Зошто во стара Русија имало толку малку камени градби?

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Во Русија постојат само неколку градби кои датираат од XII-XIII век и тоа се релативно мали цркви и храмови. Наспроти тоа, во Европа, џиновски камени градби како замокот Елц или дворецот Алказар биле изградени уште во VIII-IX век. Постојат три конкретни причини за ова.

Во Русија имало само неколку каменоломи

Континентална Русија не е планинска земја. Во старо време имало само неколку каменоломи, а транспортот на камени плочи од нив до градовите и населбите бил исклучително тежок и скап. Затоа дури и руските кнезови ги граделе своите тврдини и палати од дрво, кое во Русија го имало и го има во изобилство.

Залихите на дрво во Русија се речиси бесконечни

Дури и по стотици години изградба на милиони изби, тврдини, цркви, во Русија има дрво во изобилство. Секој Русин од старо време знаел да направи изба, згора на тоа - избата можела да се расклопи, пренесе на друга локација и повторно да се состави. Меѓутоа, немало потреба да се прави тоа, бидејќи во секое село и град можело да се купи нова изба - или да се отиде во шума, да се исечат стебла и да се направи.

Монголско-татарската инвазија ја оштетила руската градежна традиција 

Монголско-татарска инвазија што се случила во XIII-XIV век била голем удар за сите руски индустрии, кои дотогаш само што почнале да се формираат. Отприлика една третина од населението било збришано, а најголема штета претрпеле најразвиените градови како Киев, Рјазан, Владимир. Инвазијата физички ги уништила повеќето професионални руски градители и архитекти од тоа време.

По инвазијата биле потребни околу 200 години пред да продолжи камената градба во Русија, кон крајот на XV век. Кога големиот италијански инженер Аристотел Фиораванти пристигнал во Москва во 1480-тите, открил дека Русите не знаат да прават дури ни обични тули.

Кога Петар Велики го основал Санкт Петербург во 1703 година, тој привремено ги забранил сите камени градби во Русија, освен во новата престолнина. Забраната не била строго почитувана, но имала ефект: повеќето руски каменорезачи отишле во Санкт Петербург да бараат вработување. Проблемот со материјали не бил толку акутен во Санкт Петербург, кој се наоѓа во близина на бројни каменоломи во регионот. А системот на крепосништво, кој веќе бил во полн ек, овозможувал побрз транспорт на каменот благодарение на работата на закрепостените селани.