По 11 години првенка на светот во спортска гимнастика повторно е Русинка: Која е Ангелина Мелникова?

Legion Media
Мелникова е апсолутна светска првенка во спортска гимнастика. А ангелската насмевка ѝ ја донесе титулата на суперѕвезда далеку надвор од кругот на љубителите спортската гимнастика.

Ангелина Мелникова е првата Русинка после 11 години на тронот на светската првенка во спортска гимнастика во женски повеќебој поединечно. Златниот медал на првенството во Јапонија го освои на 21 октомври 2021 година и стана апсолутна шампионка на светот во спортска гимнастика.

Русинката која пред Мелникова е овенчана со оваа титула е Алина Мустафина (2010 година). Потоа победува исклучиво Американките на чело со петкратната шампионка на светот Симон Бајлс. 

„Некаде во длабочината на душата, секако дека сметав на тој медал. Сфатив дека на првенството на светот нема да бидат најдобрите гимнастичарки. И тоа навистина беше мојата шанса, иако во борбата против Американките беше навистина страшно“, открива Ангелина.
Мелникова претходно годинава го освои златото во екипно натпреварување на Олимпијадата 2020 во Токио.

Ангелина е родена во Воронеж на 18 јули 2000 година, пишува „Комсомолскаја правда“. Била многу активно дете. Родителите прво ја запишале на танц и со само шест години на спортска гимнастика.

„Кога првпат влегов во салата за спортска гимнастика, ги видов девојчињата како изведуваат разни елементи и посакав и јас да можам да го правам истото. Од тој момент се роди мојата љубов кон гимнастиката“, се присетува Мелникова на својот профил на „Инстаграм“.

На својот прв меѓународен турнир L'International Gymnix во Монтреал го освои златниот медал во екипен пласман и сребро во повеќебој и вежби на разбој, како и бронза на партер. Истата година учествуваше на јуниорскиот шампионат на Европа и го освои златото во повеќебој екипно и поединечно и на греда.

Пред Олимпијадата во Рио де Жанеиро во 2016 година имаше повреда на колкот. Според нејзиниот тренер Вера Колесникова, таа дури не можела ниту да се истегне ниту да ги рашири нозете, но и покрај тоа учествува на натпреварувањето и освојува сребро во екипен пласман.

„Ништо страшно, не се нервирај, дури и кога паднав од гредата требаше да се борам за секоја десетинка на поенот. Не ги гледам другите, се фокусирам на себе“, изјави руската гимнастичарка за својот настап  за телевизиската станица „Вести Воронеж“.

Потоа Мелникова продолжи да се натпреварува на првенствата на Русија, Европа и светот и доби повеќе од десет медали во разни дисциплини.

За својот спортски пат зборуваше во документарецот на Олимпискиот канал All-Around во кој се појавува заедно со американската гимнастичарка Морган Хурд и кинескињата Чен Иле.

На Олимпијадата во Токио Мелникова стана капитен на руската женска репрезентација во спортска гимнастика и го освои златото во пласман во повеќебој екипно, како и бронзен медал во повеќебој поединечно и во вежби на партер.  

„Кога ќе станеш олимписки шампион, имаш чувство дека си направил сé што си можел. Сакаш да се вратиш дома што е можно поскоро. Кога не си дома и си под таков притисок, емотивно си истрошен по натпреварувањето, сакаш да си ги видиш роднините, пријателите, да си легнеш во својот кревет“, изјави Мелникова за РИА „Новости“ по Олимпијадата.

Ангелина во слободно време сака да слика и да дизајнира облека. Во 2018 година таа лансира свој бренд на костими за гимнастика. Покрај тоа, таа учи и англиски и вози сноуборд. Признава дека е многу чувствителна и дека тажен филм може лесно да ја расплаче.

Иако има само дваесет и една година, признава дека понекогаш се чувствува исцрпено по бројните натпревари и тренинзи.

„Во себе чувствувам дека сé уште имам сила, но, да бидам искрена, веќе имам чувство дека малку се уморувам, бидејќи по натпреварите сум навистина истоштена. Чувствувам дека телото треба да се одмори. Во текот на сите овие години моето тело навистина многу се умори“, вели Мелникова.

Сепак, таа планира да учествува на Олимпијадата во Париз во 2024 година.

„Ќе тргнам од своето расположение, што за мене е многу важно. Плус здравјето – тоа е уште поважно“, вели гимнастичарката.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња