Неверојатни елементи во изведба на советски и руски гимнастичарки (ВИДЕО)

Гимнастичарката Олга Корбут

Гимнастичарката Олга Корбут

Дмитриј Донској/Sputnik
Неуспехот во изведувањето одделни елементи можеше да заврши трагично, меѓутоа спортистките не отстапија пред таквата опасност.

Салтото на Корбут

„Секогаш се плашев од салто. Да да да! Дури и кога го совладав до степен на автоматизам, секогаш, до последниот ден во натпреварувачките спортови, му приоѓав на разбојот и срцето ми паѓаше во бездната на стравот. Нозете како да се од памучна волна, вртоглавица и слабост со гадење“, напиша советската гимнастичарка Олга Корбут во својата автобиографија.

Четирикратната олимписка шампионка Олга Корбут за прв пат во Минхен 1972 година го изведе елементот кој подоцна беше наречен по неа. Изведувајќи ја програмата на двовисински разбој, таа застана на горната шипка, направи салто наназад и повторно со раце ја фати повисоката шипка.

Подоцна изведбата на овој елемент беше забранета бидејќи во изменетите правила беше забрането стоење на шипката. Се верува дека со стоењето со нозете на шипката се расипува ритамот и темпото на настапот. Но, поединци тврдат дека елементот е забранет токму затоа што неговата изведба е многу опасна.

Салтото на Мухина

Трикратната светска шампионка и четирикратната шампионка на Европа Елена Мухина го усоврши салтото на Корбут, што само по себе беше тешко. Елена му додаде целосно вртење околу својата оска за време на салто наназад. Подоцна и тој елемент беше забранет.

Мухина важеше за една од најперспективните гимнастичари во репрезентацијата, но доживеа трагедија што ја спречи да учествува на Олимпијадата. За време на подготовките за Олимпијадата 1980 година таа се обиде да изведе Томасово салто. Станува збор за елемент од машката гимнастика, се изведува така што гимнастичарот прави салто и половина наназад со свртување од 540 степени и доскок со главата надолу во колут. Мухина се здоби со повреда на 'рбетот, по што остана доживотно врзана за инвалидска количка. Денес сите елементи со доскок во колут се забранети (и во машка изведба).

Скокот на Продунова

Елементот го доби името по Елена Продунова, која освои сребро на Олимпијадата во 2000 година. Се изведува така што гимнастичарката после залетот се одразува од отскочната штица кон коњот за прескок, се оттурнува со рацете од него и прави две и пол салта напред. Елена се подготвуваше 8 години за тој елемент, дури и нејзиниот тренер мислеше дека нема да може да го изведе. Но, Продунова го изведе тој скок идеално на Летната универзијада во 1999 година.

Елементот не е забранет, но досега само 5 гимнастичари успеаја да го изведат.

Прелетот на Шапошникова

Тоа е прелет од долната шипка на горната од потпирање на раце. Елементот именуван по двократната олимписка шампионка Наталија Шапошникова е дозволен и многу врвни гимнастичари го користат на натпреварувањата. Спаѓа меѓу најкомплексните елементи во настапот на разбој.

Доскокот на разбој на Мустафина

Двократната олимписка шампионка и трикратна светска шампионка Алија Мустафина смисли и изведе два нови елемента. Еден од нив е дкскок од двовисински разбој со двојно салто наназад со свртување од 540 степени.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња