10 главни снабдувачи на царскиот двор (ФОТОГРАФИИ)

Историја
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Овие приватни фирми низа години работеле за царевите по нарачка.

Потребите на царскиот двор во Русија ги опслужувала цела армија трговци и приватни претпријатија. Тие произведувале и испорачувале на дворот за царот и за членовите на царското семејство разновидна луксузна стока и домашни предмети – кондиторски производи, накит, храна и алкохол, мебел и други работи.

На оние што постојано соработувале и беспрекорно ја извршувале својата работа од првата половина на 19 век им се доделувала титулата „снабдувач на дворот на неговото царско величество“. Тоа била голема чест. Трговец со таква титула можел да стави руски грб на своето лого и на рекламите. Покрај тоа, во ваквиот ангажман работата била исплатлива, со оглед на тоа што Романови не жалеле пари за секојдневните потреби. Од друга страна, оваа титула лесно можела да се изгуби (особено ако се смени сопственикот на компанијата или ако испораките доцнат).

Имало неколку десетина официјални снабдувачи, меѓу нив и странски претпријатија и трговци, на пример гуми Michelin, часовници Tissot и Breguet, и германски автомобили DMG.

Ќе наведеме некои производи коишто биле најпознати доставувачи и му испорачувале на дворот по нарачка.

1. Украсни предмети и накит на Карл Фаберже

Името на Фаберже се прочуло ширум светот. Над 30 години овој јувелир по царска нарачка ги правел познатите велигденски јајца, коишто Александар Трети, а потоа и Николај Втори, им ги подарувале на своите сопруги.

Покрај тоа, фирмата Фаберже за царското семејство правело разновидни украсни предмети како пепелници, кутии за цигари, вази, скапоцени рамки за икони, пехари, ковчежиња и други луксузни дреболии.

2. Предмети од емајл на Павел Овчиников

Овчиников бил кмет кај кнежевско семејство кое препознало во него уметнички способности и го испратило да учи јувелирски занает. Работата му била многу исплатлива, така што тој успеал да се ослободи од кметството, односно да ја купи својата слобода и да отвори сопствена фабрика.

Правел предмети од емајл – сервиси, соларници, вази и паричници кои многу му се допаѓале на идниот цар Александар Трети. И поради тоа компанијата на Овчиников над 40 години го снабдувала царскиот двор.

3. Часовниците на Павел Буре

Од 1899 година до Револуцијата од 1917 година трговската куќа на Павел Буре била речиси единствената компанија која испорачувала часовници за царскиот двор.

За тоа време оваа часовничарска куќа по царска нарачка произвела неколку илјадници часови – џебни, ѕидни, патни и други.

4. Кондиторски производи на Алексеј Абрикосов

„Фабриката и трговско партнерство А. И. Абрикосов и синовите“ била главен производител на чоколади. Абрикосов прв во Русија прелеал суво овошје со чоколадна глазура, а претходно ваквите десерти се увезувале само од странство. Исто така произведувал карамела, кекси и разновидни бонбони.

Кондиторскиот магнат поседувал фабрика и неколку продавници во Москва, за во 1899 година да стане доставувач на дворот на неговото царско височество. Фабриката на Абрикосов по револуцијата била национализирана и преименувана во „кондитерски концерн Бабаевски“. Ова претпријатие сѐ уште работи.

5. Кондиторски производи на Теодор Ејнем

Германскиот слаткар Теодор фон Ејнем кон средината на 19 век отворил сопствено претпријатие во Москва. Правел шеќер во коцки, карамела, чоколадни бонбони, кекси и други кондиторски производи.

Во неговите слатки уживаше женската половина на царското семејство, којашто тој ја снабдувал со стока. Но, и покрај сите успеси и медали освоени на меѓународни изложби, компанијата „Ејнем“ официјално добила титула доставувач на царскиот двор дури во 1913 година, по смртта на својот основач. По Револуцијата, па сѐ до денес, фабриката работи под назив „Црвен октомври“ („Красный Октябрь“).

6. Кексите на Адолф Сиу

Французинот Адолф Сиу се пробал во правење парфеми. Меѓутоа, повеќе се прославил како сопственик на кондиторска фабрика. Насекаде во Руската Империја имало продавници на фирмата „А. Сиу и Ко“ што ја основал Адолф, а потоа фирмата ја презеле неговите синови „С. Сиу и ко“. Асортиманот на нивните кондиторски производи бил огромен: кекси, какао, карамела, желе бонбони, наполитанки, медени колачиња и многу друго. Во чест на 300-годишнината од династијата Романови компанијата во 1913 година го пуштила во производство својот познат кекс „Јубилејное“ и се стекнала со титула доставувач на царскиот двор.

Во советско време фабриката е преименувана во „Болшевик“ и продолжила со производство на кексите кои веќе станале бренд. Патем, кексите се произведуваат и денес, и сѐ уште се омилен десерт на многу дали деца во Русија.

7. Парфимеријата Алфонсо Рале

Францускиот производител на парфеми во 1843 година отворил своја фирма во Москва. Произведувал парфеми, пудра, кармини и сапун, а 12 години подоцна станал снабдувач на царскиот двор и повеќе пати ја потврдил оваа своја титула. На шишето од парфемот Alphonse Rallet & Co бил прикажан двоглав орел – симболот на Руската Империја.

Инаку, производителот на парфеми од оваа компанија, Ернест Бо, подоцна го креирал за Коко Шанел познатиот парфем Chanel №5. Се претпоставува дека како основа го зел парфемот „Букетот на Екатерина“ („Букет Екатерины“) што го направил во чест на 300-годишнината од династијата Романови.

8. Алкохолните пијалаци на Пјотр Смирнов

Брендот руска вотка Smirnoff е познат во целиот свет. Ова вотка ја измислил Владимир Смирнов (додека бил во емиграција), син на Пјотр Смирнов, познатиот руски „крал на вотката“, чија фабрика произведувала вотка, вина и разни видови ликер. Освен тоа, партнерството на Смирнов тргувало и со вина увезени од странство.

Од 1889 година тој го добива звањето снабдувач на царскиот двор, а кога станува збор за „кагор“ (вид црвено вино) практично држел монопол во снабдувањето на православните цркви и манастири во Русија.

9. Вина на трговците Елисееви

Елисееви биле трговска династија. На почетокот од 19 век имале неколку продавници во Санкт Петербург и продавале увозна стока: вино, кафе, чај, ориз, кашкавал и друго. Синовите на сопственикот во 1857 година ја основале стоковната куќа „Браќа Елисееви“. Тие купувале вина од странство, а во Русија вршеле негова ферментација и го полнеле во шишиња.

Имале подрум со вина на Василевскиот остров во Петербурк, кој важел за една од најдобрите винарии во Европа. Нивните вина освојувале меѓународни награди, а од 1874 година Елисееви станале снабдувачи на царскиот двор.

10. Пенливите вина на Лев Голицин

Кнезот Голицин бил зачетник на производството на пенливи вина во Русија. Неговото шампањско високо го оцениле дури и Французите во 1889 година на Светската изложба во Париз. Голицин на Крим и на црноморската ривиера создал цела винска индустрија, засадил виногради со неколку видови грозје и изградил подземна винарија со систем тунели.

Неговото шампањско се служело во 1896 година на крунисувањето на Николај Втори и денес е познато под називот „Коронационное“. Во таа пригода Голицин добил статус на снабдувач на императорскиот двор. Денес во знак на сеќавање на најпознатиот руски винар по старата рецептура се прави пенливото вино под брендот „Лев ГолицынЪ“.