Извидничкото движење се појави во Русија пред пионерите, уште за време на царот, кон крајот на 1910-тите, но револуцијата го спречи неговиот развој. Во 1920-тите советската влада донесе одлука да работи одделно со младите. За создавање на младинска организација прва проговори Надежда Крупскаја. На крајот на ноември 1921 година таа на повеќе места поднесе неколку реферати „За извидувањето“.
Кога во 1922 година беше создадено пионерското движење, тие навистина позајмија многу од извидниците: рогот, барабанот, поздравот, извидничкото мото „Биди подготвен!“ и одговорот „Секогаш подготвен!“, организацијата на одредите, традицијата на собирање околу оган. И зелената извидничка марама што се носеше околу вратот во СССР стана црвена пионерска марама. Во боја на огнот на светската револуција и во форма на едностран триаголник со основа 100 и висина од 30 см.
И извидничките и пионерските марами беа триаголни. За извидниците тоа беше симболика на трите пата – кон себе, кон луѓето и кон Бога, додека за пионерите трите агли претставуваа три генерации на социјалистичкиот народ: пионери, комсомолци и комунисти.
Советските деца беа учени на ритуали уште од мали нозе. Пред да станат пионери беа „октомвристи“. За да се стане пионер, требаше да се научи напамет пионерската заклетва и да се биде повеќе или помалку добар ученик. Децата стануваа пионери на свеченост, одржувана во училишната сала или во „Лениновото катче“. На крајот на церемонијата, на пионерите им беа свечено врзувани марами околу вратот.
Таквата марама во извесна смисла може да се спореди со пекторалниот крст, кој беше „укнат“ од советската власт. За пионерот, марамата беше светиња и мораше да се чува, пере, пегла и крпи.
Пионерските марами во СССР не беа стандардизирани во однос на материјалот, а ги произведуваа неколку претпријатија. Најпопуларната беше направена од ацетатна свила со врело режење. Значи, не беше шиена, затоа лесно се разрабуваше на краевите. Ако марамата повеќе не беше за употреба или ако некој ја изгубеше, мораше да се набави нова на сопствен трошок и често кришум од сите.
Постарите пионери и педагози, во случај да дознаат за губењето на марамата, можеа да го обвинат ученикот за непочитување на пионерските симболи, што дополнително предизвикуваше сериозни проблеми. Пионерот ќе беше поканет на состанок на кој што ќе се „разгледуваше“ неговиот случај и ќе беше испитувано колку добар ученик е и дали доволно учествува во пионерската работа и слично.
Пионерската марама смееше да биде „осквернавена“ само во еден случај, на денот на заминувањето од пионерскиот логор. Новите пријатели од различни пионерски одреди, откако ќе се запознаеја во кампот, си пишуваа едни на други желби и честитки на пионерските марами, се потпишуваа и цртаа сонца и срца. Марамата потоа беше грижливо чувана со години.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче