Како во Советскиот Сојуз се школувале и се воспитувале децата?

Russia Beyond (Сергей Васин, Всеволод Тарасевич / МАММ / МДФ / Russia in photo)
Советските власти настојувале од секое дете да направат полноправен член на новото комунистичко општество кој би бил од корист на земјата.

Додека во царско време воспитувањето и образованието на децата останувало во рамките на семејството, советската власт ова прашање го ставила под своја контрола. Тоа било особено актуелно во атмосферата на острата поделба на општеството. Во едно семејство можело да има луѓе со револуционерни и со контрареволуционерни погледи. Се сметало дека е важно на детето да му се всади правилен поглед на светот без оглед на ставовите на родителите. Покрај тоа, нивото на образование на поголемиот дел од населението било мошне ниско, па било важно децата да се изведат од орбитата на вообичаениот начин на живот и да му обезбедат општествено искачување во иднината. Впрочем, децата се идните градители на комунизмот.

Училиштата во царска Русија

Училиште во фабрика во Самара, 1895 - 1905.

Пред Револуцијата од 1917 година воспитувањето на децата паѓало пред сѐ на семејството. Родителите сами решавале дали дома ќе организираат настава или ќе ги испраќаат децата на училиште. Во селата, кадешто имало многу деца, постарите често ги воспитувале помладите и воделе сметка за нив, а освен тоа сите уште од детството биле зафатени со полски работи и со грижа за стоката.

Посиромашните родители ги испраќале децата да работат, да кажеме како чираци кај мајсторите. Практично тоа било ропство. Такви бројни примери се опишани и во литературните дела („Меѓу луѓето“ од Максим Горки или „Вањка“ од Антон Чехов).

Во Руската Империја немало задолжително образование, иако за потребата од негово воведување се зборувало уште од осумдесеттите години на деветнаесеттиот век. Имало многу училишта и постојано никнувале нови, меѓутоа одговорноста за организацијата на школувањето (и голем дел од трошоците за неговото функционирање) била на определени региони, срезови и губернии. Ова прашање секој го решавал на свој начин, додека единствен систем за контрола не постоел. Како што немало нити единствена училишна програма, а секој наставник, во зависност од искуството и од образованието одлучувал за што и на кој начин ќе ги учи децата.

Селско училиште, 1910 – 1917 година

Од јасли до училиште, државен систем за образование

Советската власт е прва во историјата на Русија која се занимавала со проблемот на општо воспитување и образование на децата. Прашањето на кој начин и во какви услови детето расте повеќе не се однесувало на семејството, ами веќе станало работа на државата. Всушност, бил воспитуван нов член на советското општество, иден градител на комунизмот. На таква личност било потребно да ѝ се всадат правилни вредности. Таа требало да биде здрава, образована и работоспособна, за во иднина да работи за општо добро.

Училиште во Москва во триесеттите години од минатиот век

Советската власт го регулирала животот на детето веќе од неговите први денови. Па, дури и претходно. Првото трудничко и породилно отсуство во светот е воведено токму во СССР. Работодавачот имал обврска да ѝ исплати на жената надомест пред и по породувањето, без да ѝ дозволи да работи со цел да не се наштети на здравјето на мајката и на детето. Кога детето ќе наполнело еден месец или два (должината на отсуството се менувала, за на крајот на шеесеттите години од минатиот век да достигне една година) жената се враќала на работа каде на секои три часа имала пауза за да го нахрани детето (јаслите за бебињата се наоѓале во самите комбинати и во фабриките, а мајките што ги дојдат децата од погонот оделе накусо кај нив каде што добивале топла напивка со млеко и храна пред секое доење на детето). Тогаш тоа биле неверојатно поволни услови за работните жени, особено со оглед на фактот што претходно поради раѓањето на детето мајките морале да ја напуштат дури и работата, иако тоа за нив значело чиста сиромаштија.

Советската власт започнала активно да шири информации за тоа како треба да се подигаат децата, за да бидат здрави, како да се одржува хигиената. Советските власти на овој начин се бореле против детската смртност, спроведувале превенција на разни болести (како кај децата, така и кај мајките).

По јаслите децата на три години преминувале во бесплатна градинка, а на шест години тргнувале на училиште. Во Русија за првпат, токму по Револуцијата, во 1918 година бил донесен закон за задолжително (и бесплатно) школување на децата. Родителите кои не ги носеле децата на училиште одговарале прекршочно (а, социјалната служба можела и да им го одземе детето). Советската власт тежнеела кон тоа на секое дете да му ги даде неопходните знаења за тоа да стане полноправен член на општеството. Во царско време само децата на имашните родители можеле да добијат врвно образование.

Советската власт изградила таква инфраструктура во која децата на обичните работници и на селаните, доколку сакале, можеле да стекнат добро образование и да постигнат успех (да кажеме, по Ленин сите советски раководители беа од народот).

Детска градинка во Архангељск, 1956 година.

Борба против детското бездомништво

Во царско време грижата за бездомните се водела стихијно. Се отворале прифатилишта кои биле финансирани или од буџетски или од средства на одредени добротвори, за сирачињата се грижела црквата. Во селата за сирачињата биле „задолжени“ роднините.

По Првата светска војна, а особено по Граѓанската војна во Русија многу деца ги имаа изгубено своите родители и само официјално имало околу седум милиони деца без родителска грижа, при што во прифатилиштата имало само околу триесет илјади. Многу деца буквално растеа „на улица“, крадеа, просеа и во перспектива стануваа вистински криминални елементи.

Државата грижата за бездомните деца го презеде под своја контрола. Советските власти ги чекаше „ревизија“ и евиденција на овие деца на кои требаше да им се обезбеди покрив над главата, храна и облека. Беше формирана специјална Детска комисија, и беа отворени голем број прифатилишта и воспитни установи. Специјалните оперативни групи работеа на железничките станици и на пругите, каде бездомниците буквално ги фаќаа и ги носеа на бањање, ги хранеа и ги распоредуваа во прифатилиште. Вкупно 280 илјади вакви деца се наоѓаа во прифатилишта во 1924 година.

Бездомници и пионери на првомајска демонстрација, 1927 година.

Нови системи на предавање

Советското време донесе и нови педагози на кои дел од работата им беше и создавање нов систем на воспитување, практично од нула. Особена слава доби Антон Макаренко. Врз база на колонија за малолетни злосторници тој разви систем на превоспитување прилагоден за деца и предложи негово воведување во општообразовните установи. Своите принципи Макаренко ги изложи во „Педагошка поема“, а неговото име во Русија стана познато.

Антон Макаренко со своите воспитаници, Јалта, 1930 година.

Во стариот систем во училиштата наставникот имаше авторитарна власт над децата, а главниот принцип на Макаренко беше да ги вовлече децата во „заедничка работа“ (да кажеме полесна работа, како чистење на училницата), да ги заинтересира со фактот дека секој е одговорен за себе и истовремено дека тие се одговорни едни за други. Енергијата на детето на овој начин беше насочувана кон општото добро, а тоа се чувствуваше важно и потребно. Освен тоа, Макаренко беше приврзаник кон принципите на „демократија“ во училишната средина, децата можеа да го изнесат своето мислење, да организираат заеднички собири, да избираат претседател на одделенската заедница, ги штитеа новите и малите. Притоа водеше сметка за дисциплината и не се двоумеше во казнувањето на оние кои направиле нешто лошо и го нарушуваа редот.

Кон принципите на демократичност, независност, па дури и на самоуправување, се придржуваше и советскиот педагог Виктор Сорока Росински. Тој го основаше Училиштето-комуна за неприлагодени деца „Ф.М. Достоевски“ кое стана широко познато, благодарение на неговите поранешни ученици Григориј Белиј и Леонид Пантелеев, писателите на култната книга „Република ШКИД“ според која е снимен истоимениот не помалку култен советски филм.

Кадар од филмор „Република ШКИД“

Комунистичко воспитување

Советскиот систем на образование беше комплетно формиран кон крајот на дваесеттите години од минатиот век. Негов главен идеолог беше Надежда Крупскаја, сопруга на Владимир Ленин и заменик на народниот комесар за просвета.

„Задача на училиштето не е само да образува, ами и да биде центар на комунистичкото воспитување“, велеше таа. Воспитувањето на тој начин треба да „влијае на генерацијата деца за да се создаде определен тип човек“. Крупскаја не се сложуваше со методи на Макаренко и на други педагози, но ги користеше принципите како што се самоуправување или заштитништво.

Надежда Крупскаја во 1922 година го започна создавањето на пионерската организација за децата во Советскиот Сојуз. Таа изникна од руското извидничко движење, основано уште за време на Николај Втори, односно во 1908 година. Меѓутоа, важно беше пионерската организација според формата да биде извидничка, а според содржината комунистичка. Младите пионери беа воспитувани во духот на „преданост на советската татковина, на пролетерскиот, социјалистичкиот интернационализам, на освестениот однос кон работата и кон јавното добро, владеењето со духовна култура, непомирливоста кон сето она што е туѓо за социјалистичкиот начин на живот“.

Надежда Крупскаја во друштво на пионири, 1927 година.

На пионерската организација масовно ѝ се приклучуваа учениците од десет години. Пионерската организација всушност им всадуваше на децата морални норми, да учат добро, да бидат чесни, вредни, да ги почитуваат постарите. Активно беше промовиран духот на другарство, на помош, посилните ученици мораа да им помагаат на послабите. Пионерите исто така им помагаа на постарите и осамени луѓе, собираа стара хартија и интензивно учествуваа во животот на земјата. „Икона“ и главен симбол на пионерската организација, покрај црвената марама, беше и Владимир Ленин. Пионерите во поворки носеа негови портрети, положуваа цвеќе на неговите споменици и дури држеа почесна стража во мавзолејот на Ленин. Инаку, пред да станат пионери, децата на седум години се зачленуваа во „октомврици“ и добиваа значка со ѕвезда и со портретот на Владимир Ленин како момче. Девизата на пионерската организација беше „секогаш подготвен да се борам за работите на комунистичката партија на СССР“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња