Зошто ЦИА трагаше по советски пловечки станици на Арктикот?

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
За време на Студената војна, Американците сметаа дека на пловечките научноистражувачки станици во Северниот леден океан Русите складирале акустична опрема за откривање на американски подморници.

Агентите на ЦИА не можеа да продрат во активна пловечка станица и затоа чекаа сантата мраз да почне да се распаѓа и од неа да бидат евакуирани советските поларни истражувачи. Постоеше веројатност Советите да не можат понесат дел од нивната опрема со себе.

Така и се случи со станицата „Северен пол-8“, на која на 28 мај 1962 година од бомбардер В-17 се спуштија мајорот Џејмс Смит и поручникот Леонард Ле Шек. За трите дена што ги имаа на располагање, американските агенти открија над 80 важни документи, собраа фрагменти од оставената советска опрема и направија стотина фотографии.

Мразокршач не можеше да се пробие низ повеќегодишните наслаги на мраз, хеликоптер немаше да може да стигне до нив, а за авион беше опасно да слета на санта што се распаѓа. Затоа, беше одлучено агентите да се евакуираат заедно со собраниот материјал со помош на „небесна кука“ - систем за евакуација дизајниран од ЦИА.

Додека балонот исполнет со хелиум се искачуваше до потребната висина, на земја чекаше агент, врзан за него со јаже. Авионот ќе се приближеше и со помош на специјални „мустаќи-вилушки“ ќе го пресечеше јажето, откачувајќи го балонот. Јажето автоматски ќе се намоташе на чекркот што го вовлечуваше агентот во авионот.

Благодарение на успешно спроведената „Колдфит“, Американците дознаа дека Советскиот Сојуз постигнал сериозен напредок во поларната метеорологија и поларната океанографија. Покрај тоа, тие добија и докази дека Русите користат акустична опрема за откривање на американските подморници на Арктикот.