- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Тој има исклучително стратешки инстинкт. Храбар е до лудило, до безумна дрскост. Со своите коњаници ги дели најтешките одрекувања и најстрашните опасности. За него сите тие се подготвени да бидат исечени на парчиња“, вака во 1920 година Владимир Ленин зборувал за еден од најдобрите команданти на Црвената армија, идниот маршал на Советскиот Сојуз – Семјон Михајлович Будјони.
Роден и израснат на југот на Руската Империја меѓу донските козаци (иако самиот не бил козак), Будјони од детството самоуверено седел во седло. Во редовите на коњичката единица минал низ Руско-јапонската и низ Првата светска војна. Повеќе пати командата го наградувала за храброст покажанa во борбите.
МАММ / МДФ/Russia in photo
Семјон Будјони сонувал за тоа по завршувањето на светскиот конфликт да отвори голема одгледувачница за коњи, но Граѓанската војна која пламнала на урнатините на Руската Империја ги сменила плановите. На крајот некогашниот „вахмистр“ (подофицерски чин) на царската војска кој никогаш не бил жесток револуционер, се нашол во таборот на болшевиците и се посветил на борбата за власт за работниците и на селаните.
Меѓу „црвените“ смелиот коњаник и мајстор со сабја брзо се пробил меѓу челните позиции. Од командант на мал револуционерен коњички одред до летото 1919 година стигнал до командант на големиот Прв коњички корпус. Токму Будјони во борбите во Воронеж на есен истата година ја победил главнината на коњичките сили на белогардејците под команда на генералите Константин Мамонтов и Андреј Шкура.
Sputnik
На 19 ноември 1919 година на база на коњичкиот корпус е основана Првата коњичка армија која станала најмоќна и најславна воена формација во Вооружените сили на младата советска република. Зајакната со стрелачки единици, артилерија, одред оклопни возови и авијациска група, коњичката армија на Будјони успешно го уништувала непријателот на Кавказ и на Крим. Таа ефикасно дејствувала и во првата фаза на војната против Полска, во која Русија на крајот сепак е поразена.
Семјон Будјони беше еден од омилените и најпопуларните команданти на Црвената армија кај народот. Зборот „будјоновец“ се поврзувал со храброст и со смелост, а војничката зимска капа во облик на шлем на старорускиот војник неофицијално се нарекува „будјоновка“.
Sputnik
По завршувањето на Граѓанската војна Семјон Михајлович во целост им се посветил на своите сакани коњи. Поставен е за инспектор на коњичките единици на Црвената армија, работел како уредник на списанието „Одгледување коњи“, придонел за основање одгледувачници на коњи. Будјони се бореше против намалување на бројниот состав на коњичките единици, но притоа не ја отфрлал интензивната механизација на Вооружените сили која наскоро започнала.
На 20 ноември 1935 година на Семјон Михајлович му е доделен чинот маршал на Советскиот Сојуз. За време на „Големиот терор“, масовните репресии кои набргу започнале, настрадале троица од петмина маршали. Будјони успешно го преживеал овој период заедно со својот стар соборец од Првата коњичка армија – народниот комесар (министер) за одбрана маршалот Климент Ворошилов.
TASS
Главниот „коњаник“ во земјата го спасило тоа што практично немал никакви политички амбиции и што не ги сакал канцелариските интриги. Освен тоа, Семјон Михајлович бил прагматичен и далековид човек: кога еднаш застанал на страната на Сталин, тој, како и Ворошилов, му останал предан. „Таткото на народот“ го знаел тоа и ги игнорирал сите дојави кои тврделе дека неговиот „другар и пријател“ Будјони е вмешан во некаква завера.
Семјон Михајлович притоа бил принуден да дејствува во согласност со политиката на власта и да ги поддржува сите иницијативи на водачот. На 11 јуни 1937 година како член на Специјалниот судски совет на Врховниот суд на СССР донел смртна пресуда против маршалот Михаил Тухачевски и низа високи советски воени лица поради учество во „воено-фашистичка завера“.
Анатолий Гаранин / Sputnik
На почетокот на војната против нацистичка Германија на 10 јули 1941 година Будјони е именуван за главен командант на силите на Југозападната насока. Добил задача по секоја цена да го задржи Киев. Поради опасност неговите сили да бидат опколени Семјон Михајлович барал од Штабот на Врховната команда да му дозволи да ја повлече војската на нови положби, но тоа не му било дозволено. На 12 септември како на „паничар“ му ја одзеле командата, а три дена подоцна Германците го затвориле обрачот околу четири советски армии кои ја бранеле престолнината на советска Украина.
Подоцна Будјони командувал со Резервниот фронт и со силите на Севернокавкаската насока, но не успеал да обезбеди ефикасна команда со големи оперативно-стратешки единици во услови на ситуација на фронтот која постојано се менувала. Од 1943 година на маршалот не му била доверена директна команда. Така тој на фактички декоративна положба на командант на коњичките сили на Црвената армија се занимавал со прашања за формирање нови коњички единици, без никаков однос кон водењето борбени дејствија.
Алексей Межуев / Sputnik
По повоеното време Семјон Будјони заземал должност на заменик-министер за земјоделство на СССР за коњарство и одгледување коњи и напишал над 70 трудови на оваа тема. Под негова редакција објавена е монументалната енциклопедија во пет тома „Историја на коњите“. Во Советскиот Сојуз во 1948 година направена е раса коњи која го добила името според маршалот – „будјоновска“.
Како и претходно, маршалот слабо се интересирал за политика, иако во 1954 година во текот на еден ручек си дозволил себеси невнимателно да изнесе критика на сметка на Никита Хрушчов. Будјони тогаш паднал во немилост, што сепак не траело долго. Притоа за својот покровител Сталин Семјон Михајлович дури ни по уривањето на неговиот „култ на личноста“ никогаш не зборувал во негативна смисла.
Владимир Савостьянов / TASS
Последните години од животот Будјони ги минал пишувајќи мемоари за својата служба во Првата коњичка армија. Исто така учествувал на бројни средби со советската младина за која тој бил вистинска легенда на Граѓанската војна.
Починал во 1973 година кога имал 90. Дури и во длабока старост славниот коњаник речиси до самата смрт јавал на своето ждребе од будјоновска раса по име Софист.
Василий Малышев / Sputnik
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа