Сé до 1950-тите историчарите веруваа дека храмот „Покров на Пресвета Богородица на Ровот“ (попознат како храмот „Св. Василиј Блажениот“) бил изграден од двајца неимари - Постник (или во некои документи Посник) и Барма. Оваа претпоставка се покажа како погрешна и дека е, судејќи според сé, последица на грешка на препишувачот.
Во списанието „Советска археологија“, казанскиот историчар Николај Калинин во 1957 година го наведе документот на кој се заснова овој широко распространет мит. Во ракописниот зборник преданија, напишан кон крајот на XVII и почетокот на XVIII век од разни писари, се наоѓа „Повеста за пренесувањето на чудотворната икона на Николај Чудотворец“. Тоа е иконата што царот Иван ѝ ја подарил на новоизградената црква во 1556 година. Во тој текст (кој, да напоменеме, го напишало непознато лице не се знае кога) има дел за тоа дека царот „смести... црква камена во близина на мостот на Флоровската (денес Спаската – заб. на уред.) капијата на Кремљ над ровот. А потоа Бог му дари двајца руски мајстори, по име Постник и Барма, кои беа премудри и вични за таква чудесна работа“.
Николај Калинин толкува дека изразот („според реченото“) кој се користи за да се означат имињата на неимарите укажува дека се работи за прекари. Имено, овој израз во староруските споменици се појавува пред прекарот на личноста, а не пред неговото име. Тоа значи дека во записот најверојатно дошло до некаква грешка. Притоа е познато дека Постник е сосема извесно име, бидејќи се среќава повеќе пати и во други документи, како и дека се работи за агент за неимар.
Во 1555 година на неимарот Постник Јаковлев му била доверена изградбата на Казанскиот кремљ. Според царскиот указ од 15 декември 1555 година, тој бил испратен во Новгород кај локалните началници Фјодор Еремеев и Кезарин Дубросавски. Царот им наредил на разни чиновници „неимарот на цркви и тврдини Постник Јаковлев со нивна помош до пролет во Казан да започне со изградба на нов камен Казан, избирајќи двесте псковски градители, каменорезачи и каменокршачи колку што е потребно“.
Покрај тоа, постои уште еден текст за изградбата на црквата „Покров на Ровот“ половина век постар од текстот во кој се спомнуваат „двајца руски мајстори по име Постник и Барма“. Тоа е „Рускиот летописец од почетокот на Руската земја до доаѓањето на престолот на царот Алексеј Михајлович“ од првата половина на XVII век: „Истата година (1560) по наредба на царот и господар и великиот кнез Иван започна изградбата на заветната црква, која вети дека ќе ја изгради по освојувањето на Казан, посветена на Троица и Покровот со седум дополнителни олтари, кои се нарекуваат „на ровот“, а мајстор беше Барма со другарите“. придружници“. Овде, како што можеме да видиме, Барма е наведен како единствен неимар.
Сè укажува на тоа дека Постник и Барма се една личност. Како го знаеме тоа? Во ракописната верзија на „Судебник“ (рускиот законик од тоа време) од 1550 година го има следниот запис: „Судебник стрјапчија на Соловецкиот манастир и московскиот службеник Дружина син на Тарута син на Посник, наречен Барма, го доби Иван Максимов, вологодски цариник во 7141 година“. Што значи дека во 7141 година од создавањето на светот (1633 по Христос) чиновникот на Соловецкиот манастир и московски службеник Дружина му го дал овој примерок на Судебник на Иван Максимов. Дружина наведува дека тој е син на Тарута, кој бил син на Посник по прекар Барма. Историчарот Николај Калинин претпоставува дека се работи токму за неимарот на црквата и дека Дружина со причина наведува чиј внук е.
Тоа е сосема логично, бидејќи внукот на Постник Барма заземал многу висока позиција во општеството. Имено, тој бил „стрјапчиј“, односно претставник во московските судови и министерства на Соловецкиот манастир кој поседувал огромни површини земја, што била почитувана должност која носела високи приходи, а покрај тоа, бил и службеник на московскиот цар (граѓански или воен). Севкупноста на горенаведените факти укажува дека Постник и Барма веројатно се една иста личност, позната и барана во Русија во тоа време. Името на Постник, по неговото праќање во Казан, повеќе пати се споменува во казанските ракописни книги, во списоците на имотот на чиновниците. Можно е да се работи токму за Постинк Барма.
Тешко дека таква почитувана личност како Постник Барма била ослепена по завршената работа. Освен тоа, тој продолжил да работи и по изградбата на црквата „Св. Василиј Блажениот“, меѓу другото, во Казан. А судејќи по примерокот на „Судебникот“, која му припаѓала на внукот на Постник, тој бил познат и почитуван и по неговата смрт. Тоа значи дека е малку веројатно дека таков човек да бил ослепен, протеран или подложен на некој друг вид на царска немилост.
Легендата за „ослепувањето на неимарот“ нема пандан во руската историја. Затоа се претпоставува дека има европско потекло. Во Русија е позната од првата половина на XVII век. А за советскиот читател е препознатлива од песната „Неимари“ (1938) на советскиот патриотски поет Дмитриј Кедрин, каде што ги има следните стихови: „И праша добротворот: „А можете ли да направите поубав, // попрекрасен храм од овој, велам?' // И, кимнувајќи со главата, одговорија неимарите: „Можеме! // Само заповедај, господару!' И му паднаа пред нозе на царот. // И тогаш царот нареди да се ослепат неимарите // за да во земјата негова стои само една таква црква, // како во суздалскиот крај, и рјазанскиот и другите //да не би постоел храм подобар од храмот Покровски!“
Читателите генерално се склони да веруваат во убави и страшни приказни, а ако приказната уште е изложена и во стихови, таа уште подлабоко се врежува во свеста. Затоа не е невообичаено што во ХХ век меѓу народот повторно заживеа легендата за ослепувањето на неимарите, успешно обработена од поетот Кедрин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче