал указ за изградба на пруга Москва-Петербург. Во Русија тогаш веќе била изградена првата пруга која ги спојувала Петербург и Царское Село. Редовна линија до Москва е воспоставена во 1851 година, а патувањето траело 21 час и 45 минути. По смртта на Николај Први пругата е наречена Николаевска, а во советско време е променета во Октомвриска, како што се нарекува и денес.

Твер, железничка станица, почеток на 20 века

Патувањето меѓу градовите со воз станало исклучително модерно. Не е случајно што Лев Толстој во седумдесеттите години од деветнаесеттиот век го пишува романот „Ана Каренина“ во кој железницата претставува важен елемент на нарацијата.

Во советско време е апсолутно сфатена важноста на железницата, па започнало да се работи на скратување на времето за патување.

Патничките возови од дваесеттите години од минатиот век патувале во просек по петнаесет часа. Експерименталниот електричен воз во 1920 година успеа ова растојание да го мине за 12 часа, а во 1931 година во промет е пуштен првиот советски експресен воз „Краснаја стрела“ кој стасуваше за рекордни десет часа.

Во шеесеттите години акцент беше ставен на електричниот погон, и за разлика од парните локомотиви електричните достигнуваа брзина од 130 километри на час во споредба со просечните седумдесет.

ER200

Брзиот воз ЭР-200 во 1984 година стасуваше од Ленинград во Москва за пет часа и дваесет минту, а потоа за четири часа и 59 минути. Развиваше брзина од 200 километри на час. Меѓутоа, такви композиции имаше само две и сообраќаа трипати неделно. Билетите беа мошне скапи, така што возовите не беа во масовна употреба. Советите повеќе сакаа да патуваат со обични возови. Последното патување на ЭР-200 се одви во 2009 година, препуштајќи му го своето место на супербрзиот „Сапсан“.

А, како е денес?

Сапсан

Патувањето со авион од Москва до Санкт Петербург трае еден и пол час. Меѓутоа, доколку се земе предвид дека до аеродромот треба да се стаса, а потоа и од аеродромот до соодветната локација и дека треба да се дојде пред полетувањето, многумина се решаваат за копнената солуција. Постојат многу варијанти, а дневно сообраќаат повеќе од 30 возови.

„Брзиот“ воз патува од седум до десет часа. Времето на патување најчесто зависи од бројот на станиците. Просечното време е овековечено во популарната песна на Максим Леонидов „Од Питер до Москва“ во 1995 година во која се вели „само осум часа неспиење од Питер до Москва“.

Денес со овие осум часа патува, да кажеме, советската „Краснаја стрела“. Постојат и неколку експресни возови. Колку за пример, Невскиот експрес патува четири часа и четири минути. Брзиот електричен воз „Ласточка“ стасува за пет и пол до шест и пол часа.

Во моментов патувањето со најбрзиот воз „Сапсан“ трае три часа и педесет минути.

Со автомобил

Автопатот М11 Нева

Освен со возови, долго се патувало и по стариот царски пат со коњи, а потоа и со автомобили. Патот во 1958 година беше комплетно асфалтиран и стана автопат М10, Вкупната километража од 684 километри може да се мине за десет часа. Поголемиот дел од патот минува низ населени места кадешто ограниќувањето на брзината е помеѓу 40 и 60 километри на час.

Автопатот М11 „Нева“ со наплатни патарини во должина од 669 километри беше пуштен во промет во 2019 година. Просечната должина на патувањето по овој пат трае од пет часа при брзина од 150 километри на час. За волја на вистината, сѐ уште се гради делницата на патот на подрачјето на Твер која ќе минува низ населени места.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња