Во Петербург првите електрични трамваи возеа по мраз!

Историја
ЈУЛИЈА ХАКИМОВА
Да, токму така, првите електрични трамваи во Санкт Петербург сообраќаа по замрзнатата Нева. Дури по дванаесет години трамваите почнаа да возат и по петербуршките улици.

Имено, на крајот на деветнаесеттиот век, монополот на трамвајскиот транспорт на улиците на тогашната руска престолнина го имаше приватно претпријатие, друштвото на железнички пруги со коњска запрега. Тоа потпиша концесија со Градската Дума, според која властите сé до 1902 година не можеа да пуштат во сообраќај електричен трамвај во центарот на градот, иако успешно го тестираа уште во 1880 година.

Меѓутоа, во документацијата немаше споменување на реки. Користејќи го овој факт, во 1894 година Финското друштво за лесна пловидба и Друштвото за експлоатација на електрична енергија на М. М. Подобедов и Кº пуштија во сообраќај по реката Нева електрични трамваи.

Се користеа само во зимскиот период. Шините и праговите беа поставувани под агол на мразот, додека контактната жица се наоѓаше горе. Столбовите на електричните водови се фиксираа и замрзнуваа во мразот. Трамваите се движеа со брзина од дваесет километри на час.

Во периодот од јануари до март трамваите сообраќаа на четири линии. Во текот на сезоната превезуваа до 900 илјади патници. А на топло време по таа рута одеа траекти.

Според истиот модел, во 1899 година стартуваше транспортот во Нижни Новгород, по мразот на реката Ока, а во 1917 година и во Архангелск, по замрзнатата Северна Двина.

Во Санкт Петербург трамваите сообраќаа на мраз од зимата 1895 година до зимата 1910 година. И ниту еден не пропадна низ мразот. А првата линија на копнениот електричен трамвај во градот стартуваше дури во 1907 година, пет години откако мрежата железнички пруги со коњски запреги стана сопственост на градот.