„Рускиот народ треба да се држи во состојба на непрекината војна“:лажнотo завештание на Петар Велики

Russia Beyond (Photo: Public domain)
Петар I им оставил аманет на своите наследници да го освојат целиот познат европски и азиски свет. Со една напомена: такво завештание не ни постоело.

Петар Велики умрел пред да именува наследник и да остави тестамент. Меѓутоа, во 1836 година во Франција бил објавен текст на наводно изгубеното завештание на императорот. Оние кои го објавиле тврделе дека овој документ бил пронајден во 1757 година од Шарл Д'Еон во тајните архиви на Елисавета Петровна. Интересно е што Д'Еон (1728-1810), авантурист и таен агент, кој во 1755 година навистина престојувал во Петербург, половина од својот живот го поминал преправајќи се дека е жена.

Објавениот документ носел наслов „Копија на планот за европска доминација“ и содржел 14 точки. Завештанието било составен во вид на упатства до наследниците. Меѓу другото, царот наводно им го наложил следново:

Рускиот народ треба да се држи во состојба на непрекината војна.

Треба да се подели Полска и да се меша во работите на Шведска.

Сите руски императори треба да се оженат со германски принцези.

Треба да се заземе Црното море со цел да се освојат Турција и Персија.

Себе треба да се прогласите за заштитник на православните во Полско-литванската унија, Унгарија и Отоманската империја, користејќи го тоа за потчинување на овие земји.

По освојувањето на Турција и Персија, треба да се стремите кон Индија.

Треба да се стремите кон уништување на Франција и Германија и освојување на цела Европа.

Генерално, текстот им порачува на наследниците на Петар да го освојат целиот познат европски и азиски свет. Ова „завештание“, се разбира, по форма не наликувало на завештанијата кои биле вообичаени во Руската империја, ниту содржело некакви упатства кога станува збор за имотот и тронот, што само по себе укажува на неговата неавтентичност. Во него не се ни спомнуваат за вистинскиот Петар многу важните насоки на надворешната политика, како што се односите со Холандија и Кина.

Па сепак, „Завештанието“ повеќе пати било објавувано и интензивно користено како доказ за „реалните руски цели“ за време на Кримската војна. И иако во Русија во 1877 година во статија на историчарот Сергеј Шубински е докажано дека се работи за фалсификат, „Завештанието“ продолжи повремено да се појавува во врска со Русија. Повторно беше објавено, на пример, за време на Првата светска војна, па дури и преведен на персиски јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња